Регион

Косово:Новиот Специјален суд и старите проблеми

Специјалниот суд со седиште во Хаг, мора да склучи договори со земјите на ЕУ за преместување на сведоците и нивните семејства, за да се обезбеди нивно сведочење, без страв од заплашување

На доверливиот брифинг со европските дипломати во Хаг минатиот месец, претседателката на Специјализираните совети на Косово (ССК), Екатерина Трендафилова, предупредила дека судот во Косово се соочува со зголемени напори за попречување на тековните правни постапки.

ССК се формирани под голем притисок на западните сојузници на Косово, со цел да им суди на поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за воени и повоени злосторства извршени меѓу 1998 и 2000 година.

Таканаречениот, Специјален суд, е крајно непопуларен во Косово, каде се смета за навреда на ослободителната војна на ОВК. Неговото оспорување стана уште поголемо кога поранешниот косовски претседател, Хашим Тачи, и поранешниот претседател на косовското собрание, Кадри Весели, во војната високи припадници на ОВК, заминаа во Хаг, откако беше поднесено обвинение против нив.

Според транскриптот од состанокот одржан на 11 февруари, кој го објави Еуроњуз, Трендафилова предупредила дека обидите на политичарите да го преместат судот на Косово или да помилуваат лица што ќе бидат осудени од судот, може да влијаат на безбедноста на сведоците.

„Ова секако ќе ги загрози животите, безбедноста и сигурноста на луѓето кои се или ќе бидат подготвени да соработуваат со нас. Ваквите измени секако би имале застрашувачки ефект врз сведоците, кои можеби повеќе нема да сакаат да се појават, што би го оневозможило специјализираниот обвинител да продолжи со своите случаи“, рекла таа.

Трендафилова ги повикала европските земји да размислат за „сеопфатни договори за соработка“, за да можат сведоците и нивните семејства да бидат префрлени во западноевропските земји.

„Без овие договори, во некои случаи ќе биде многу тешко, ако не и невозможно, да се обезбеди слободно сведочење без никаков страв“, нагласила таа.

Од Специјалниот суд не прецизираа дали обезбедувањето на ваквите договори за соработка, што може да доведе до преселба на сведоците во други земји, и натаму е предизвик за нив.

„Што се однесува до договорите со земјите на ЕУ, не можеме да коментираме за оперативни прашања“, ни рече, Ангела Грип, портпарол на ССК.

Сепак, таа повтори дека „заштитата и поддршката на сведоците, се врвен приоритет за Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово (СОК)“.

„Тоа ќе ги зголеми сомнежите кај сведоците“

Поради времето што поминало од злосторствата и недостигот на материјални докази, обвинителите во голема мера ќе се потпрат на очевидците. Се верува дека многумина се веќе префрлени надвор од Косово, и дека дел од нив ќе добијат нов идентитет.

Заштитата и дислоцирањето на сведоците, беше една од клучните причини зошто седиштето на Специјалниот суд се наоѓа надвор од Косово и зошто во него е ангажиран меѓународен персонал, иако тој е дел од косовскиот судски систем. Претходните судења на поранешните припадници на ОВК во Косово и пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), беа пропратени со заплашување на сведоците.

Во некои случаи, дури и откако сведоците ќе беа префрлени во друга земја, нивни роднини или други лица се обидуваа да ги убедат да ги повлечат своите искази.

Во 2008 година, МКТЈ ги обвини, Астрит Хараќиај, поранешен косовски министер, и новинарот, Бајруш Морина, за непочитување на судот поради влијание врз сведоците на судењето на поранешниот командант на ОВК и актуелен политичар, Рамуш Харадинај и други, додека новинарот, Батон Хаџиу, беше обвинет за откривање на идентитет на заштитен сведок. Сите тројца беа осудени.

Ваквите случаи се пример за предизвиците што се јавуваат во заштитата на сведоците во Косово, каде што идентитетот на сведоците во оваа мала земја, со блиски врски меѓу луѓето, ретко може да остане тајна, дури и кога тие се преселени во некоја друга земја.

Ехат Мифтарај, директор на Косовскиот правен институт, со седиште во Приштина, вели дека ако Специјалниот суд сè уште се занимава со договорите за дислоцирање, тоа отвора прашања во врска со неговиот кредибилитет.

„Жално е што дури и пред почетокот на судењата, претседателката на судот изразува загриженост за работата на судот и што овие изјави се јавно објавени“, вели Мифтарај за БИРН.

„Тоа ќе влијае на сведоците, ќе ги зголеми нивните сомнежи во врска со професионалноста на судот, да им обезбеди судска и физичка сигурност“, нагласува тој.

