Регион

Онлајн наставата ги истакна огромните разлики меѓу балканските земји

За многу наставници, родители и ученици на Балканот, искуството од онлајн наставата поради пандемијата со коронавирусот, во најдобар случај, е фрустрирачко

Кога на почетокот на март, како дел од борбата против ширењето на корона вирусот, беа затворени училиштата во Северна Македонија, а одржувањето на наставата се префрли преку интернет, една наставничка во основно училиште во Скопје, го имаше следниот избор:

Да го ​​користи „неупотребливот“ 10 години стар компјутер, што ѝ го обезбеди нејзиното училиште, на кој има инсталиран бесплатен оперативен систем Убунту наместо Виндоус, или нејзиниот сопствен лаптоп со стар Виндоус 7, кој „не е соодветен“ за часови преку интернет.

„Министерството (за образование) ни вршеше притисок да започнеме со часови и да ги поставуваме на интернет, но има наставници кои се во полоша ситуација од мене, кога станува збор за опремата“, вели за БИРН оваа наставничка, која сакаше да остане анонимна.

„Постарите наставници обично не знаат како да ги користат основните алатки, како Скајп и Вајбер“, вели таа. „Значи, можете да ги замислите компликациите“.

За често застарените системи на образование и во голема мера информатички слабо ‘поткованите’ наставници на Балканот, пандемијата на корона вирусот значеше тешка, во некои случаи дури и невозможна мисија. Речиси преку ноќ, училиштата започнаа со експериментот наречен „е-настава“, кој, во однос на знаењето и ресурсите, откри огромни разлики помеѓу земјите, но и внатре во нив, помеѓу приватните и јавните училишта, градовите и селата.

Многу наставници, ученици и родители се бореа со непознат софтвер, застарен или непостоечки хардвер и, во многу случаи, слаби интернет врски. Некои деца беа дури и целосно исклучени.

Фото илустрацја: Јурај Варга/Пиксабеј

За оние со информатички вештини, не дојде до големи промени

За некои, ова искуство не беше многу лошо.

„Немавме проблеми, освен некои мали со интернет врската“, вели Берфу Сенгелирлер, професорка по биологија во приватно средно училиште во Истанбул. Училиштето, вели таа, ги користело сите достапни информатички ресурси и успеало да ги одржи часовите интерактивни.

„Бидејќи нашето училиште е приватно, компјутерите, таблетите или паметните телефони им се достапни на нашите ученици“, вели Сенгелирлер за БИРН. Иако не беше совршена, наставата преку интернет беше „најдобра во тие околности“.

Во универзитетскиот кампус Ласи во североисточна Романија, експертот по информатика и уредник на информатичко списание, Дан Захаријас, вели дека неговите ќерки, на возраст од 12 и 16 години, добро се прилагодиле. Нивните училишта претходно имале искуство со програми за предавање преку интернет.

Неговата шеснаесетгодишна ќерка веќе две години ја користи Гугл училницата, за домашни задачи.

„Тие се прилагодија многу добро“, вели Захарија за БИРН. „Тие дури користат и вообичаени детски шеги, ставаат позадина или видео со нивниот лик, што им климнува на наставниците на екранот“.

За другите, „стрес и вознемиреност“

Другите немаа таква среќа.

Наташа Ковановиќ, наставничка во државно основно училиште во источна Хрватска, вели дека таа и нејзините колеги се борат со лошите интернет врски и „лошите уреди“.

Децата честопати мора да ги користат мобилните телефони или лаптоповите на своите родители, кои не секогаш се задоволителни за настава, посочува Ковановиќ, додавајќи дека работата сега и одзема повеќе време.

„Потребно е многу повеќе време, затоа што морам да подготвам и да најдам содржини, што ќе бидат едноставни на сите“, нагласува Ковановиќ за БИРН, истакнувајќи дека таа била прва наставничка во нејзиното училиште, што започнала да предава преку Скајп. Понекогаш часовите се одвиваат непречено, „кога интернетот не служи добро“, додава таа.

Галина Калчева, 30-годишна професорка од Софија, објаснува дека целосното поминување на е-настава, во толку краток временски период, било „крајно стресно“.

Опишувајќи го бугарскиот образовен систем како „прилично конзервативен“ и тежок за промена, Калчева посочува дека реорганизацијата предизвикала „голем стрес и вознемиреност кај наставниците, учениците и родителите, кои одеднаш се соочиле со нови одговорности во едно сосема поинакво секојдневие“.

