Иако помина четврт век од крајот на војната во БиХ, Cтратегијата за транзициска правда, која ги дефинира вонсудските механизми за утврдување на фактите за настаните од 1992 до 1995 година, сè уште не е усвоена.
Уште во 2010 година, Советот на министри на БиХ (Владата на БиХ), назначи експертска група за изготвување на нацрт-стратегија за транзициска правда, со надеж дека тоа ќе биде пресвртница, на повоениот пат на земјата.
Стручните членови на оваа група веруваа дека можат да придонесат кон откривањето на исчезнатите лица, кон спречувањето на манипулациите врзано за злосторствата, оти можат да донесат сатисфакција за жртвите и генерално да помогнат да се раскрсти со минатото и без бреме да се тргне кон иднината.
Тие успеаја да подготват нацрт стратегија, но властите никогаш не ја усвоија. Денес, овој документ е речиси заборавен, а поранешните членови на експертската група сметаат дека тоа се случило поради недостиг на политичка волја.
Затоа, Ели Таубер, еден од членовите на групата, има впечаток дека документот е направен само за да се покаже дека БиХ има намера да стори нешто и дека властите никогаш не ја сфатиле стратегијата сериозно.
„Секој што учествуваше во тој тим сметаше дека правиме најдобри работи за нашата земја. Сепак, некој мислел дека треба само да покажеме дека правиме нешто, но не и дека тоа треба да се случи“, вели Таубер.
„Отсуство на процесите неопходни за закрепнување на постконфликтното општество“
Експертската група од 15 членови, Советот на министри ја назначи уште на почетокот на 2010 година, а во истиот период, Министерството за човекови права и бегалци и Министерството за правда, одржаа серија консултации со претставници на здруженија, со семејства на жртви и со претставници на граѓанското општество.
Тоа беше прв пат, цели 15 години по завршувањето на војната, да се разменат мислења во директен контакт помеѓу различни национални групи, за прашања од областа на транзициската правда.
Златко Пркиќ, од Хрватското здружение на логорски затвореници од градот Вареш, кој учествувал во консултациите за изготвување на документот, на тој период се потсетува како на единствена можност, преживеаните жртви на тортурата и кршењето на човековите права, да кажат што за нив е главен проблем и како треба да им се помогне.
„После тоа, веќе немаше покани и состаноци. Беше направен обид да се стави проблемот под тепих, со цел што помалку логорски затвореници и воени жртви да бидат вклучени во неговото решавање“, вели Пркиќ.
Правниот експерт, Горан Шимиќ, кој, исто така, бил член на експертската група, вели дека по изготвувањето на документот, Советот на министри го зел истиот, го ставил во фиока и се однесувал како тој да не постои.
„Стратегијата не може да биде прифатена од членови на Советот на министри и луѓе што седат во Парламентот, кои не сакаат да го утврдат точниот број на жртви, нивните имиња, да утврдат каде биле логорите, кој ги основал, кои не сакаат да се спроведат сите судења за воени злосторства“, истакнува Шимиќ.
Визијата на Стратегијата за транзициска правда, како што е наведено во нацрт-документот, е воспоставување отворен, функционален и продуктивен дијалог за минатото на БиХ, во сите сегменти на општеството, со цел да се спречат идните манипулации, да се постигне сатисфакција за жртвите и да се воспостават ефикасни, професионални, репрезентативни и кредибилни јавни институции.
Покрај тоа, во нацртот се наведува дека,„за да се исполни правото на вистина на воените жртви во БиХ, се предвидува можност за воспоставување на институционален вонсудски механизам за утврдување на фактите, иако документот не ја предвидува формата и мандатот на тој механизам.
Клучните прашања што се дискутираат во нацрт-стратегијата се регулирање на прашањата за репарации на воените жртви, како и воспоставување униформни правила за изградба на спомен-обележја, со цел да се решат, како што е наведено, „бројните полемики и незадоволства“ во врска со спомениците посветени на жртвите на војната. Здруженијата на жртви честопати приговараат дека не смеат да поставуваат спомен-обележја во општините каде мнозинството од населението е од друга националност и дека во тие места се чуваат сеќавања само за жртвите од мнозинството.
Един Рамулиќ, претставник на Здружението „Извор“, кој беше дел од тимот за изготвување на документот, нагласува дека стратегијата, доколку била усвоена, ќе понудела нов пристап кон проблематичното прашање за зачувување на сеќавањето.
„Дури и самите спомен-обележја можат да придонесат квалитетно да се соочиме и да водиме дијалог за минатото, а не тие споменици да служат за обележување на територијата“, истакнува Рамулиќ.
