Регион

Последното табу од војната во БиХ

Мажите, жртви на силување, долго време молчеа, но денес се настојува да ги добијат истите бенефиции, како и другите воени жртви

“Дури и денес, толку многу години по војната, имам кошмари. Ми се враќаат некои моменти, сеќавања доаѓаат. Сè уште слушам заканувачки гласови“.

Ова се зборови на поранешен затвореник, кој бил заробен во 1995 година и бил задржан во притвор 27 дена. Извесно време, бил затворен во сараевското предградие Хаџиќи, каде што, како и другите затвореници, бил сексуално малтретиран.

„Тоа секогаш ве држи. Исто како клешти. Тука нема опуштање“, вели за БИРН поранешен затвореник, кој побара да остане анонимен.

Силувањето, потенцира тој, „во тоа време беше воена стратегија“. Мажите кои го злоупотребиле, никогаш не биле процесирани.

Сабиха Хусиќ, директорка на организацијата „Медика“ Зеница. Фото: Зинаида Ѓелиловиќ

„Третиот ден, откако излегов од концентрациониот логор, ѝ се доверив на жена ми низ што сум поминал“, се сеќава тој, додавајќи: „Таа ми помогна најмногу. За жал, доби дијабетес од голем стрес и почина пред неколку месеци“.

Тој додава оти помош добил и од здружението „Медика“ Зеница, кое го води директорката, Сабиха Хусиќ. „Медика“ Зеница е основана во 1993 година и била првата невладина организација која започнала да им помага на жените кои преживеале сексуално насилство. Пред седум години, оваа невладина организација започнала да ги поддржува и мажите.

„Се запознав со директорката Хусиќ на конференција во Сараево, на која се дискутираше за правата на жените“, вели нашиот соговорник. „Обично станува збор за жени кои биле силувани или сексуално малтретирани. И тогаш им реков дека има и мажи кои го преживеале тоа“.

Тој посочува дека на мажите кои биле силувани или сексуално малтретирани, им е многу потешко да зборуваат за тоа.

„Има толку многу прашања за тоа како можело такво нешто да се случи … За жал, може да се случи“, додава тој.

„Има уште мажи кои не проговориле за тоа, и никогаш нема да проговорат. Ниту јас ќе проговорев, доколку работите не тргнаа по патот по кој тргнаа. Тешко е. Но, мора да се реши. Го преживеав тоа и ова со ништо не може да се надомести. Го носиш во себе, како бомба“, вели тој.

„Медика“ Зеница му помогнала да добие официјален регистриран статус на „цивилна жртва на војната“. Според законот, регистрираните цивилни жртви на војната, имаат право на надоместок, кој за луѓето што преживеале сексуална злоупотреба и силување, изнесува 594 босански конвертибилни марки (304 евра) месечно.

Нашиот соговорник се сеќава дека биле потребни две години за да го добие тој статус и дека случајот морал да се најде пред суд.

„Процесот беше многу тежок. Мораше да се дадат бројни искази, од кои некои беа несоодветни и повторно водеа кон сериозни психолошки епизоди за преживеаните, кои ги поминале сите овие трауми. Несоодветно образовани и непрофесионални луѓе работат на овие случаи“, нагласува тој.

Тој додава дека финансискиот надоместок не ги решил проблемите на жртвите и дека претпочита државата да формира „терапевтски заедници за луѓето што преживеале сексуална злоупотреба за време на војната“.

Директорката на „Медика“ Зеница, Сабиха Хусиќ, информира дека БиХ нема официјална статистика за бројот на мажи и на жени, кои биле сексуално малтретирани и кои се официјално регистрирани како цивилни жртви на војната.

Додека работела на својата докторска теза, за поддршка на луѓето што преживеале сексуално насилство, врз основа на податоците собрани од меѓународни организации и извештаи, таа проценила оти за време на војната биле силувани околу 3.000 мажи.

„Сакав да анализирам и да научам, и врз основа на статистиката да видам колкав број генерално аплицирале за статусот на цивилна жртва на војната, колку биле одбиени и кои биле причините поради кои биле одбиени. Меѓутоа, нема такви податоци“, вели Хусиќ.

Досега, седум мажи добиле статус на цивилна жртва на војната преку „Медика“ Зеница. Но, многу жртви и не сакаат да се пријават, затоа што се плашат од несакани или деградирачки прашања или дека ќе бидат прашани зошто се пријавуваат сега, по толку години изминати од завршувањето на војната.

Хусиќ посочува дека ваквите прашања се неприфатливи: „Немаме право да прашаме зошто некој решил да проговори денес или за пет дена или за пет месеци.

