Анализи

Портрет на Мијалков: Брат за брат, оставката за спас на братучедот!

Стана „парадигма“ за општествена моќ како личност што ги обединува сите важни „предуслови“ за тоа – братучед на премиерот, моќен „голем брат“ во тајната полиција и наводно богат… Само пристојна временска дистанца ќе покаже дали крвното сродство со премиерот на Сашо Мијалков му било предност или многу повеќе хендикеп во професионалната кариера. 

Тој е функционер со најмалку спомнувано име, бидејќи името „Сашо“ на јавноста не ѝ значеше никаква конкретна политичка персонализација

Тој е функционер со најмалку спомнувано име, бидејќи името „Сашо“ на јавноста не ѝ значеше никаква конкретна политичка персонализација

Не знаеме дали во текот на кариерата во практика ги потврдил сите негови безбедносни проценки, но со сигурност си ја потврди омилената изрека – дека „каменот не доаѓа од далеку, туку од блиску“. Само пристојна временска дистанца ќе покаже дали на „најпознатиот братучед во Македонија“, крвното сродство со премиерот му било предност или многу повеќе хендикеп во професионалната кариера.

Тој е функционер со најмалку спомнувано име, бидејќи името „Сашо“ на јавноста не ѝ значеше никаква конкретна политичка персонализација. Но, доволно беше да се спомене неговото презиме „Мијалков“ и веќе секој да знае за кого станува збор. Презимето, кое го имаат илјадници граѓани во земјава, стана синоним само за еден човек и за една исклучително моќна позиција. Стана мит.

Неговите почетоци не навестуваа митска иднина. Роден е пред 50 години во Скопје, на „15 септември“, денот кој ВМРО-ДПМНЕ подоцна го претвори во синоним за неисполнетите предизборни ветувања на Црвенковски дека ќе вработи по еден член од секое семејство. Мијалков немаше проблеми со своето вработување. Со диплома во џебот од Економскиот факултет во Прага, со тамошна магистратура во областа на бизнис администрација (1994), но и со диплома од Економскиот факултет на УКИМ (1998), случајно или не, синот на првиот министер за внатрешни работи на независна Македонија, Јордан Мијалков, својата кариера ја започна во безбедносните структури. Од 1998 до 2000 година беше помошник-министер за одбрана и безбедносно разузнавање во Министерството за одбрана, од 2000 до 2001 година советник на министерот за одбрана, а до 2003 година – државен советник за безбедносни прашања во Владата. Функцијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање ја извршуваше од 29.08.2006 година сѐ до вчера, 12. 05. 2015 година, кога си поднесе оставка.

Сопругот на успешната и позната македонска балерина, Александра Мијалкова, вчера ја спушти завесата на неговата сцена.

Кому му прогледал низ прсти?

За влијанието на Мијалков врз Груевски и досега се ширеа многу митови. Мијалков, Груевски и Јанкуловска на отворање на Центарот за обука на пилоти / Фото: МИА

Денес сосема релевантно можеме да тврдиме дека оставката на Мијалков е резултат на негова грешка или компромис во работата. Таков комодитет ни даде тој лично, со последното, а можеби и единствено интервју во неговата кариера, дадено во ноември 2013 година. На прашањето на „Дневник“ – дали поради политички притисоци, домашни или странски, бил во ситуација некому да му прогледа низ прсти, Мијалков одговари: „Во оној момент кога поради притисоци ќе треба некому да му се прогледа низ прсти, мојата оставка ќе биде ковертирана. Тоа би значело дека веќе немам ниту сила, ниту волја да се борам за работите во кои верувам и кои сметам дека се правични. Засега тој момент е далеку. Не можам да кажам дека немало притисоци, но секогаш сум се чувствувал доволно силен за да им одолеам“.

