Пишува: Свен Милекиќ, Загреб
„Катарина Бајловиќ, Србинка, 90 години, (најдена во) Лушчани (централна Хрватска) … Беше стара и болна. Останала во својата куќа за време на воената операција „Бура“. Била убиена во својата куќа: главата ѝ беше отсечена, а свињите го растргнале нејзиното тело кое што лежеше на домашниот праг“.
Ова е опис кој се наоѓа во извештајот на Хрватскиот хелсиншки комитет за човекови права, кој ги истражувал злосторствата извршени за време и по операцијата „Бура“, со која во август 1995 година, ХВ ги порази српските бунтовници.
Бојан Муњин, денес новинар за театар и култура во хрватскиот неделник „Новости”, бил еден од истражувачите на Хелсиншкиот комитет, на кого, како и на другите, трауматичното искуство низ кое поминал документирајќи ги злосторствата, му останало длабоко во сеќавањето.
„Сликата на телото на една стара госпоѓа во распаѓање и телото за кое подоцна се покажа дека е на нејзиниот син, со раце врзани со жица, сѐ уште ме прогонува”, вели Муњин.
Тој бил дел од истражувачкиот тим на Хрватскиот хелсиншки комитет за секторот Југ на Обединетите нации, кој го опфаќал регионот на Книн. Шеф на тимот бил еден од најистакнатите членови на оваа организација, покојниот Петар Mркаљ.
„Секаде наоколу имаше изгорени села, некои сѐ уште гореа, на некои места на земјата сѐ уште лежеа и тела”, вели Муњин за БИРН.
Тој ни раскажува дека истражувачите, кои во август 1995 година, веднаш по хрватската победа во „Бура”, започнале со теренско истражување, работеле под голем притисок, бидејќи државата и дел од медиумите во Хрватска не биле „среќни” што оваа организација ги истражува злосторствата извршени за време на воената операција.
За некои истражувачи, особено за студентите волонтери, тоа била “прва средба со човечки трупови во животот”, додава Муњин.
Истражувачките тимови разговарале со преживеаните, со семејствата на жртвите и со сведоците, за да ги утврдат имињата и националната припадност на жртвите. Истражувачите, пред да стават некое лице на списокот на жртви на Хрватскиот хелсиншки комитет, барале изјави од најмалку два различни индивидуални извори.
Муњин нагласува дека извештајот на оваа организација бил составен на професионален начин од страна на „чесни луѓе со интегритет” и дека е можно во него да има само мали грешки.
Тој ги негира тврдењата што периодично се објавуваат во некои хрватските медиуми, дека тие се обидуваат да најдат што е можно повеќе жртви, за вештачки да го зголемат нивниот број.
Никој “не се надеваше дека ќе има уште идентификувани жртви”, вели тој.
Разбивање на српските бунтовници
За време на операцијата „Бура“, хрватските сили повторно ја вратија контролата над територијата што од крајот на 1991 година, беше во рацете на бунтовничките хрватски Срби, на кои им помагаа Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици.
Освен големите злосторства извршени над Хрватите, српските бунтовнички властите на самопрогласената Република Српска Краина (РСК), од оваа територија протерале меѓу 200.000 и 250.000 лица кои не биле Срби.
Откако мировните преговори не успеале, помеѓу 4 и 7 август 1995 година, хрватските специјални полициски и армиски единици, ги разбиле српските бунтовнички сили и повторно ја презеле сета своја територија, со исклучок на онаа во источна Хрватска.
Операцијата довела до хуманитарна криза, бидејќи за време и по операцијата, Хрватска ја напуштиле околу 200.000 српски цивили. Комитетот за бегалци на ООН, процени дека во 1995 година, Хрватска ја напуштиле околу 250.000 Срби.
Исто така, хрватските сили и други непознати лица, за време и по операцијата „Бура“, убиле српски цивили.
Извештајот, изготвен од 12 или 13 истражувачи на Хрватскиот хелсиншки комитет, е единствениот извештај кој се обидува да ги идентификуваат сите жртви.
Во тој извештај, кој прв пат беше објавен во 1999 година, а во 2001 година и како книга, именувани се 677 жртви на воените злосторства, извршени во и по операцијата.
Дека извештајот е веродостоен, тврдат и други истражувачи на Хелсиншкиот комитет, кои побараа да останат анонимни, истакнувајќи дека државните власти се обиделе да ги негираат нивните наоди, наведувајќи дека едно лице, кое се наоѓало на списокот на жртви како убиено, всушност е живо.
Меѓутоа, подоцна било откриено дека се работи за две лица со исто име и презиме.
„Врз основа на информациите дека Mанда Тисма (една од именуваните жртви) е жива, Министерството за внатрешни работи го негираше целиот извештај”, објаснува еден од истражувачите. „Подоцна откривме дека постојат две Манди Тисми, и, се разбира, едната беше убиена. Во тоа време, Министерството за внатрешни работи не најде никаква друга грешка или невистина во извештајот“.
Одбраната на хрватските генерали, Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак, се обиде, за време на вкрстеното испрашување на поранешниот претседател на Хрватскиот хелсиншки комитет, Жарко Пуховски, пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во 2009 година, да го оспори извештајот.
Пуховски изјави дека веројатно има грешки, но оти генерално, извештајот фактички е точен.