Договорите за префрлање на сведоците во други земји, беа голем предизвик и кога косовскиот правосуден систем го водеше Мисијата на Обединетите нации, УНМИК, но и подоцна, за време на мандатот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС.

Жан-Кристијан Кеди, кој беше шеф на одделот за правосудство на УНМИК од 2000 до 2004 година, посочува дека земјите не биле подготвени да склучат каков било договор со Мисијата, за прифаќање на сведоците.

„Заштитата и преместувањето на сведоците беше тешко, затоа што повеќето земји не беа толку кооперативни со УНМИК“, нагласува Кеди за БИРН.

Тој посочува оти пружањето помош на ССК, во процесот на преместување на сведоците, треба да биде „од најголема важност за земјите од ЕУ, кои лобирале за формирање на судот“.

„Како и да е, најдобриот начин да имаат повеќе сведоци, ќе биде ако на тие сведоци им се помогне да се преселат и да добијат азил во земјите на ЕУ, бидејќи ако се вратат на Косово, може да се соочат со закани или да бидат убиени“, објаснува Кеди.

Дополнителни грижи создаде и инцидентот со Здружението на воени ветерани на ОВК, кое дојде до доверливи документи на  Специјалниот суд. Здружението ги повика медиумите да ги објават документите, што отвори можност за потенцијално откривање на идентитетите на заштитените сведоци.

Претседателот и заменик претседателот на Здружението, Хисни Гуцати и Насим Харадинај, беа уапсени во ноември и сега им се суди за наводно  попречување на правдата и за заплашување на сведоци.

Лицето кое им ги доставило документите, досега не е јавно идентификувано.

ССК во ноември објавија документи во кои се тврди дека Тачи и неговите поранешни соборци, пред почетокот на нивното судење за воени злосторства и злосторства против човештвото, вршеле притисок врз можните сведоци на Обвинителството.

Обвинителството посочи дека тие „имаат огромно влијание врз поранешните припадници на ОВК и воопшто на Косово“ и наведе дека осомничените „активно ја олеснувале и ја охрабрувале климата на неказнивост и на заплашување“.

Беше нагласено оти „владини функционери лојални на Тачи и на Весели, вршеле коруптивни исплати на потенцијални сведоци на обвинителството“ и оти на потенцијален сведок, во нивниот случај, му понудиле работа.

 „Тие треба да го гарантираат животот на сведоците“

Мејреме Зогај, чиј брат почина додека беше заштитен сведок на судење на поранешни припадници на ОВК, обвинети за воени злосторства. Фото: Сербезе Хаџијај/БИРН.

Мејреме Зогај, се сеќава дека бил топол априлски ден 2010 година, кога нејзиниот брат Агим, познат како „Сведок Х“ на судење за воени злосторства на десет поранешни припадници на ОВК, го напуштил Косово.

По повеќе години криење, обиди да го ликвидираат, да го поткупат и други притисоци, Зогај беше префрлен во Германија, како дел од програмата за заштита на сведоците.

Но, и покрај тоа, тајноста на неговиот идентитет, како главен сведок на судењето на поранешните припадници во Приштина, меѓу кои беше и Фатмир Лимај, поранешен командант на ОВК, кој стана моќен политичар по војната, беше доведен под знак прашалник.

Шест месеци подоцна, односно еден месец пред почетокот на судењето, Зогај беше пронајден обесен на дрво во парк во градот Дуизбург, западна Германија. Лимај на крајот беше ослободен.

Германските власти утврдија дека причината за смртта на Зогај е самоубиство, но неговото семејство верува дека тој бил убиен.

„Никогаш не поверував во тоа. Тоа не може да биде вистина“, вели Мејреме за БИРН, додека разговаравме со неа во нејзиниот дом во Липјан.

Таа смета оти тоа што го префрлиле нејзиниот брат во друга земја, не било доволно за да го зашти.

„Кога ќе решат да преселат некого во странство, треба да му го гарантираат животот. Во спротивно, тоа не може да се нарече заштита“, истакнува таа.

„Се надевам дека новиот суд научи од трагедијата на другите, како мојот брат“, додава Мејреме.

ЕУЛЕКС, во повеќе наврати, одби да разговара за смртта на Зогај, ниту пак кажа дали тој бил под нивна заштита во тоа време.

Во меѓувреме, на Косово е формирана единица за заштита на сведоците, која дејствува во рамките на косовската полиција, но таа се соочува со потешкотии во обезбедувањето на ресурси.

Косовското Министерство за правда одби да информира дали Косово неодамна потпишало некаков меѓународен или регионален договор, во областа на заштитата на сведоците.