По нецели две години оставката падна. Моментот и не е толку далечен од изреченото. Кому Мијалков му прогледал низ прсти, штом дошол моментот да ја ковертира оставката? Дали повеќе не бил силен за да им одолее на последните притисоци, и од кого доаѓале тие – од премиерот, од „бомбите“ на опозицијата, од коалициските партнери, од странските амбасадори, од пропустите во безбедносниот систем или од сѐ заедно? Во истото интервју, новинарот констатира дека „во почетокот на новата деценија, безбедносните служби беа како швајцарско сирење“ и го прашува Мијалков – дали е можно такво нешто да се повтори. Шефот на УБК децидно одговара: Не!

„МВР и УБК се во подобра кондиција од кога било…Тоа што го затекнавме во 2006 година беше во најмала рака срам и вџашувачко. Никаков систем на кариера, застарена организациска поставеност, централизираност и оддалеченост од граѓаните. Како некој намерно да сакал да ги девалвира службите, а преку нив да ја влоши и позицијата на земјава. На ниво на цело МВР имаше помалку од 500 компјутери, а сѐ уште се возеа автомобили „застава 101“ и „голф 2“. Во овие седум години целосно го обновивме возниот парк, набавивме 4 хеликоптери, реновиравме полициски станици, го имплементиравме проектот „Безбеден град“, воведовме 24-часовен видео надзор на сите гранични премини, го инсталиравме ТЕТРА-системот, инвестиравме милион евра во крим-технички лаборатории и реализиравме уште многу проекти и реформи во системот. Разликата е повеќе од очигледна“, изјави Мијалков пред една и пол година.

За волја на вистината, Јанкулоска во наводните разговори што ги објави опозицијата, презентираше и друга слика – дека полицајците немаат униформи и дека спијат на ќебиња со ознака „ЈНА“, а заедно со Мијалков се согласија и дека „немаат кадри ни за леталата, ни за хеликоптерите, ни за техниката“: „Види Горде, од УБК одат многу луѓе у пензија, оперативата ни е многу опадната, а работата т.е обемот на работа многу зголемен…Ние мораме да направиме оператива, што значи, мене едно 100 души за УБК ќе ми требаат само за оператива, да знаеш…Од следење ни отидоа луѓе, од репродукција ни отидоа луѓе, значи неопходни ни се луѓе, не можеме да работиме…“

Кој е повлијателен?

Дали поради ваквите состојби безбедносниот систем, сепак, станал „швајцарско сирење“, што отворило „дупки“ за да се случат настани како последните во Гошинце и во Куманово, ќе открие некоја натамошна истрага. Но, во сферата на политичкото, се шират сомнежи дека власта креирала сценарио за да се дефокусира вниманието од политичката криза, само за да може да го ресетира својот „патриотски имиџ“. Дека ваквите играрии во Македонија не се нови, откри Викиликс преку дописот испратен до Вашингтон од американскиот амбасадор во Скопје, Филип Рикер, во август 2009 година. Само една година откако во 2008 влегоа во владина коалиција, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, му се пожалил на Рикер од коалицискиот партнер Никола Груевски и од неговиот братучед Сашо Мијалков.

„Премиерот Груевски е многу млад и неговата младост се одразува врз одлучувањето“, му рекол Ахмети на Рикер, на средба во семејното бачило на Ахмети на падините на Шара, одржана по прославата на осумгодишнината од Охридскиот договор. Лидерот на ДУИ изразил и загриженост дека Мијалков има преголемо влијание врз својот братучед.

„Тој е загрижен дека Мијалков има контакти и желба да ги провоцира тврдите албански елементи во Македонија да создаваат проблеми, кои Мијалков може да ги искористи за да оправда поширока акција против албанската етничка заедница“, напишал Рикер во дописот до Вашингтон.