Треба да создадеме ситуација во која преживеаните ќе се чувствуваат безбедно, ќе почувствуваат дека имаат поддршка секогаш кога ќе изберат да проговорат или да ги побараат своите права“.

Силувањето на мажите долги години е табу тема, истакнува таа.

„Од искуството на ‘Медика’, можам да кажам дека на почетокот не мислевме дека и мажите можат да бидат жртви на овој вид насилство“, додава Хусиќ.

„Мислам дека процесот на обелоденување беше потежок за мажите, затоа што ним им недостасуваше поддршка“, заклучува таа.

Стигма и страв

Жртва на воено силување. Фото: Зинаида Ѓелиловиќ

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) за прв пат, сексуалната злоупотреба и силувањето на жените, мажите и децата, ги класифицираше како воено злосторство, во предметите што произлегоа од војната во БиХ. Тој донесе неколку пресуди кои опфакаа обвиненија за сексуална злоупотреба и силување на мажи и момчиња.

Првиот воен злосторник осуден од Хашкиот трибунал за злосторства кои вклучуваа и сексуално насилство, беше политичарот на босанските Срби и парамилитарецот, Душко Тадиќ, кој во 1997 година беше осуден на 20 години затвор.

Во 1998 година, Трибуналот го осуди командантот на логорот Челебиќи, Здравко Мушиќ, неговиот заменик, Хазим Делиќ, и стражарот во логорот, Есад Ланџа, по обвинение за сексуално насилство извршено врз српски цивили затворени во логорот.

Во 2004 година, МКТЈ, го осуди поранешниот полицаец на босанските Срби, Ранко Чешиќ, за воени злосторства, вклучително и за принудување на двајца браќа, Бошњаци, затворени во логорот Лука во Брчко, меѓусебе да вршат сексуални дејанија.

Сведоштва за сексуално насилство врз мажи се забележани и во случајот против Миќо Станишиќ, воен министер на Република Српска, и против Стојан Жупљанин, началник на регионалниот центар на службите за безбедност, со седиште во Бања Лука.

Во дел од првостепената пресуда од 2013 година, се вели: „Во домот на културата во Челопек, Жолтите оси и други паравоени формации, со знаење на полицијата, сериозно ги претепале и раниле муслиманските затвореници. Исто така, ги понижувале, сексуално ги малтретирале и ги унаказиле“.

Водачот на Осите, Душан Вучковиќ Репиќ „присилил двајца татковци и двајца синови, меѓусебе да вршат сексуални дејанија, вклучувајќи и сексуален однос и пенетрација со рачка од метла“, се наведува во пресудата. Вучковиќ Репиќ почина во белградски затвор во 2005 година, осум дена пред да започне неговото судење за злосторства во Зворник.

Досега се пријавени сексуални напади и силување на мажи на 23 локации низ целата земја, вели Бакира Хасечиќ, претседател на здружението „Жена – жртва на војната“.

Таа се сеќава на исказите на маж кој преживеал сексуална злоупотреба во логор во Зворник: „Ги терале да силуваат свиња, а пред тоа им дале некакви апчиња. И кога мислите дека се сте преживеале и виделе, од изјави на други, се прашувате дали тоа може да го направи нормален човечки ум“.

Судот на Босна и Херцеговина осуди неколку лица обвинети за сексуално насилство врз мажи.

Во 2015 година, овој суд го осуди поранешниот припадник на Војската на Република Српска (ВРС), Глигор Беговиќ, на 13 години затвор, за злосторства над цивили, кои биле затворени во логорот во Батковиќ, во близина на Биелина во 1992 година, а кои опфаќаа и сексуалната злоупотреба на неколкумина затвореници.

Поранешниот член на Армијата на БиХ, Зијад Куртовиќ, е прогласен за виновен за воени злосторства, вклучително и за принудување на двајца браќа, припадници на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), да имаат орален секс.

Исто така, во 2009 година, поранешниот полицаец на силите на босанските Срби, Раде Веселиновиќ, призна дека, покрај другите акти, им дозволувал на припадници на паравоени групи, да принудуваат притвореници од несрпска национаност, затворени во спортскиот центар во Хаџиќи, да вршат блудни дејства.

Силувањето и сексуалната злоупотреба на затворениците се спомнуваат и во други случаи пред Судот на БиХ.

Божидарка Додик, судија на Врховниот суд на Федерацијата БиХ, вели дека босанското судство постигнало голем напредок во изминатата деценија, во гонењето на воените злосторства, вклучително и на военото сексуално насилство.

