Регион

Познатата јахта на Тито станува музеј

Галеб, познатата јахта што Тито ја користеше за дипломатски патувања, по распадот на Југославија почна да пропаѓа.

Закотвен во пристаниште во Риека, Галеб, познат како официјална јахта на поранешниот југословенски претседател, Јосип Броз Тито, чека да биде реновиран и да го врати својот стар сјај, но и да биде претворен во музеј.

Овој дел од пристаништето во кое се наоѓа бродот е затворен за јавноста, а љубопитните посетители можат само да ѕирнат низ оградата, за да го видат 117 метри долгиот брод, на кој Тито им бил домаќин на многу државници од целиот свет.

Наташа Бабиќ, кустос во Градскиот музеј на Риека, кој е задолжен за зачувување на Галеб, за БИРН вели оти бродот сé уште предизвикува голем интерес кај посетителите.

„Сега е во многу лоша состојба во пристаништето Порто Барош и е недостапен за посетителите, но групите туристи сѐ уште го гледаат бродот преку оградата, тие се интересираат за него и бараат водичите да ги однесат таму и да им го покажат”, истакна Бабиќ.

Плановите за реконструкција и трансформација на бродот во музеј, се совпаѓаат со концептот, Риека во 2020 година, да стане европска културна престолнина. Градскиот музеј во Риека веќе започна да прибира реставрирани делови од бродскиот мебел, додека менаџерите на проектот бараат компанија која ќе го обнови зарѓаниот дел од бродот.

Од одделот за култура на градот Риека, за БИРН велат дека бродот е вреден пример на бродоградителско наследство, „со дополнително историско значење на неговите различни улоги во историјата”.

„Иако можеби најпознат како Титов Галеб, овој брод всушност има многу интересна биографија што е вредна за внимание”, ни рекоа од овој оддел.

Турбулентната историја на Галеб

 

Галеб бил изграден во Италија во 1938 година, од страна на италијанската државна компанија, под оригиналното име, Рамб. Неговата намена била да носи банани во Италија од нејзините јужноафрикански колонии.

„Меѓутоа, со бродот ова никогаш не било направено, тој никогаш не превезол ниту една банана, бидејќи почнал да работи пред почетокот на Втората светска војна”, рече Бабиќ.

На почетокот на Втората светска војна, бродот бил преземен од италијанска морнарица, која го трансформирала во воен брод, односно крстосувач за придружба.

За време на војната, бродот бил сериозно погоден двапати. Првпат од  торпеда на британска подморница во либиското пристаниште Бенгази.

Кога во септември 1943 година Италија капитулирала, бродот го презела германската војска, која го трансформирала во полагач на мини и му дала ново име – Кибиц. Сојузничките сили во 1944 година го потопиле во пристаништето во Риека и тој поминал три години на дното на морето.

Бродот повторно, по вторпат, е обновен во повоена Социјалистичка Федеративна Република Југославија, при што е трансформиран во школски брод на воената морнарица. Неговото сегашно име, Галеб, датира од 1950-тите, кога Тито почнал да го користи за дипломатски патувања.

Овој брод јавноста го доживува како луксузна јахта. Често се вели оти Тито на овој брод дочекувал филмски ѕвезди како Софија Лорен, Елизабет Тејлор и Ричард Бартон, кој го играше Тито во филмот „Битката на Сутјеска”, снимен во 1973 година. Сепак, вработените во Градскиот музеј во Риека не пронајдоа докази дека некој од овие светски познати актери, некогаш стапнал на бродот.

Југословенскиот лидер патувал 14 пати со Галеб, познат и како „Брод на мирот”, во 18 земји, на три континенти – Европа, Азија и Африка.

Тој го користел за дипломатски средби на високо ниво и им бил домаќин на многу државници како Џавахарлал Нехру, првиот премиер на Индија, Гамал Абдел Насер, претседателот на Египет, Хајле Селасие, царот на Етиопија, Сукарно, првиот претседател на Индонезија и Моамер Гадафи, претседателот на Либија.

„Првото патување (на Тито) било во 1953 година во Лондон – многу важна посета, бидејќи Југославија, по историското ‘не’ што му го кажа на Сталин (одбивањето на Тито да го прифати суприматот на Советскиот Сојуз во комунистичкиот свет, што доведе до разединување со Москва во 1948 година), влезе во еден вид на изолација, кога не комуницираше ниту со Запад, ниту со Исток“, објаснува Бабиќ.

„Ова патување во 1953 година, било знак на новата ориентација на Југославија, еден вид на свртување кон Запад, но, се разбира, не целосно, бидејќи таа останала комунистичка земја, но во секој случај, комунистичка земја во потрага по нов, поинаков пат (во споредба) со другите земји од Источниот блок“, додава таа.

Бабиќ истакнува дека Галеб во ноември 1954 година, тргнал на клучно патување – во Индија и во Бурма, кое претставува почеток на создавањето на Движењето на неврзаните, меѓународна организација основана од страна на Тито, чии членки биле земјите кои не му припаѓале ниту на НАТО, ниту на Варшавскиот пакт.

Чекање за реновирање

Фото:БИРН

По распадот на Југославија, Галеб допловил за Бока Которска во Црна Гора, а црногорската влада го продала за 750.000 евра на грчкиот бизнисмен Џон Пол Папаниколау во 2000 година.

„Тој го довлече во бродоградилиштето Виктор Ленац (во Риека) заедно со уште еден брод. Сепак, Папаниколау се соочи со големи финансиски проблеми, тој не успеа да го заврши проектот за реконструкција на овие два брода и всушност ја изгуби сопственост над Галеб“, информира Бабиќ.

Во 2006 година Галеб е прогласен за дел од хрватското културно наследство, а три години подоцна градот Риека го купува.

Градот најави реконструкција на бродот, која ќе биде кофинансирана од фондовите на ЕУ, како дел од проектот за зачувување на значајни примероци на локалното индустриско наследство.

„Се проценува дека реновирањето и пренамената на Галеб во бродски музеј, ќе чини 33,6 милиони куни (4,5 милиони евра), а реставраторските работи на внатрешноста на Галеб, дополнителни 1,6 милиони куни (216.824 евра)”, ни рекоа од одделот за култура на градот Риека.

Меѓутоа, веќе некое време градот не може да најде изведувач кој би ја завршил работата за проценетиот износ на пари. Единствената понуда дојде во јануари од бродоградилиштето Виктор Ленац, во висина од речиси 60 милиони куни (8,1 милион евра), за што градот Риека сметаше дека е премногу.

Градот повторно објави тендер за реконструкција на бродот, кој е отворен до средината на август.

Од одделот за култура додаваат дека работите на реконструкцијата, земајќи го предвид времето потребно за разгледување на понудите и за склучување на договорот, треба да завршат во декември 2020 година.

Покрај тоа што ќе биде музеј, бродот ќе се користи и за комерцијални цели.

„Седумдесет проценти од просторот ќе биде претворен во музеј, што значи дека ќе биде отворен за јавноста и ќе поставиме постојана изложба … додека (останатиот дел) ќе биде хостел; ќе има простор за сместување и ресторан отворен за секого“, објаснува Бабиќ.

Постојаната изложба ќе им биде посветена на патувањата на Тито и на улогата на Движењето на неврзаните, но таа ќе биде поврзана и со историјата на Риека.

„Денес Галеб е една од највозбудливите приказни во Риека, а интересот на новинарите за овој брод не стивнува со години. Ние веруваме дека кога ќе се реновира и пренамени, тој ќе биде првокласна културна и туристичка атракција на Риека“, велат од одделот за култура и додаваат: „Тој не заслужува ништо помалку“.