За влијанието на Мијалков врз Груевски и досега се ширеа многу митови. Според владини кругови, сепак, релацијата е обратна. Таа сведочи не само за цврста врска од роднинска природа, туку и за меѓусебно разбирање и координирање. Но, меѓу братучетската двојка, сепак, Мијалков е тој кој важи за човек со кого може нормално да се разговара, кој слуша и прифаќа аргументи, за разлика од Груевски когошто го сметаат за исклучива и суетна личност, која не прифаќа поинакво мислење од неговото. За односите со братучедот-премиер, Мијалков пред една и пол година изјави дека политиката меѓу нив ништо не сменила, освен што имаат многу помалку време да се видат и да разговараат приватно: „Оттогаш (2006 година) за мене тој, пред сѐ, е претседател на Владата и обврските налагаат да им се дава предност на професионалните прашања, отколку на приватните“.

Богато бизнис-портфолио?

Освен за моќта на човекот што извира од челната функција во УБК, која го прави потенцијален познавач „на сите тајни на секој граѓанин“, за Мијалков беа врзувани и голем број индиции дека има богато „бизнис портфолио“, не само во Чешка, каде што повеќе години наводно се занимавал со градежно претпримништво, туку и во разни оф-шор дестинации каде што неговиот наводен имот е затскриен зад имињата на новата ВМРОвска олигархија. Во јавноста е перципиран како урбан мангуп, љубител на луксузни автомобили, на луксузни патувања до егзотични дестинации и на бонвивански начин на живот, далеку од очите на домашната јавност. Неговите познајници би рекле дека тоа е создаден мит „Мијалков е голема непознаница“, токму поради функцијата која не му дозволува јавно да се експонира, па луѓето сами си ја конструираат сликата за него. Други би се заколнале дека биле сведоци како заради неговата интима се затворени вратите на некој луксузен ресторан или дека тукушто депонирал на тајна сметка некое ново милионче. Стана главен таргет за критика, како „парадигма“ за моќта и влијанието во општеството, како личност што ги обединува сите важни „предуслови“ за тоа – братучед на премиерот, моќен „голем брат“ во тајната полиција, наводно богат…

Кога заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шеќеринска, го повика јавно да проговори за неговите бизниси, тој одговори: „Шеќеринска ме обвини за бизнис што го поседувам многу години пред да стапам на функцијата. Многу луѓе ме познаваат и во Македонија и надвор од земјава, и знаат кога и колку сум бил дел од приватниот бизнис. Нема никаков сомнеж за мое противзаконско работење во Македонија и во странство. Нема ниту конфликт на интереси. Законот не забранува функционер претходно да поседувал приватен бизнис“.

Во 2011 година, Љубе Бошкоски, побара Мијалков кривично да се гони.

„Огромни суми пари со авиони на Чех Ерлајнс се изнесуваат од Македонија и завршуваат во една чешка банка“, обвини лидерот на Обединети за Македонија. СДСМ, пак, презентираше документи, според кои, Мијалков во период од помалку од две години 16 пати бил во Прага на државна сметка. Партијата покажа фактури од аеродромот Александар Велики адресирани до МВР, кое ги платило услугите на ВИП-салонот, користен од Мијалков пред или по летовите од скопскиот аеродром. Владејачката партија одговори дека тврдењата на опозицијата имаат цел лично да го дискредитираат Мијалков со „манипулации и стопати повторени инсинуации“!

Досега ниту едно од овие обвинувања не е докажано во институционална постапка. Тоа денес наликува на невозможна мисија, особено по објавувањето на „бомбите“ кои сведочат дека Мијалков, наводно, има огромен удел во изборот на кадри во судството и обвинителството. По девет години на власт и докази кои можат да станат дел од судска постапка против него, денес е тешко да се поверува дека Мијалков ќе добие улица со неговото име во Скопје, каква што доби неговиот татко. Но, едно е сигурно. Неговиот лик останува врежан на градите на штипјанецот Ангеле Зафировски (61). Го истетовира во знак на благодарност што му го спасил животот, овозможувајќи му во Скопје да го лекуваат врвни специјалисти за тешката болест на грлото. Оваа приказна покажува и друга, за јавноста непозната страна на Мијалков. Хуманоста е врвна човечка доблест. Но, ако се обидеше да ја покаже кон сите граѓани на Република Македонија, барем низ призмата на функцијата, денес немаше да зборуваме за неговата оставка.