Регион

Повик до градот Загреб да не именува улица по воениот генерал Бобетко

Свен Милекиќ, Загреб

МИЧП постави протестен плакат покрај улицата за која е предложено да го носи името на Јанко Бобетко. Фото: МИЧП

Невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права (МИЧП), го повика градот Загреб да не именува улица по хрватскиот воен генерал од 90-тите години, Јанко Бобетко.

Два дена пред седницата на Собранието на Загреб, закажана за в четврток, активисти на МИЧП во населбата Побрежје, крај улицата за која е предложено да го носи името на воениот генерал, постави плакат со натписот „Улица на учесникот на здружен злосторнички потфат, Јанко Бобетко”.

Со ова МИЧП сака да привлече внимание дека Бобетко, во пресудата што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, неодамна им ја изрече на шест поранешни функционери на босанските Хрвати, е именуван како учесник во здружен злосторнички потфат, заедно со хрватскиот претседател Фрањо Туѓман и хрватскиот министер за одбрана, Гојко Шушак.

МКТЈ утврди дека Бобетко, Туѓман и Шушак, учествувале во здружен злосторнички потфат, заедно со шестмината функционери на босанските Хрвати, со цел протерување на Бошњаците.

„Младинската иницијатива за човекови права Ви се обраќа со цел да Ве предупреди на загрозувањето на вредностите на човековите права и на цивилизациските стандарди, до кое може да дојде, ако мнозинството од пратениците утре гласаат за поддршка на предлогот за именување”, се вели во соопштението на МИЧП, објавено во среда.

МИЧП нагласува дека МКТЈ, во септември 2002 година, го обвини Бобетко, како началник на генералштабот на хрватската војска, за злосторства извршени во септември 1991 година, над српски цивили и воени затвореници, во Медачки џеб, во близина на градот Госпиќ.

За време и по оваа операција, хрватските сили убиле 27 цивили и 5 воени заробеници. Двајца цивили преживеале, а тројца воени затвореници биле злоупотребени.

Бобетко одби да го прими обвинението, со образложение дека тоа ја доведува во прашање легитимноста на оваа операција.

Тогашната хрватска Влада на левиот центар, не дејствуваше во согласност со барањето на МКТЈ за апсење и екстрадиција на Бобетко во Хаг.

Бобетко почина во април 2003 година, а МКТЈ ја прекина постапката против него.

После тоа, во 2005 година, Хашкиот трибунал го префрли случајот за злосторствата во Медачки џеб на хрватското правосудство.

Во врска со овие злосторства, Окружниот суд во Загреб, во 2008 година, го осуди хрватскиот генерал, Мирко Норац, додека генералот, Рахим Адеми, беше ослободен.

Во оваа пресуда, како што потенцира МИЧП, е утврдено дека Јанко Бобетко бил на чело на “напореден команден синџир”.

Затоа, нагласува МИЧП, именувањето на улицата по Јанко Бобетко, “би било спротивно на насоките и препораките на меѓународните организации за заштита на човековите права, чиј член е и Република Хрватска”.

Иницијативата, улицата да го добие името на Бобетко, во декември ја покрена Хрватското генералско здружение, невладина организација од Загреб во која членуваат воени генерали од 90-тите години.

Оваа организација во декември минатата година организираше комеморација за Слободан Праљак, еден од шестмината функционери на босанските Хрвати кои МКТЈ ги осуди во ноември, а кој, само неколку моменти откако беше осуден на казна затвор во траење од 20 години, испи отров.

Идејата, улицатa да го добие името на Јанко Бобетко, го поддржа и владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), која, исто така, е дел од владејачкото мнозинство во Собранието на Загреб.

Во јануари, оваа иницијатива беше поддржана од Одборот за именување населби, улици и плоштади, чиј претседател е поранешниот контроверзен министер за култура, Златко Хасанбеговиќ