Регион

Поради Сребреница хакирана веб-страница на српско министерство

Скриншот од хакираната веб-страница на Управата за јавен долг на Србија на 16 јули. Фото: 021.rs.

Турската група Cyber Warrior Tim Akincilar, ја хакираше во петокот веб-страницата на Управата за јавен долг на Србија. Се претпоставува дека групата ова го направила во знак на протест против српското негирање на геноцидот во Сребреница.

На насловната страница на сајтот на Управата за јавен долг, хакерите објавија фотографија од сала полна со ковчези, на која беше испишан бројот 8372 – референца на бројот на убиени Бошњаци од страна на  силите на босанските Срби, во геноцидот во Сребреница, извршен во јули 1995 година, објави српскиот портал 021.

Над фотографијата беше напишан зборот „Unutmadik“, што на турски јазик значи „Не сме заборавиле“. Ова се однесува и на зборовите на првиот претседател на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, кој своевремено изјави: „Никој не смее да заборави, затоа што заборавениот геноцид се повторува“.

Попладнето, фотографијата објавена од хакерите е отстранета, а веб-страницата на Управата за јавен долг повторно е пуштена во функција.

Српските власти не прифаќаат дека масакрите и депортациите на Бошњаците од Сребреница претставуваат геноцид, и покрај пресудите на меѓународните судови.

Хакерската група Cyber Warrior Tim Akincilar, на својата веб-страница наведува дека е основана во 2001 година и дека се бори против „нападите врз нашата вера и моралните вредности, постапките против нашата држава и нашата земја и настаните што негативно влијаат на општеството и јавната совест“.

Често се спомнува дека Cyber Warrior Tim Akincilar е поврзана со турските националистички групи. Името „Akincilar“ се однесува на специфични единици на османлиската војска.

Во претходните години, хакери од оваа група нападнаа грчки државни страници, како што е страницата на грчкото Министерство за надворешни работи (во септември 2020 година), но и веб-страниците на холандската влада (2018 година) и страниците на владините институции во Египет ( 2019 година). Овие земји имаа несогласувања со турската влада во времето на хакерските напади.

Групата, исто така, го хакираше сајтот на францускиот сатиричен магазин, Шарли Ебдо, во 2011 година, откако списанието објави контроверзна карикатура на пророкот Мухамед.

Досега, Хашкиот трибунал и судовите на земјите од Балканот, за злосторствата во Сребреница, осудија вкупно 48 лица на повеќе од 700 години затвор, плус пет доживотни затворски казни.

Последниот што е осуден е командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој минатиот месец, за геноцид и други воени злосторства, доби казна доживотен затвор.