Регион

Потрага по избеганите убијци на Зоран Ѓинѓиќ

БИРН потсетува како последните извршители, додека беа во бегство, беа уапсени или убиени од полицијата или од нивните соработници

Пред Вишиот суд во Белград, на 5 април оваа година, почнува судски процес за обид за убиство, во село во близина на Загреб, во јуни 2010 година.

И осомничениот и жртвата, Милош Симовиќ и Сретко Калиниќ, се државјани на Србија и се поранешни членови на озлогласена криминална банда.

Во моментот на инцидентот, и Симовиќ и Калиниќ беа во бегство. Србија ги бараше заради нивно учество во атентатот врз српскиот премиер, Зоран Ѓинѓиќ, извршен на 12 март 2003 година.

По овој настан, тие беа уапсени и осудени, и денес, во Србија, ја издржуваат казната од 30 години затвор.

Симовиќ и Калиниќ беа членови на Земунскиот клан, најголемата организирана криминална група во Србија во 90-тите и првите години на 2000-те. Бандата е разбиена во големата полициска операција, „Сабја“, која беше спроведена по атентатот на премиерот.

За време на операцијата беа откриени докази што доведоа до осудителни пресуди за убиството на Ѓинѓиќ, но и за други големи кривични дела како што се убиства, обиди за убиства и киднапирања, извршени од Земунскиот клан.

За убиството на Ѓинѓиќ, на вкупно 348 години затвор, беа осудени 12 лица. Но, кога пресудата им беше изречена во 2008 година, пет лица беа во бегство – Симовиќ, Калиниќ, Нинослав Константиновиќ, Владимир Милисављевиќ и Милан Јуришиќ.

Осумнаесет години подоцна, само двајца не беа уапсени – Јуришиќ, кој беше убиен од членови на неговата банда во Мадрид во 2009 година и Константиновиќ, кој официјално е исчезнат, иако се верува дека е убиен, од членови на бандата.

Разбивање на кланот

Принтскрин од филмот: Единица 1 на неделникот Време и радио Б92

емунскиот клан имаше врски во високи кругови; негуваше блиски врски со Единицата за специјални операции (ЕСО) на Државната безбедност (ДБ) на Србија, првично основана во 1991 година, но под друго име, која учествуваше во вооружените операции во војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Поранешниот началник на ДБ, Јовица Станишиќ, и неговиот заменик, Франко Симатовиќ Френки, првиот командант на ЕСО, чекаат изрекување на пресудата во судскиот процес во Хаг, во кој тие се обвинети дека имале контрола над паравоените единици, кои извршиле злосторства во БиХ и во Хрватска.

Убиството на Зоран Ѓинѓиќ беше извршено од Земунскиот клан и ЕСО. Тоа беше оперативно испланирано и координирано од командантот на ЕСО, Милорад Улемек Легија, и Душан Спасојевиќ, еден од двајцата водачи на Земунскиот клан.

Човекот што го повлече чкрапалото, членот на ЕСО, Звездан Јовановиќ, првично ѝ изјави на полицијата дека Ѓинѓиќ бил убиен со цел да се спречи Владата да соработува со Хашкиот трибунал. Имено, новата Влада предводена од Ѓинѓиќ, која дојде на власт по соборувањето на Слободан Милошевиќ, го екстрадираше поранешниот претседател во Хаг. Претходно, во ноември 2001 година, единицата организираше краток бунт, против екстрадициите во Хаг.

Јовановиќ нагласи дека Улемек му рекол оти Владата на Ѓинѓиќ планира да ја распушти ЕСО, да уапси некои нејзини членови и да ги испрати во Хаг. Но, за време на судењето, тој истакна дека оваа изјава ја дал под притисок на полицијата.

Судот утврди дека тоа не бил единствениот мотив за злосторството, туку дека Улемек и Спасојевиќ сакале „да ја спречат борбата против организираниот криминал и да ги задржат стекнатите позиции во сферите што ги интересирале, особено во МВР, судот и во обвинителството“.

Никогаш не беше утврдено дали некој српски политичар или државен функционер, го наредил или го одобрил убиството.

Пред атентатот во март 2003 година, имаше неколку неуспешни обиди за атентат на Ѓинѓиќ, еден од нив се случи еден месец пред убиството, кога премиерот и неговото семејство се враќаа од Копаоник.