Пуховски ги отфрли наодите на Меѓународниот Црвен крст, дека некои убиени лица биле војници, затоа што кога биле убиени носеле воена униформа, образложувајќи дека во војната во Хрватска и во Босна и Херцеговина, не било необично цивилите делумно или целосно да бидат облечени во воена униформа.
Други, пак, тврдеа дека во извештајот недостасуваат оригинални документи и аудио изјави од сведоци.
Сепак, сегашниот претседател на Хрватскиот хелсиншки комитет, Иван Звонимир Чичак, за БИРН вели оти овие докази постојат и дека тие „се депонирани на безбедно место”.
Изгорени куќи и тела
Снимки на ООН на кои се гледаат изорени и куќи во пламен |
Во извештајот на Хрватскиот хелсиншки комитет, се вели дека за време на операцијата „Бура“, делумно или целосно биле уништени и запалени повеќе од 20.000 објекти – вклучувајќи и куќи, штали и гаражи, и се документираат широко распространети грабежи.
Муњин нагласува дека видел неодамна вселени куќи на кои пишува „Зафатено: Хрват”, што на напаѓачите им сигнализирало да не го пљачкосуваат, палат или одземаат тој имот, со цел по конфликтот да биде одземен недопрен.
Раскажува дека со нив контактирале и сведоци кои сакале да им дадат информации во врска со некое злосторство и наведува пример на еден човек, кој ги повикал кон крајот на септември 1995 година, за да им даде информации за убиство на девет постари српски цивили во селото Вариводе, извршено од непознати сторители.
„Се сеќавам кога не повикa тој маж, сведок, и ни рече дека ги нашол овие луѓе кои биле убиени, велејќи дека е Хрват. Тој напомена дека е Хрват, како тоа да беше знак за кредибилитет“, вели Муњин.
Се сеќава и на една жена која им опишала инцидент кој се случил една недела по почетокот на операцијата, во кој била убиена нејзината мајка, инвалид.
„Слушнала кога хрватска единица дошла до нивната куќа. Ги гледала од ридот кој се наоѓал во близина на куќата и по неколку минути чула машки глас како вика “запали ја”. Тогаш нејзината куќа пламнала како чкорче“, ни вели тој.
„Гледајќи го она што го видовме, почувствувавме само сожалување. За нас, тоа беше огромна човечка катастрофа. Не мразевме никого, ниту пак го осудивме национализмот или нешто друго. Само чувствувавме жал за луѓето кои ги загубија своите животи. Само сакавме да одговориме на сите човечки страдања. Ништо повеќе“.
Друг истражувач, кој сакаше да остане анонимен, ни раскажа за неговата посета на секторот Југ, во август 1995 година, веднаш по операцијата „Бура“, каде што заминал во придружба на еден хрватски војник, воен хирург и локален Србин од Книн.
“Бев на терен од 7-ми до 15-ти август, тоа беше мојата прва посета. Спиев во Шибеник и секој ден одев на терен“, ни вели овој истражувач.
За време на посетата, истражувачите на оваа организација собирале информации за состојбата по операцијата и од силите на ООН кои што се наоѓале на теренот.
Нашиот соговорник ни раскажа дека заминал и до Прокљанско езеро, затоа што неговиот пријател добил информации дека неговите родители биле егзекутирани по операцијата. Тие таму ги нашле изгорените тела на родителите на неговиот пријател, ставени под рибарски мрежи, покрај кои имало остатоци од стари автомобилски гуми.
„Беа убиени со калашников. Тие (убијците) ги довлечкале нивните тела до автомобилски гуми, ги покриле со рибарски мрежи, ги попрскале со бензин и ги запалиле“, вели нашиот соговорник.
„Кога стигнав таму, имаше (останато) неколку нивни коски и дел од черепите. Ги ставив во торба, се довезов до мостот во Шибеник и ги фрлив во шибенскиот канал. Бидејќи беше рибар, мислев дека е најдобро да ги фрлам во морето“, објаснува тој.
На местото на кое што ги пронашол, зел и празни чаури, кои подоцна им ги дал на државните обвинители кои го истражувале случајот.
Сторителот на злосторствата на Прокљанско езеро, хрватскиот војник Божо Бачелиќ, е единствениот човек кој досега е осуден за злосторства извршени за време на операцијата „Бура“.
Хрватскиот Врховен суд во мај 2014 година го осуди на седум години затвор за убиство на двајцата цивили и за убиство на еден воен затвореник.
Нашиот соговорник од Хрватскиот хелсиншки комитет вели дека на крајот научил да разликува кои куќи биле уништени со противтенковски мини, кои биле запалени, а кои дигнати во воздух со обични плински боци.
Во трајно сеќавање му останале и преживеаните.
„Се сеќавам на постари српски цивили кои талкаа таму низ селото. Храбри старци кои се обидуваа да спасат што може да се спаси“, вели тој.
Подоцна заминал во регионот на Госпиќ, во селото Комиќ, каде што се случиле убиствата за кои раскажуваше и Муњин.
Во селото, непознати лица убиле девет постари српски цивили. Најстарата жртва имала 92 години – тоа е таа „стара госпоѓа” за која зборуваше Муњин.
„Ги најдовме во февруари 1996 година, но волците веќе ги беа растргнале нивните тела. Направивме фотографии, повикавме истражен судија и полиција. Тие го направија своето, ние своето“, потенцира нашиот соговорник.
„Ова се веројатно најстрашните слики што ги носам во главата”, вели тој.