Последниот чекор од нацрт-стратегијата предвидуваше спроведување на институционални реформи, преку проверка на професионалниот капацитет и моралниот интегритет на вработените во судските и безбедносните институции, во казнено-поправните служби и во јавната администрација, со цел да се намали бројот на вработени со дамки во военото минато.
Директорот на Хелсиншкиот комитет за човекови права во БиХ, Бранко Тодоровиќ, вели дека усвојувањето на стратегијата во 2010 година ќе бил задоцнет потег, бидејќи поминале околу 15 години по војната, но оти и тоа би дало постабилни основи за владеењето на правото. Бидејќи не е усвоена, повредите и злоупотребите сè уште не се контролирани.
„Прашањата што транзициската правда требаше да ги реши, останаа нерешени – меѓуетничката омраза, манипулацијата со жртвите, несудењето на воените злосторници, отсуството на надомест на штета и разни други репарации за жртвите, бегалците и за раселените лица“, нагласува Тодоровиќ.
„Тоа е отсуството на сите оние процеси, што се неопходни за закрепнување на постконфликтното општество“, смета Тодоровиќ.
Оспорувањата на босанските Срби, ја кочат стратегијата
Стратегијата за транзициска правда, како што за БИРН велат од Министерството за правда, не е усвоена од Советот на министри „поради оспорувањата од страна на властите на Република Српска“.
Острите поделби и обвинувања меѓу трите главни народи во БиХ – Бошњаците, Хрватите и Србите – траат уште од војната и продолжуваат да им нанесуваат штета на напорите за справување со минатото, правејќи го дисфункционален комплексниот политички систем на земјата.
Сафет Софтиќ, член на Претставничкиот дом на Државниот парламент, вели дека се плаши оти оваа стратегија тешко дека ќе ја поминела собраниската процедура, доколку се нашла на дневен ред, поради односот на гласови во Собранието.
„Се плашам, поради политичката клима во БиХ, која е на сцена со години, дека најверојатно долго би се натегале околу усвојувањето на таквата стратегија“, вели Софтиќ.
Усвојувањето на Стратегија за транзициска правда не би значело ништо, смета Душанка Мајкиќ, делегат во Домот на народите, бидејќи не е „ниту прва, ниту последна“ што не е имплементирана.
„Главниот недостаток е волјата да седнеме и политички да се договориме за клучните работи важни за иднината на земјата. Ако тоа не се направи во следниот период, не треба да очекуваме оти нешто ќе се промени, и не само во оваа област“, вели Мајкиќ.
„Опкружувањето сè уште не придонесува кон помирувањето“
Поранешните членови на експертскиот тим се на мислење дека одредени работи можеле да се подобрат, доколку стратегијата била усвоена и спроведена, односно дека негирањето на геноцидот и величањето на воените злосторници немало да биде толку застапено на јавниот простор, колку што е денес.
Тодоровиќ смета дека и меѓународната заедница носи огромна одговорност, бидејќи не им помогнала на институциите на земјата, да ги спроведат процесите на транзиција на правдата, во првите неколку години по војната.
„Наместо тоа, денес имаме жртви и извршители на злосторства на иста улица, кои дури и не се гонети за тоа“, додава Тодоровиќ.
Рамулиќ е на мислење дека документот направен пред десет години е застарен и дека има промена во амбиентот за решавање на прашањата во врска со транзициската правда.
„Треба повторно да се работи на документот. Секако, не треба да започнуваме од нула, нешто има, но не мислам дека има атмосфера, која е далеку полоша отколку во 2010 или 2011 година, кога беше подготвен документот“, истакна Рамулиќ.
Во 2019 година, Европската комисија усвои мислење за барањето на БиХ за членство во Европската унија, а меѓу 14-те клучни приоритети што треба да се исполнат на тој пат, е да се преземат конкретни чекори за создавање поволна клима за повоено помирување.
„Политичкото опкружување сè уште не придонесува кон помирувањето и надминување на настаните од минатото. Високорангираните политички лидери често ги оспоруваат утврдените факти за настаните од војната и предизвикуваат сомнежи во независноста и непристрасноста на меѓународните судови“, се вели во соопштението на Европската комисија.
„Сите актери во БиХ мора да покажат дека соработуваат со меѓународните судови, со признавање и почитување на нивните одлуки. Ревизионизмот и негирањето на геноцидот се спротивни на најосновните европски вредности“, се додава во мислењето.
Шимиќ наведува дека доколку стратегијата била усвоена, таквите универзални вредности би биле вметнати во неа.
„Досега практично би ја оставале војната зад нас – вака, секој ден имаме војна“, заклучува Шимиќ.