„Иако повеќето од овие предмети се однесуваат на силување и сексуално насилство врз жени, исто така се гонат и случаи каде мажите се жртви на такво насилство. Сепак, мажите кои се жртви на овие кривични дела, истото го пријавуваат поретко од жените, главно заради стигмата и стравот дека ќе бидат етикетирани како хомосексуалци или дека не се доволно мажи“, се вели во одговорот што по електронски пат ни го испрати судијата Додик.

„Во некои случаи, постои ситуација кога сторителот директно силува или на друг начин сексуално злоупотребува маж. Почесто има ситуации кога сторителите ги принудуваат мажите (претежно во притвор) да силуваат други затвореници (анално или орално)“, вели таа.

Додик забележува дека „покрај сексуалната пенетрација, има и многу други форми на сексуално насилство што можат да бидат извршени врз мажите“.

Срам за жртвите

Омер Ќемаловиќ, невропсихијатар. Фото: Зинаида Ѓелиловиќ

Проблемот со стереотипизацијата на жртвите на воено сексуално насилство во кривичните постапки, во текот на изминатите две години е дел од програмата за обука на судиските службеници во центрите за обука на судиите и обвинителите во Федерацијата БиХ и Република Српска. Судијата Додик е еден од предавачите.

„Најчеста предрасуда со која генерално се соочуваат жртвите на сексуално насилство, без разлика дали се мажи или жени, е тоа што силувањето е срам за жртвата (не за сторителот) и дека со тој чин жртвата е извалкана, недостојна за почит“, вели Додик.

Таа смета дека повеќето судии, обвинители и другот судски персонал, се чувствителни на жртвите, иако сепак се случуваат и непријатни инциденти. Ова главно се должи на длабоко вкоренетите родови стереотипи или на последиците од занемарувањето или недостигот на внимание при комуникацијата со жртвите, посочува таа.

„Силувањето, без разлика дали е во мир или во војна, сè уште е тема за која не се зборува многу. Напредок во разбирањето на силувањето и другите форми на сексуално насилство, може да се постигне само преку континуирано образование и подигање на свеста, не само за судските службеници, туку и за пошироката јавност“, истакнува таа.

Во 2017 година, меѓународната невладина организација ТРИАЛ Интернешнл го објави извештајот, „Митови за силувањето во судењата за воено сексуално насилство“.

Берина Жутиќ Разиќ, правен советник на ТРИАЛ Интернешнл со седиште во Сараево, нагласува дека во извештајот се потенцира оти силувањето сè уште ретко се пријавува во полиција.

„Иако е постигнат одреден напредок во пристапот до предметите на воените злосторства, сè уште во судството на БиХ се присутни митови и стереотипи, кои ги префрлаат срамот и вината за сексуалното насилство од сторителот на жртвата“, потенцира Жутиќ Разиќ.

„Најголем проблем, се разбира, во овие случаи е фактот дека во многу случаи на сексуално насилство врз мажите, судиските актери се воздржуваат од класификација на овие злосторства како силување“, додава таа.

ТРИАЛ Интернешнл соработува со центрите за обука на судиите и обвинителите, со цел пружање на обука за судиите, обвинителите и нивните правни соработници, па дури и за персоналот за поддршка на сведоците, во обид да ги направи почувствителни кога станува збор за жртвите на воено сексуално насилство.

Со цел со оваа обука да бидат опфатени и адвокатите, оваа организација, годинава започна соработка и со Министерството за правда. Таа, исто така, се согласи да обезбеди повратна информација до Судот на БиХ за тоа како преживеаните кои се јавуваат како сведоци во предметите на сексуално насилство поврзано со војната, го оценуваат нивниот третман во постапките.

Сепак, Жутиќ Разиќ посочува дека стигматизацијата на жртвите доаѓа од предрасудите кои генерално се длабоко вкоренети во општеството, така што промени, освен во судството, мора да се случат и на пошироко ниво.

Траумите кај преживеаните се присутни и 25 години по завршувањето на војната. Невропсихијатарот, Омер Ќемаловиќ, спроведе неколку експертски проценки на мажите кои од стражарите во логорите биле присилени сексуално да општат меѓусебе.

„Ова е најлошиот пример за човековата бруталност, на таков начин да се изживувате врз затвореници, над цивили“, вели Ќемаловиќ.

„Овие трауми остануваат вечно и невозможно е да се ослободиме од нив во целост“, заклучува тој.

Овој текст е напишан во рамките на програмата Балканска транзициска правда, која е поддржана од Европската комисија.