Регион

Роман за кошмарите од војната на момче од Koсово

Најновиот роман на Перпарим Каплани, роден во Албанија, за десетгодишно момче од Косово, кое преживеало масакр е приказна за детето за кое авторот, како новинар, известувал во 1999 година

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Неколку години подоцна, момчето станало најмлад сведок, кој пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), сведочел на судењето на српскиот лидер, Слободан Милошевиќ, за она што неговите сили го направиле тој ден во Ѓаковица.

Средбата со момчето во болницата во Тирана, Каплани многу го погодила.

„Известував за случувањата во војната и имав контакти со луѓе во Косово, вклучувајќи го и ОВК, додека албанските стадиони, школски домови, кампови и улици, беа полни со косовски бегалци. Половина од војната беше таму. Овој случај ме обзеде“, вели Каплани за БИРН.

Приказната за момчето, се најде на насловната страница на албанскиот дневен весник „Шекули“, свртувајќи го вниманието на многу луѓе, кои му понудиле да го усвојат момчето.

За Каплани, кој тогаш имал 33 години, ова била една од неговите последни приказни, пред да замине од Албанија и да емигрира во Канада. Но приказната останала со него. „Средбата со ова дете, како новинар, ме погоди повеќе отколку што мислев”, ни вели тој од својот дом во Торонто, за време на нашето телефонско интервју.

„Иако во сосема поинакво време и контекст, се сетив на сопствената драма кога имав 10 години, кога за време на комунистичкиот режим, беше убиен мојот татко, во мојот роден град, Елбасан. Никогаш не дознав како, ниту пак ја дочекав правдата“, додава тој.

Неколку години подоцна, приказната на ова момче ќе стане тема на неговата книга, „Тенка линија”, во издание на издавачката куќа Мавензи, кошмарна историска алегорија, со изразен вид на нарација – приказна за траумите, загубата и одмаздата.

Одек на минатото

Во книгата „Тенка линија”, 10-годишно момче, по име Ермал Блаца (што не е вистинското име на момчето што тој го запознал во Тирана) се сеќава на утрото, кон крајот на март 1999 година, кога жителите Албанци, кои живееле на главната улица во Ѓаковица, откриле дека влезните врати на нивните домови, се  означени со бели крстови.

Семејството на момчето и уште неколку други жени и деца од соседството, решиле да се сокријат во еден подрум, плашејќи се за своите живот. Но, тие не биле долго безбедни таму. Српските сили ги нашле и убиле неколку жени и деца, меѓу кои биле и мајката и трите сестри на Ермал.

Интензитетот на драмата продолжува со средбата меѓу Ермал и неговиот татко, во бегалски камп во Албанија, од каде емигрирале во Канада, обидувајќи се да се прилагодат на животот во новата татковина, додека истовремено ги мачеле сеќавањата од минатото.

Во романот има и измислени аспекти, како ликот на српскиот полицаец, сосед на жртвата, додека историските настани се фактички и точни во однос на датумот.

„И тоа е дел од реалноста, бидејќи многу српски полицајци, војници, па дури и цивили, учествувале (во нападите) на нивните соседи Албанци”, вели Каплани.

Додека неговиот татко продолжил со својот живот, момчето почнало да размислува на одмазда и да планира како да го најде и убие српскиот полицаец – приказна што го води читателот од Канада во Србија, а потоа во Австралија.

Книгата вклучува и епизоди од животот во Југославија, по смртта на Јосип Броз Тито во 1980 година. И судењата за воени злосторства во Хашкиот трибунал, исто така, се главен извор за романот на Каплани.

„Војната во Косово, но исто така, и во другите делови на поранешна Југославија, се чини дека предизвикала неограничена река на непријателство, за ќие искоренување ќе биде потребно долго време. Сè и натаму крвари“, истакнува Каплани.

„Децата, оние кои преживеале ужасни моменти, продолжуваат да ги трпат последиците и да се борат со духовите од минатото”, додава тој.

Како и момчето од неговиот реален живот, и главниот лик во романот, единствен преживеан сведок на масакр, сведочи пред Хашкиот трибунал, на судењето на поранешниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ.

Милошевиќ почина пред да му биде изречена пресудата, но жртвата што сведочеше против него, и понатаму го носи товарот на страдањето, исход што му пречи и на авторот, и на неговиот главен лик.

„Многу е страшно што многу воени лидери во Србија, но и на други места, живеат безгрижно. Исто и во Косово“, заклучува Каплани.