Во врска со атентатот, Константиновиќ имал задача да најде соодветна локација од каде ќе се пука, но и да биде присутен на тоа место, заедно со Александар Симовиќ и Звездан Јовановиќ, со цел да алармира, доколку некој се појави. Тие заклучиле дека задниот влез во зградата на српската Влада е вистинското место за извршување на атентатот, во моментот кога Ѓинѓиќ ќе дојде на работа.

На местото на настанот, Константиновиќ и Симовиќ се преправале дека се работници. Милисављевиќ им бил возач, додека Јуришиќ чувал слободен паркинг простор, до доаѓањето на Јовановиќ, Константиновиќ и Симовиќ.

Сретко Калиниќ се наоѓал на улицата пред зградата од каде што Јовановиќ требало да пука, заедно со вториот водач на Земунскиот клан, Миле Луковиќ, кој, исто така, требал да пука, доколку се покаже за потребно.

Братот на Александар Симовиќ, Милош Симовиќ, ги информирал неговиот брат и другите членови на бандата, за движењето на Ѓинѓиќ.

Тие, претходно, два дена ја набљудувале зградата на Владата, а на 12 март 2003 година, кога Ѓинѓиќ конечно пристигнал, Јовановиќ пука во него, кога тој излегува од автомобилот.

Веднаш по атентатот, воведена е вонредна состојба и полицијата започна масовна операција. За време на акцијата, која беше наречена „Сабја“, приведени се вкупно 11.665 лица, од кои 3.946 беа обвинети. По убиството, извршителите на атентатот избегаа, криејќи во становите што ги користел Земунскиот клан.

За време на акцијата, Миладин Сувајџиќ, член на бандата, се состанал со шефот на Земунскиот клан, Спасојевиќ, и му рекол дека браќата Симовиќ, Милисављевиќ и Константиновиќ, се преселиле во друг стан и прашуваат што понатаму. Спасојевиќ одговорли дека мора да се преселат во други станови, бидејќи таму каде што се, не се безбедни.

„(Спасојевиќ рече дека) го имавме тој стан подолго време, повеќе од една и пол година, и соседите нè познаваат таму, сите нè познаваат, па поради сликите (на членовите на бандата прикажани на телевизија) тој стан мора да биде променет, и тие не можат долго да бидат таму“, рече Сувајџиќ пред судот, во 2004 година.

Сувајџиќ  се состанал со Константиновиќ за да му каже дека мора да најдат друго место за криење, но и друг автомобил и пари.

„Кога разговарав со Константиновиќ, тој рече:„ Ѓука, не можам да најдам скоро ништо, тие ги уапсија сите мои луѓе, ги уапсија сите живи, само упаѓаат и апсат, кој е сега тука – за еден час, кој знае дали ќе биде тука“, сведочеше Сувајџиќ.

„Патем, им реков дека тој (Спасојевиќ) нема пари, дека вели да се снајдат сами, (Константиновиќ) ми рече: ‘Како, Ѓука, каде да се снајдам, со кого да се снајдам?’“ додаде тој.

Без парите на Спасојевиќ и поддршката на ЕСО, тие биле оставени сами да се снаоѓаат.

Звездан Јовановиќ, кој директно пукаше во Ѓинѓиќ и многу други членови на бандата, беа уапсени неколку дена по убиството. Шефовите на бандата, Спасојевиќ и Луковиќ, беа убиени истиот месец во белградското предградие, во населбата Meљак, при обидот на полицијата да ги уапси.

Командантот на ЕСО, Милорад Улемек Легија, се предаде во мај 2004 година, додека Дејан Миленковиќ Багзи, исто така член на бандата, беше уапсен во Грција, во јули 2005 година.

Александар Симовиќ беше уапсен во ноември 2006 година во Белград. Но, неговиот брат, Милош Симовиќ и Сретко Калиниќ, останаа на слобода сè до инцидентот во селото Ракитје, на околу 15 километри од Загреб, во јуни 2010 година.

„Намамен во смрт“

Фотографија на потерницата на МВР на Србија, по 12-мината барани за убиството на Ѓинѓиќ, објавена на интернет во март 2003 година Принтскрин

Кога хрватската полиција земаше изјава од човекот врз кого беше пукано во Ракитје, тој рече дека се вика Сретко Калиниќ и дека лицето кое се обиде да го убие се вика Милош Симовиќ, кого го опиша како негов „поранешен пријател“.

Во тоа време, и двајцата во Србија беа осудени во отсуство, за убиството на Ѓинѓиќ, и за други злосторства извршени како членови на Земунскиот клан. Нинослав Константиновиќ, Владимир Милисављевиќ и Милан Јуришиќ, исто така беа осудени во отсуство.

