Регион

Владата на Ѓинѓиќ „не ги гледаше“ Специјалните единици како закана

Демократската влада избрана по падот на Слободан Милошевиќ, не виде закана во Единицата за специјални операции (ЕСО ) , вели за БИРН Милош Васиќ

Во ноември 2001 година, Единицата за специјални операции, специјална единица на Државната безбедност (ДБ) на Србија, организираше вооружен бунт и ги блокираше автопатите, барајќи од Владата да запре со екстрадицијата на Србите во Хашкиот трибунал.

Скоро 20 години подоцна, долгогодишниот новинар, Милош Васиќ, гледајќи наназад, за БИРН вели дека инцидентот требало да биде препознаен како „следен чекор“ во синџирот на настани, кои на крајот довеле до атентат врз српскиот премиер, Зоран Ѓинѓиќ, извршен на 12 март 2003 година.

Истиот ден со побуната, командантот на ЕСО , Милорад Улемек Легија, требаше пред суд да сведочи за обидот за убиство на опозицискиот лидер, Вук Драшковиќ, извршен две години претходно, наводно, од страна на оперативците на ЕСО  и на ДБ.

„Јас го толкував тоа како закана (за властите)“, вели Васиќ.

Но, одговорот на бунтот на коалициската Влада, предводен од Ѓинѓиќ, беше слаб, додава тој.

„Со сигурност знам дека елементи на воената полиција и на 63-тата падобранска бригада, беа распоредени во околината и подготвени да ја разоружаат и растурат таа ‘банда’, но Владата се спротивстави на тоа“, посочува тој.

На прашањето дали е можно членовите на Владата да не знаеле каков проблем претставува ЕСО, Васиќ нагласува оти тие не ја гледале реалноста.

„Сите беа заслепени“, вели Васиќ. „Во еден момент, го прашав Чедо (Чедомир) Јовановиќ (тогаш клучен сојузник на Ѓинѓиќ), ‘зошто не ја растеравте бандата веднаш, по побуната? Едноставно да ја укинете единицата, да ги разоружате и да ги растерате по дома’“.

„И Чедо ми вели вака: ‘Сите мислевме дека можеби ќе ни затребаат за нешто’. И мислам дека Чедо е во право, дека ја кажа вистината“, истакнува Васиќ.

Јовановиќ подоцна изјави дека е „неспорно“ оти побуната била „вовед во дестабилизирање на земјата, што директно резултираше со убиство на премиерот Зоран Ѓинѓиќ“.

Тој, исто така, наведе дека вистинскиот мотив за востанието бил во „намерата да се скријат криминалните активности на единицата“, а не да се запре екстрадицијата на Србите во Хаг. Васиќ е на сличен став, па затоа вели дека овој наводен мотив бил „глупост“.

Побуната заврши кога Владата вети дека ќе направи промена во врвот на ДБ. За нејзин заменик началник беше назначена Милорад Браќановиќ, кој беше близок соработник на Улемек.

Шеснаесет месеци подоцна, Ѓинѓиќ беше убиен. Улемек и другите припадници на ЕСО, го организираа атентатот, во соработка со криминалната банда, Земунски клан.

Острите мерки што потоа ги презедоа властите, кои вклучуваа апсење на стотици луѓе, доведоа до тоа 12 припадници на ЕСО и на Земунскиот клан, вклучувајќи го и Улемек, да бидат осудени, а единицата расформирана.

Судот „не може да ги ‘закачи’ за ништо“

Убиениот српски премиер Зоран Џинѓиќ

Васиќ разговараше со БИРН, непосредно пред одбележувањето на годишнината од атентатот на Ѓинѓиќ, кое треба да се одржи во петок во Белград. Ѓинѓиќ беше првиот премиер на една демократска влада во Србија по Втората светска војна, кој дојде на таа позиција по соборувањето на Милошевиќ од власт, во 2000 година.

