Анализи

Поштата без адреса за реформи

Оптимизам има, но не и доволно пари и јасен план

Од хаосот во државната пошта не излегуваат сите како губитници. Скопјанецот Игор Димовски може да се пофали дека лани од Германија нарачал две плочи од хеви-метал групата „Металика“, а преку Пошта му стигнале двојно повеќе, четири. До душа, добил по две копии од двата албума и затоа ги почестил роднините со дупликатите.

Но, искуството на Димовски е далеку од позитивно.

Ги изначекал плочите заглавени во депоата на поштата, а двојната добивка се должи само на тоа што Германците биле љубезни и бесплатно му го препратиле пакетот, убедени дека претходниот се изгубил.

По четири месеци, дури пролетва ги добил двата пакета со лонгплејки и едно извинување.

„Што да правам, немаме луѓе“, се засрамил поштарот.

Хроничнo лошата состојба на Пошта на Северна Македонија често испорачува слични оправдувања.

И како што обично бива, коренот на проблемите и тука е финансиски. Поштата, според директорот Орхан Куртиши, има собран долг од речиси седум милиони евра.

Финансиските обврски сериозно ѝ отежнуваат да ја врши и важната улога на универзален разнесувач. За разлика од приватните пошти, државната е законски обврзана да доставува пратки по ниски цени дури и до најоддалечените рурални места, така што пратка од 36 денари понекогаш поштата ја чини дури 2.000.

„Оваа обврска резултира со годишна загуба од 4,5 милиони евра“, вели Куртиши.

„Еден човек да има во селото, мора да му однесеме пошта по ниска цена.“

По политичките промени од минатото лето, новото раководство почна да ги гаси пожарите низ претпријатието. Меѓутоа, впечаток е дека вниманието и посветеноста што ги инвестираат властите во поштата не соодвествуваат со длабочината на кризата во која е западната поштата, која под носталгичната кратенка ПТТ со децении беше во служба граѓаните.

Таквиот впечаток го засилува и фактот дека во последниве десет години на челната позиција се сменија седум директори.

Поштари ни за лек

Ја изначекал пратката, за по четири месеци да му стигне двојно | Фото: БИРН

Игор Димовски, незадоволен корисник на АД Пошта на Северна Македонија | Фото: БИРН

Музичкиот ентузијаст Димовски е еден од речиси 80 луѓе што одговорија на нашиот прашалник поврзан со услугите на државната пошта. Речиси 90 проценти од нивните искуства се негативни. На секој трет му доцнела пратката, а не се малку и оние на кои им се изгубила поштата – 16.

Неколкумина ги имале и двете непријатни искуства – и доцна добиле писмо и пратка им се изгубила во лавиринтите на поштата.

„Покана за суд добив три дена откако истекол рокот во кој требаше да се јавам и беше фрлена на прагот од мојот стан, а не во сандачето. Можел секој да ја земе“, се пожали еден корисниците на Пошта.

Нему му се изгубиле и книги што ги нарачал од странство.

„Book Depository [н.з британска онлајн-продавница на книги] ми потврди дека се пристигнати во Македонија, меѓутоа во поштата упорно ме убедуваа во спротивното.“

Државниот ревизор, лани во детали ја опиша кризата во Пошта, која е генератор на лошите услуги. Добар дел од ревизорските наоди, во разговор за БИРН, ги потврди и директорот Куртиши, кој на оваа позиција е нецела година.

Сериозно недостасува работна рака. Длабинските анализи алармирале дека има потреба од уште 330-340 вработени, главно поштари и шалтерски работници.

Претпријатието постојано губи работници зашто две третини од луѓето таму се постари од 50 години и десетици годишно заминуваат во пензија. Тие тешко се заменуваат со нови и помлади зашто поштарите, на пример, земаат плата за нијанса повисока од минималната.

Затоа сè повеќе обврски паѓаат врз сè помалку вработени, а преголемата оптовареност се одразува врз нивната ефикасност и професионален однос. Тоа го потенцираа луѓето што одговараа на прашалникот. Раскажуваат за нељубезни и незаинтересирани шалтерски работници, па дури и за безобразен однос.

„Службеничката беше уморна од смената, уморна од животот“, стои во еден од одговорите што ги добивме.

Често се случувало и локалните пошти да затворат пред крајот на работното време.

