Денис Ѕидриќ, Сараево
Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), ја повлече својата одлука, со која постапката за непочитување на судот, која се води против членовите на Српската радикална партија, СРП, Петар Јојиќ и Вјерица Радета, му беше префрлена на Белград, бидејќи сведоците во овој случај, изјавија оти во Србија се плашат за својата безбедност.
ММКТ најави дека постапката против Јојиќ и Радета се враќа во Хаг, бидејќи сведоците не сакаат, поради страв за својот живот и безбедност, да им ги откријат своите податоци на српските власти.
Судијата Лиу Дагун во својата одлука вели дека ситуацијата „ја оневозможува постапката во Србија“.
„Одбивањето на сведоците да сведочат во Србија, суштински ќе го спречи обвинителство да го изнесе својот случај и ќе ја одложи постапката“, вели во одлуката судијата Лиу.
Јојиќ и Радета, членови на СРС, се обвинети за непочитување на Хашкиот трибунал, поради тоа што влијаеле на сведоците во процесот што во Хаг се водеше против нивниот партиски лидер, Воислав Шешељ.
Според обвинението, тие со закани, уцени и поткуп ги убедувале сведоците, да ги сменат своите искази или да не сведочат.
Шешељ, во април 2018 година, беше прогласен за виновен за воени злосторства и беше осуден на десет години затвор. Но, во затвор нема да оди, бидејќи повеќе од 11 години помина во притвор. Шешељ денес е пратеник во Собранието на Србија и одби да се врати во Хашкиот трибунал на изрекување на пресудата.
Судијата Лиу информираше дека издал нова потерница против Радета и Јојиќ и побара нивна итна екстрадиција во Хаг.
Но, според текстот во одлуката, српските власти се против враќањето на постапката во Хаг, образложувајќи дека исказите на сведоците се „неосновани, погрешни и произволни“, и дека заштитата на сведоците во Србија е на високо ниво.
Инаку, помеѓу Трибуналот и Србија се водеше долготраен спор околу апсењето и екстрадицијата на двајцата радикали.
Во јануари 2015 година, Трибуналот издаде потерница за нивно апсење.
Сепак, Советот за воени злосторства при Вишиот суд во Белград, во мај 2016 година, одлучи дека не постои правна основа за екстрадиција на радикалите, бидејќи српските власти можат да екстрадираат само лица кои Трибуналот ги бара за воени злосторства, а не и за непочитување на судот.
Трибуналот во октомври 2016 издаде меѓународна потерница по Јојиќ и Радета, наведувајќи оти Србија во неколку наврати одбила да се усогласи со судскиот налог, и да го уапси и екстрадира во Хаг двајцата радикали.
Потоа, Интерпол издаде „црвена потерница“ по Јојиќ и Радета.
Трибуналот неколкупати пред Советот за безбедност посочи дека Србија не соработува во овој случај.
Третообвинетиот во овој предмет, Јово Остојиќ, почина во Србија во 2017 година.