Васиќ ја следи српската политика уште од 70-тите години. Тој прво работел за списанието НИН, а потоа со група свои колеги, новинари, го основал неделникот „Време“, кој стана еден од најважните независни медиуми за време на владеењето на Милошевиќ, но и потоа, кога требаше да се известува за воените злосторства, за организираниот криминал , корупцијата и за други важни прашања, што го засегаа српското општество. Васиќ беше еден од ретките новинари во Србија, што интензивно известуваше за активностите на ЕСО.

Промената на власта во 2000 година во Србија, се случи главно на политичко ниво, а повеќето полициски, воени и разузнавачки служби, кои беа одговорни за сите видови злосторства во воените 90-ти години, за време на владеењето на Милошевиќ, останаа практично недопрени. Ова, исто така, важеше и за ДБ, и за ЕСО, што доведе до убиство на Ѓинѓиќ.

Васиќ се сеќава кога во 1996 година, ЕСО официјално била формирана, иако слична единица, позната како „Црвени беретки“, дејствувала во војната во 1991 година во Хрватска, а потоа и во Босна и Херцеговина, под контрола на шефот на ДБ, Јовица Станишиќ, и неговиот заменик, Франко Симатовиќ Френки.

На Станишиќ и Симатовиќ, моментално, во обновена постапка повторно им се суди пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, за наводно учество во заеднички злосторнички потфат, на чело со Милошевиќ, со цел трајно и присилно отстранување на Хрватите и Бошњаците од големи делови на територијата на Хрватска и на Босна и Херцеговина, заради постигнување на српска доминација. За да го постигнат тоа, тие користеле паравоени единици како што се Црвените беретки, Тигрите на Аркан, Скорпионите, се тврди во обвинението.

„ЕСО  е нивно чедо, тие во 96-тата го префрлија оној употреблив дел од некојси паравоени мајмуни, кога велам употреблив, мислам на психофизичките способности, сите одеа на лекарски преглед“, истакнува Васиќ.

Станишиќ и Симатовиќ, на првото судење во Хаг, беа ослободени од обвинението. На второто судење тие повторно се изјаснија за невини. Конечната пресуда треба да им биде изречена во мај, а Васиќ смета дека тие можат повторно да бидат ослободени, бидејќи судот на ООН „не може да ги ‘закачи’ за ништо“.

„Сега лично, не сум сигурен дека Јовица и Френки ќе бидат осудени, тенок случај. Јовица и Френки треба нам овде да ни одговараат за разни работи, не таму во Хаг, но ние нема да го дочекаме тоа, заборавете на тоа“, вели тој.

„Па, да ги најдеме лешевите …“

Интервју на Милош Васиќ за Н1 ТВ, 2016. Фото: Н1.

По неколку децении работа како новинар, Васиќ пред три години се пензионираше, но продолжи внимателно да ги следи тековните и политички настани. Кога го посетивме, тој на телевизија следеше извештаи за апсењето на членови на наводна банда за организиран криминал, предводена од српски фудбалски навивач.

Десетици луѓе беа уапсени во полициски акции, кои провладините медиуми ги споредија со операциите извршени по атентатот врз Ѓинѓиќ.

Акциите следеа по наводите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека биле прислушувани неговите телефонски разговори. Беа изнесени неаргументирани тврдења дека службеници на полицијата и на службата за безбедност, биле вклучени во нелегално прислушување и дека можеби постоел заговор за убиство на Вучиќ.

Некои таблоиди ја споредија криминалната банда, наводно предводена од навивачот, Вељко Беливук, со Земунскиот клан, кој учествуваше во убиството на Ѓинѓиќ, но Васиќ е скептичен.

„Тие се уличари, улични дилери на ситно и улични насилници на ситно, е сега треба само да видиме колку мртви имаат на душа – постојат разни сомневања, од 8 до 10, па да ги најдеме лешевите …“, вели Васиќ.