Калиниќ изјави дека Константиновиќ им помогнал на браќата Симовиќ и на Милисављевиќ, така што ги сместил во домот на еден негов пријател, на почетокот на операцијата „Сабја“, а потоа тие се скриле кај пријатели на Милисављевиќ во Србија.

Според изјавата на Калиниќ, тој потоа ја напуштил Србија и во ноември 2003 година, заминал во Шпанија. Милош Симовиќ веќе бил во Шпанија. Калиниќ нагласи дека Симовиќ, во 2003, додека тој сè уште бил во Белград, му рекол оти го убил Константиновиќ некаде во близина на Сурчин, во предградието на Белград.

„Милош, исто така, ми рече дека го намамил Нинослав Константиновиќ во шума во близина на автопатот што води од Белград кон Загреб … Тој го намамил велејќи му дека неговата сопруга ќе дојде таму“, ѝ изјави Калиниќ на полицијата.

Тој наведе дека Симовиќ го убил Константиновиќ заедно со уште еден член на бандата, Милан Јуришиќ Јуре, затоа што Константиновиќ „му одел на нерви“.

„Според раскажувањето на Милош, убиството го извршил самиот Милош со пиштол, пукајќи одблизу во главата на Нинослав Константиновиќ“, рече Калиниќ.

Тој додаде дека Симовиќ мора да знае каде е гробот на Константиновиќ, бидејќи тој и Јуришиќ го погребале. Телото на Константиновиќ досега не е пронајдено.

Боро Бањац беше началник на Управата за борба против организираниот криминал, кога започна операцијата „Сабја“. Тој објаснува дека во тоа време полицијата имала екипи, чија работа била да ги пронајдат осомничените кои биле во бегство.

„Мислам дека во тоа време, Министерството за внатрешни работи немаше поголема задача од тоа“, вели Бањац за БИРН.

Тој објасни дека во тоа време полицијата располагала само со „гласини“ за тоа каде се наоѓаат Симовиќ, Калиниќ и Константиновиќ, но дека тие знаеле за убиството на Константиновиќ.

„Дури и отидовме таму да копаме, да го бараме оној Жељко (Михајловиќ) Црногорец (уште еден член на бандата, убиен во 2000 година) и Нинослав (Константиновиќ), но не најдовме ништо опипливо за да можеме да тврдиме дека тој е погребан таму“, истакна Бањац.

БИРН се обиде да добие коментар од адвокатот на Константиновиќ, Оливера Ѓорѓевиќ, но таа не одговори на нашите телефонски повици, пораки и е-поштата.

Брутално убиство во Шпанија

 

Апсење на Лука Бојовиќ во Шпанија. Принскрин

Две години по настанот крај Загреб, на 9 февруари 2012 година, тројца Срби заминале на вечера во ресторан во шпанскиот град Валенсија. Но, тие не го завршиле оброкот, бидејќи полицијата влегла во ресторанот и ги уапсила. Тоа биле Лука Бојовиќ, Владимир Милисављевиќ и Синиша Петриќ.

Лука Бојовиќ беше член на паравоената единица „Тигри“, предводена од злогласниот Жељко Ражнатовиќ Аркан, која учествуваше во војните во 90-тите години. Бојовиќ не беше обвинет за убиството на Ѓинѓиќ, но постоеше сомневање дека тој станал водач на Земунскиот клан, откако Спасојевиќ и Луковиќ беа убиени во 2003 година.

Милисављевиќ, пак, се бараше за убиство на Ѓинѓиќ, и тој е последниот член на бандата, уапсен за ова злосторство.

Пресудата на шпанскиот суд од декември 2014 година, даде повеќе детали за движењето на лицата кои учествувале во убиството на Ѓинѓиќ, и кои беа во бегство.

Членот на Земунскиот клан и осомничен за убиството на Ѓинѓиќ, Сретко Калиниќ, сведочеше пред судот како сведок. Тој изјави дека Бојовиќ го контактирал во Загреб и оти двајцата се преселиле во Мадрид во 2009 година, каде што живееле во изнајмена куќа со Милан Јуришиќ.

Во изјавата на Калиниќ, која беше вклучена во пресудата, се вели дека Бојовиќ решил да го убие Јуришиќ „поради несогласувањата што постоеле помеѓу нив двајца“, се вели во пресудата.

