Регион

Зошто српските медиуми со презир ја дочекаа мировната порака од Сребреница

Кога Меморијалниот центар Сребреница им оддаде почит на српските, ромските, еврејските и другите жртви од Втората светска војна, некои српски медиуми брзо го обвинија дека тој е, всушност, антисрпски настроен

 

Места каде се извршени убиствата во Сребреница Графика: БИРН

Мејнстрим медиумите во Србија играат главна улога во обликувањето на јавното мислење и обично го отсликуваат доминантниот наратив на владејачката партија, наметнуваат поделби, поттикнуваат внатрешни и надворешни конфликти и се обидуваат да конструираат национална кохезија врз наративите за страдањето и жртвувањето на српскиот народ.

И покрај транзицијата на земјата во полудемократија, повеќето српски медиуми не се откажаа од улогата што ја играа за време на распадот на Југославија, кога делуваа како пропагандна машина на претседателот Слободан Милошевиќ, ширеа лажни информации и поттикнуваа омраза.

Денес, тие не известуваат од бојните полиња, туку ги измислуваат во насловите во весниците и на веб-страниците. Тие измислуваат приказни за војна во време на мир, поттикнуваат страв и ги прикажуваат другите како закана, ги означуваат оние што критички размислуваат како предавници и шпиони и ги исмеваат оние што се обидуваат да го променат статус квото.

Меѓународните и домашните судови во поранешните југословенски држави осудија 45 лица на повеќе од 700 години затвор, плус четири доживотни казни затвор, за убиствата во Сребреница. И Меѓународниот суд на правдата утврди дека масакрите претставуваат геноцид.

Но, тоа никогаш не одекна во српското општество. Оние во Србија кои велат дека во Сребреница се случил геноцид, се соочуваат со осуда и тужби.

Владејачката елита и повеќето Срби ги признаваат убиствата како злосторство, но веруваат дека бројот на жртви што го утврдиле судовите не е толку голем и негираат дека Србија имала некаква улога во поддршката на режимот на босанските Срби, одговорен за масакрите.

Српските судови ќе судат осомничени за учество во настаните во Сребреница само за воени злосторства, а не и за геноцид, додека српскиот закон забранува негирање на геноцидот, но само доколку геноцидот е дефиниран како таков од Меѓународниот кривичен суд – кој не носеше одлуки за Сребреница.

Во меѓувреме, во Земун, сè уште можете да јадете палачинка која го носи името на Радован Караџиќ и на разни настани во Белград да слушнете предавање на осудениот за геноцидот во Сребреница, Винко Пандуревиќ.

Извештаите за соопштението на Меморијалниот центар Сребреница, покажуваат дека просторот за вистината во српските медиуми е стеснет и дека медиумите скоро немаат никаква улога во помирувањето.

Тешко е да се очекува дека силно контролираните медиуми во Србија ќе се трансформираат преку ноќ и дека ќе станат мировни претставници, но тоа не треба да не спречува да бараме етичко известување базирано на факти.

Меморијалниот центар Сребреница направи важен чекор кон помирувањето, кој може да инспирира и други да го сторат тоа, но сè додека луѓето се заслепени од медиумските наративи што делат и шират непријателство, ќе биде тешко да се бориме против дехуманизацијата на „другиот“ и за создавање на опкружување за соживот без страв.

Marija Ristic и Sofija Todorovic

Мислењата изразени во овој текст се мислења на авторите и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.