Фото илустрација: Тумису/Пиксабеј

„Можам само да седам и да плачам“

Многу родители го доживеале ова како враќање во училиште – во исто време требале да се справат со непозната технологија и во услови на самоизолација, да се грижат за работата, домот и за децата.

Иако многумина имаат повеќе од едно дете кое е ученик, не сите имаат и повеќе од еден компјутер.

„Ужас“, го опишува Јасна Мариќ ова искуство.
„Да се учи на ваков начин, воопшто не е лесно“, вели оваа мајка на четири деца, од кои три одат во основното училиште во селото Врбања, источна Хрватска.

„Искрено не знам како им е на родителите кои имаат едно дете на училиште, но во мојата куќа е лудница“, вели Мариќ за БИРН.

„Живееме во област каде што интернетот е многу лош, тешко се поврзувате, а згора на тоа имате и шеснаесетмесечно момченце, кое им го исклучува компјутерот на другите додека работат“, вели таа. „Тогаш можам само да седнам и да плачам, затоа што нема да можат повторно да се конектираат“.

Лилјана Стикова, невработена мајка на две момчиња, која живее во скопската населба Ѓорѓе Петров, вели дека кај нив интернетот е во ред, но и дека тоа е „единствената работа што функционира“.

Еден од нејзините синови е ученик во основно, додека другиот оди во средно училиште, така што секој ден, како што вели Стикова, ѝ започнува со нивните меѓусебни расправии, за тоа кој прв ќе ги прегледа снимените предавања.

„Помладиот го користи телевизорот, а постариот компјутерот, но бидејќи и двајцата се во дневната соба, си пречат еден на друг“, ни раскажува таа.

Попладне и навечер, тие се обидуваат да ги завршат и да ги постават домашните задачи.

„Само половина од нив (од наставниците), всушност, комуницираат со децата“, објаснува Стикова за БИРН.

„Некои преку интернет држат часови еднаш неделно, а други секојдневно испраќаат домашни задачи, без да се потрудат да ја објаснат темата. И, можете да ме замислите среде тој хаос, им помагам со домашните задачи што честопати ниту самата не ги разбирам, се обидувам да конвертирам документите во ПДФ, да ги скенирам или нешто трето“.

Дафина Красниќи, мајка на двајца ученици во основно училиште во Косово, за БИРН вели дека потешкотија не претставува форматот на наставата преку интернет, туку да им се објасни на децата како тоа функционира.

„Кога сум на работа, тие (децата) ме бараат, за да им објаснам нешто дополнително“, потенцира таа. Сите родители немаат „потребно ниво на образование, за да им ја објаснат на своите деца потребната наставна единица“.

Фото илустрација: Герт Алтман/Пиксабеј

Неизвесност околу крајот на учебната година

Во некои земји, владите и граѓанското општество, вложија напори да им помогнат на родителите и на учениците. Така, во Турција е покрената иницијатива за донирање на користени, но сè уште употребливи компјутери, додека српската влада им понуди помош на оние кои дома немаат пристап до интернет, да се поврзат со порталот за е-учење преку кој било оператор за мобилна телефонија, на трошок на Владата.

На прв поглед, бројките се добри: министерствата за образование на Балканот објавија дека повеќе од 80-90 проценти од училиштата во нивните земји се префрлиле на онлајн настава.

Иако ова може технички да биде точно, нивото на образование што го добиваат учениците, варира во голема мера. Некои сѐ уште не се вклучени, а тука е и прашањето, како ќе се оценат учениците за крајот на учебната година во мај или во јуни, и дали треба да се очекува полагање на испити.

На пример, во Романија, Министерството за образование објави дека, доколку се укине вонредната состојба, испитите може да се одржат во јули, но само за делот што на учениците им бил предаван во првото полугодие (кога училиштата работеа).

Повеќето други земји допрва треба да донесат одлуки за ова, што значи дека наставниците, родителите и децата, особено оние што треба да се запишат на факултет, сè уште не знаат како ќе одат работите.

Теодора Столевска, од невладината организација, Младински образовен форум (МОФ), со седиште во Скопје, смета дека наставниците не треба да се присилуваат да ги оценуваат учениците во вакви околности.

„Проблемот е што настава за некои предмети не постои“, вели Столевска, „а за некои е лошо спроведена, така што наставниците не можат да формираат реални оценки“.

Сепак, за повеќето едно е сигурно-крајот на учебната година ќе донесе големо олеснување.

„И наставниците и родителите се свесни дека и покрај големите напори на сите, сето ова е само голема импровизација“, вели наставник од Скопје. „Искрено, сите ние едвај чекаме да заврши ова мачење“.