„На 5-ти или 6-ти март 2009 .… Во присуство на В. Милисављевиќ и С. Калиниќ, Л. Бојовиќ неколку пати го удрил М.Јуричиќ со чекан по главата и тој веднаш починал. Тројцата го однеле телото во кујната, каде што Л.Бојовиќ и В. Милисављевиќ го распарчиле и парчињата ги завиткале во хартија и вреќи, а потоа ги ставиле во фрижидер“, се вели во пресудата.

„Следниот ден тие почнале да ги мелат остатоците, но ја искршиле електричната мелница за месо, па Калиниќ и Милисављевиќ заминале да купат друга, со која продолжиле да мелеат, а потоа фрлиле дел од тие остатоци во тоалетот. Бојовиќ и Калиниќ ги исекле коските со пила за дрво. Милисављевиќ се посветил на кршењето на главата“, се вели во пресудата.

Во неа се додава дека Калиниќ потоа ги фрлил останатите остатоци во реката Манзанарес во Мадрид и неколку дена подоцна, ја напуштил Шпанија.

Сепак, судот во Мадрид не поверува во изјавата на Калиниќ, дека Бојовиќ го убил Јуришиќ, а Милисављевиќ е прогласен за виновен само за вмешаност во убиството.

Една и пол година по изрекувањето на пресудата, Калиниќ сè уште беше во бегство, кога неговиот пријател од Земунскиот клан, Милош Симовиќ, пукал во него во Хрватска.

По ова, како што пишуваа медиумите, Симовиќ се обидел да побегне од Хрватска, но бил уапсен кога сакал да влезе во Србија. Калиниќ беше екстрадиран во Србија во август 2010 година.

Во септември 2011, на двајцата во Белград повторно им се судеше за убиство на Ѓинѓиќ, бидејќи тие претходно беа осудени во отсуство.

Според извештаите на медиумите, Симовиќ признал дека учествувал во атентатот, додека Калиниќ го негирал тоа. Пресудата на повторното судење во 2012 година, ги потврди нивните осудителни пресуди и двајцата беа осудени на по 30 години затвор.

Владимир Милисављевиќ и натаму ја издржува казната затвор во Шпанија, за учество во убиството на Јуришиќ. Кога ќе ја издржи оваа казна, се очекува тој да биде екстрадиран во Србија, поради издржување на друга затворска казна, со што ќе стане последниот член на бандата, што ќе се најде зад решетки за убиството на Ѓинѓиќ, извршено пред 18 години.

Убијците на Ѓинѓиќ: каде се сега?

Милорад Улемек Легија, поранешен командант на ЕСО и организатор на убиството на Ѓинѓиќ, ја издржува казната за ова и за други злосторства на Земунскиот клан.

Душан Спасојевиќ Шиптар и Миле Луковиќ Кум, водачи на Земунскиот клан, беа убиени од полицијата при обид да бидат уапсени, во март 2003 година.

Звездан Јовановиќ, заменик командант на ЕСО, издржува затворска казна, за убиството на Ѓинѓиќ.

Александар Симовиќ, член на Земунскиот клан, беше уапсен во 2006 година. Издржува казна затвор за убиството на Ѓинѓиќ и за други злосторства извршени од Земунскиот клан.

Нинослав Константиновиќ Нино, припадник на Земунскиот клан, никогаш не беше уапсен. За него се верува дека е убиен, иако неговото тело досега не е пронајдено.

Владимира Милисављевиќ наречен Владо Будала, припадник на Земунскиот клан, издржува затворска казна во Шпанија, за повеќе злосторства.

Сретко Калиниќ Звер, припадник на Земунскиот клан, беше уапсен во Хрватска во 2010 година, екстрадиран е во Србија и во моментов издржува затворска казна за убиството на Ѓинѓиќ и за други злосторства на Земунскиот клан.

Милош Симовиќ беше уапсен во 2010 година, откако се обиде да го убие Сретко Калиниќ, во Хрватска. Тој издржува затворска казна за убиството на Ѓинѓиќ и за други злосторства на Земунскиот клан.

Милан Јуришиќ Јуре, член на Земунскиот клан. Убиен е во Мадрид, Шпанија, во 2009 година, од неговите пријатели од бандата.

Душан Крсмановиќ, член на Земунскиот клан, издржува казна затвор за убиството на Ѓинѓиќ.

Саша Пејаковиќ, член на ЕСО. Издржа дел од казната и на почетокот на 2013 година беше предвреме ослободен.

Бранислав Безаревиќ, поранешен вработен во Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија, се наоѓа на отслужување на затворската казна.

Жељко Тојага Жмиги, припадник на ЕСО. Издржа дел од казната и во 2018 година беше предвреме ослободен.