Регион

Oбвинет за убиство на Бошњаци, побара ослободителна пресуда

Сретко Павиќ (стои) во судница. Фото: Суд на БиХ

Во завршните зборови, презентирани пред Судот на Босна и Херцеговина, адвокатот на Павиќ, Ранко Дакиќ, нагласи оти тој треба да биде ослободен од обвинението, дека во втората половина на јули 1992 година, одвел пет цивили на контролниот пункт Ризвановиќи, во близина на Приедор, каде што ги затворил, а потоа и убил.

Според Дакиќ, сведоштвото на заштитениот сведок, С-1, кој наводно бил сведок на убиството на членовите на семејството Чаушевиќ, содржело фактички неточности.

„Исказот на С-1 е во спротивност со сведоштвата на сите други сведоци. Многу наводи од исказот на С-1 не се точни и врз нив не може да се базира осудителна пресуда”, рече Дакиќ пред судот.

„Тој (С-1) рече дека во близина на убиството на членовите на семејството Чаушевиќ, по пукањето, го видел Павиќ и (војникот) Перо Стевандиќ, а постојат сведоци што го виделе само него”, истакна бранителот, кој додаде дека спорно е и препознавањето на обвинетиот.

Павиќ е обвинет дека злосторството го извршил како член на воларската чета, која била дел од шестиот љубијски баталјон, на 43 моторизирана бригада на ВРС.

Несомнено е, според одбраната, дека во втората половина на јули 1992, бил поставен контролен пункт во Ризвановиќи, кој се наоѓал во близина на училиштето, но останало недоречено кои единици биле на тој контролен пункт.

За одбранатa не е спорно дека во селцето Михиќи, кај Хамбарине, биле уапсени членови на семејството Чаушевиќ, кои биле спроведени до пунктот Ризвановиќи, и оти биле затворени во зградата спроти училиштето, но спорен е сторителот на убиствата.

Бранителот изјави дека апсењето го извршиле припадници на љерскарската чета, и тоа откако биле убиени двајца војници од Љескаре.

„Обвинителството не успеа да докаже злосторство против човештвото, односно, дека се работело за организиран напад против цивилното население и дека обвинетиот знаел за тој напад. Одбраната тврди дека се работело за судир на две спротивставени страни, а не за напад врз цивилното население“, рече бранителот.

Пресудата ќе биде изречена на 24 јуни.