Повеќето од вработените функционираат во несоодветни услови, во дотраени објекти што не се одржувани со децении. Подружницата кај Железничката станица во Скопје, која важи за срцето на поштата – зашто таму се процесираат најголем дел од пратките, е речиси во хаварисана состојба.

Вода протекува од таванот, која во комбинација со електричните инсталации претставува опасност за 260 вработени, предупредува директорот.

Маки има и со застарениот возен парк. Поштата располага само со 60, наместо потребните 150 возила, и тие не се во најдобра состојба. Софтверот е застарен и речиси неупотреблив, а најновите компјутери се од 2016-2017 година.

И никако не доаѓа ред да се купи клучната и скапа машина за сортирање.

Таа значително би го зголемила капацитетот за обработка на поштата од 20.000 на 150.000-200.000 пратки за 24 часа. Нова сортирка, според ревизорите, чини приближно 500.000 евра, што се многу пари за претпријатие потонато во долгови.

Оптимизам има, пари не баш

Директорот на Пошта, Орхан Куртиши | Фото: БИРН

Главни причини за акумулирање на долгот се укинувањето на радиодифузната такса во 2017 година и префрлањето на класичните сметки во дигитална форма за време на пандемијата. Тие заедно, според раководството на поштата, предизвикуваат дополнителна загуба од пет милиони евра годишно.

Дел од финансиските загуби, ревизорите ги поврзуваат и со стечајот на Еуростандард банка. Меѓу август 2020 и март 2011 година, сериозно се намалиле приходите од провизии од сметки, пензии и од социјална помош, кои се процесуирале преку оваа банка.

Зголемени трошоци предизвикала и енергетската криза од 2021/2022 поради многу повисоките трошоци за струја, греење и за бензин.

Натрупаната администрација е, исто така, финансиски товар.

„Третина од вработените се во администрацијата на поштата, тоа е резултат на вработувањето по партиска линија“, убеден е директорот Куртиши.

Во купот причини, тој самоуверено ја додава и, според него, нелојалната конкуренција од приватните поштенски компании. Куртиши тврди дека триесетината приватни оператори имаат многу полесни услови за лиценцирање.

„Нам ни бараат да имаме најмалку 300 поштенски единици и 150 возила, а приватниците може да работат во простор од 50 квадрати, со две возила, тројца вработени и со минимална гранација од 25.000 евра.“

Кога сè ќе се земе предвид, не треба да чудат наодите на регулаторот Агенција за пошти, кои покажуваат дека поштата сè повеќе се ориентира кон доставување евтини, домашни, деловни писма, најчесто испратени од институции, јавни претпријатија, банки, судови и осигурителни компании.

Таа, впрочем, веќе ја изгубила битката на пазарот на пакети, кој е сегашност и иднина на оваа индустрија, со оглед дека тој сегмент од бизнисот е невозможно да се замени со интернет-услуги. Имено, АД Пошта на Северна Македонија, на годишно ниво разнесува само околу два проценти од вкупниот број на пакетите.

„Господ напомош“

Поштата има долгови од речиси 7 милиони евра | Фото: БИРН

Потврда дека политиката го занемарува или не ја препознава тежината на проблемот се гледа во фактот што поштата не е адресирана во инаку деталните програми на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на владата. По промената на власта, една од ретките изјави за судбината на Пошта е онаа на министерот за транспорт, Александар Николоски. Тој, во интервју, најави битка за преживување и рационализација на вработените.

Наспроти сево ова, директорот Куртиши наоѓа причини за оптимизам.

Како модел за спас го гледа случајот со српската пошта, која станала профитабилна по државната помош од 30 милиони евра.  Меѓутоа, нашата влада лани не му ги даде побараните пет милиони евра помош, иако му обезбедила три милиони во форма на позајмици од државни компании.

Со позајмените пари, Куртиши санирал банкарски кредит, кој поради занемарени рати, ја чинел поштата превисоки затезни камати.

Министерството за транспорт му ветило помош околу набавката на нови возила, додека тој ќе мора да се снаоѓа со пари од Пошта за набавката на прекупотребната машина за сортирање. Надградувањето на софтверот го остава за подобри времиња.

Во меѓувреме, и позитивните искуства од услугите на Пошта, кои во одговорите на прашалникот ги имаше десетина на број, звучат како коментаров што го добивме:

„Поштарот ми е комшија и навремено ми ги носи пратките, а на другите само Господ нека им е напомош.“

 

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.