Регион

Поранешен српски полицаец ослободен од обвиненијата за убиство на четворица Албанци

Бахрие Садику, Митровица

Зоран Вукотиќ (во средина) пред Основниот суд во Митровица. Фото: БИРН

Основниот суд во Митровица во среда го ослободи поранешен полициски резервист, Зоран Вукотиќ, од обвинението дека извршил воени злосторства над цивилното албанско население во Косово, во кои се вбројуваа и четири убиства.

Судот заклучи дека Вукотиќ не е виновен по обвинението дека ги претепал, а потоа и убил цивилите Енвер Рустоли, Хамдија Фазлиу, Авдуала Фазлиу и Фахредин Фазлиу, во домот на семејството Фазлиу во Вучитрн, на 5 мај 1999 година.

Вукотиќ, исто така, беше ослободен од обвинението за учество во нелегално затворање на 17 цивили во зградата на земјоделската задруга во Вучитрн.

Обвинителството тврдеше дека затворениците биле намерно подложени на нечовечки третман и тортура и дека претрпеле тешки физички и психолошки повреди.

Вукотиќ беше ослободен и од обвинението дека намерно и насилно ограбил пари, злато и други скапоцени предмети, од осум албански цивили.

Во обвинението беше наведено оти Вукотиќ, заедно со уште еден полицаец, облечени во српски униформи и вооружени со ножеви, пиштоли и пушки, нападнале цивили.

Во завршните зборови, обвинителот Пол Флин, истакна дека е докажано оти единствената причина за воените злосторства извршени од страна на Вукотиќ била етничката омраза.

„Фактот дека обвинетиот учествувал во убиство на четири лица … и веднаш потоа продолжил да врши други злосторства, без очигледна загриженост поради веќе извршените злосторства, јасно ја открива неговата личност и неговиот став кон човечките вредности“, рече Флин.

Вукотиќ се изјасни дека не е виновен. Кога обвинителот во понеделникот го праша за убиствата на четворицата Албанци, Вукотиќ одговори дека ниту знае, ниту чул нешто за овој случај, дури ни од своите колеги полицајци.

На Вукотиќ и натаму му се суди по две други обвиненија.

Тој во ноември 2016 година беше екстрадиран во Косово од Црна Гора.