Апелацискиот суд во Белград ги осуди осумината поранешни припадници на територијалната одбрана (ТО) на Вуковар, во тоа време дел од Југословенската народна армија (ЈНА), на 101 година затвор, за еден од најозлогласените масакри извршени за време на војните во поранешна Југославија.
Судот ослободи четири, а ја суспендираше постапката против едно лице, кое во меѓувреме почина.
Судот ја потврди казната од 20 години затвор за Мирољуб Вујовиќ, Станко Вујановиќ, Предраг Милојевиќ, како и казната од пет години затвор за Горан Мугоша.
Казните им беа намалени на Јован Атанасијевиќ, кој во меѓувреме го смени своето име во Ивица Хусник, Мирослав Ѓанковиќ и на Саша Радак. Вторите двајца наместо претходните 20 добија по пет години затвор, додека Хусник доби 15 години затвор.
Постапката против Ѓорѓе Шошиќ беше суспендирана бидејќи тој, во текот на судењето, почина. Казната ѝ беше зголемена на единствената жена во овој предмет, Нада Калаба, која наместо 9, доби 11 години затвор.
Четворица обвинети – Милан Војновиќ, Јовица Периќ, Милан Ланчужанин и Предраг Драговиќ – кои со првостепената пресуда добија затворски казни, беа ослободени поради недостиг на докази.
Масакрот на фармата Овчара следеше по падот на Вуковар во рацете на ЈНА и на српските паравоени единици кон крајот на 1991 година.
Според обвинението, обвинетите ги тепале и убиле затворениците кои биле доведени на фармата Овчара на 20 и 21 ноември 1991 година, откако српските сили го заробиле Вуковар.
Околу 200 затвореници биле мачени и убиени. Ова е најголемиот индивидуален случај за злосторствата поврзани со Вуковар, процесиран пред српски суд. Судењето започна во 2003 година.
Обвинетите, повеќето членови на ТО, беа осудени во 2005 година, но Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда и наложи повторно судење.
Новата пресуда беше изречена во 2009 година, а пресудата на Апелацискиот суд беше објавена на 12 јануари 2017 година.
Највисоките функционери осудени за злосторства поврзани со Вуковар се поранешните офицери на ЈНА, Веселин Шљиванчанин и Миле Мркшиќ, на кои им беше судено во Хашкиот трибунал.
Шљиванчанин беше прогласен за виновен во 2007. Во 2010 година Трибуналот му ја намали казната од 17 на 10 години затвор. Се врати во Белград во 2011 година откако отслужи две третини од казната и оттогаш одржува блиски врски со владејачката Српска напредна партија.
Мркшиќ, во 2007 година, беше осуден на 20 години затвор. Почина во 2015 година, додека ја отслужуваше казната во Португалија.