Истражувањa

Правдата е слепа кога станува збор за трговијата со ромски деца во Романија

Романските обвинители мислеле дека имаат чист случај против наводните лидери на една од најголемите мрежи за недозволена трговија со деца во Европа. Но, зошто по речиси една деценија, уште никој не е осуден?

Се вика Константин Раду (66), но сите го викаат Тити.

Заедно со 25 други лица, Тити е обвинет за трговија на голем број малолетни ромски деца во Западна Европа, каде се принудени на криминал. Меѓу другите обвинети се и неговите два сина.

Обвинетите и нивните адвокати почнуваат да ја полнат судницата. Седнуваат до Тити дури откако ќе бидат заземени сите други места.

Во меѓувреме, Тити фрла поглед на неколку згужвани листови хартија, иако добро знае што пишува на нив. Во нив се наоѓа неговата главна одбрана во последниве девет години.

„Тој е вистинскиот шеф“, вели Берни Гравет, поранешен началник во лондонската Метрополитенска полиција, кој ја предводел истрагата што ги изведе обвинетите пред лицето на правдата. „Врвот на пирамидата“.

Обвинителите велат дека Тити, кој и самиот е Ром, е кралот на озлогласената банда од Тандареи, мал град во југоисточна Романија, кој го красат грандиозни палати и раскош лоцирани веднаш покрај распаднати колиби.

„Тоа е како воена операција“, вели Гравет, опишувајќи го наводното распоредување на војската деца, за да просат и крадат. Било продадено дури и едно осум неделно бебе, што служело како реквизит за питање и било дрогирано за да молчи.

Инспекторите велат дека империјата на Тити се протегала во сите краишта од ЕУ: Шпанија, Италија, Франција, дури и Норвешка, и особено Велика Британија.

Полицајците уапсиле десетици Романци во Велика Британија и Романија по заедничка истрага од огромни размери што траела четири години.

Но, правдата не била иста во двете држави.

Во Велика Британија, околу 100 лица биле осудени за злосторства како трговија со луѓе, перење пари, измама, фалсификување документи и небрежност кон децата.

Во Романија, сите 26-мина обвинети биле ослободени по шокантната пресудата донесена во февруари годинава, по судскиот процес што траел девет години и имал многу прекини.

Иако обвинителите поднеле жалба и лицата повторно се соочуваат со судење, многумина ја сметале пресудата како доказ дека правосудството во Романија е премногу слабо, или премногу нефункционално, за да им се спротивстави на мафијашите и корупцијата, па им дозволува непречено да цветаат.

„Системот за кривично право, воспоставен да се бори против транснационалните организирани мрежи, се чини дека е на работ од колапс во Романија“, се вели во петицијата потпишана од 25 групи за заштита на човековите права, повикувајќи ги меѓународните тела „државата да презеде одговорност“ за справување со трговијата со луѓе.

Во земја каде политичарите осудени за корупција се познати по тоа што се обидуваат да ја искриват правдата во нивна полза, случајот доведе до кулминација на чувствата кај Романците, кои веќе беа презаситени од лошиот рекорд на државата за заштита на ранливите.

Ваквите чувства достигнаа до точка на вриење откако летово, во еден друг случај, 15-годишно девојче во јужна Романија, било киднапирано, силувано и убиено и покрај тоа што трипати телефонски ја повикало полицијата за помош.

Трагедијата ја открила неверојатната неспособност на полицијата и обвинителите и сомнителни врски помеѓу оние кои го спроведуваат законот и организираниот криминал, вклучувајќи ги и мрежите на недозволена трговија.

Податоците на Европската комисија покажуваат дека скоро три четвртини од жртвите на трговијата со луѓе се од Романија, при што бројката во периодот од 2015 до 2016 година изнесувала над 1500.

И, американскиот Стејт департмент во својот последен  Извештај за трговија со луѓе ја стави Романија подолу на листата, истакнувајќи дека 2018 година била најлошата година во земјата по повеќе од една деценија во однос на донесувањето обвинителни пресуди за трговија со луѓе или идентификување на жртвите.

Кога пролетва започна судењето на Тити и на другите обвинети, БИРН помина месеци чешлајќи ги судските документи и интервјуирајќи луѓе блиски до случајот за да го разбере обемот и сложеноста на наводното злосторничко здружување во Тандареи.

Со анализата се добила слика за ромската заедница како затворена и маргинализирана во рацете на локалната мафија која ги демне сиромашните семејства и ги претвора нивните деца во робови преку опасен облик на заложништво од долгови.

Судските записи и интервјуата со експертите, исто така, фрлиле светлина врз тоа како судењето излегло од колосек, иако многумина сметале дека токму тоа е тест за заложбата на Романија за справување со модерното ропство.

Ентони Стин, поранешен британски пратеник, кој внимателно го следел судењето, го нарекол „многу лош случај во кој правдата не беше спроведена“.

„Немаше политички ниту професионален притисок за да се заврши работата“, изјави тој за БИРН.

Infographic: Marta Klawerzeczy

Златни шипки и АК47

На правливите улици на Тандареи, децата играат фудбал напладне, иако е работен ден. На годишниот панаѓур, кој се одржува во близина на центарот на градот, тие возат колички со кои се удираат и пукаат од играчки пушки.

Градот со 13000 жители започнува и завршува во рамнините, на половина пат помеѓу главниот град, Букурешт и Црното Море на исток.

Највисоките згради се четирикатни станбени блокови од времето на комунизмот, но градбите што се издвојуваат се луксузните куќи со огромни балкони и украсените порти од ковано железо, повеќето изградени со приходи стекнати од криминал, велат истражителите.

Скршнете од магистралниот пат и ризикувате да завршите во дупка или да се лизнете во кал. Но, тоа не ги одвраќа возачите да имаат луксузни автомобили што се гледаат низ градот: БМВ, Мерцедес, па дури и Порше. Некои возила имаат волан од десната страна, во британски стил.

 

Паркирано БМВ на неасфалтираната улица веднаш до една огромна куќа со украсена ограда од ковано железо во Тандареи. Фотографија: Андреи Пунговски

На локалните жители им е страв да разговараат со новинарите. Тие се претпазливи да не бидат фотографирани, дури и на јавни настани, како на годишниот панаѓур, каде еден човек се закани дека ќе го „смачка лицето“ ако не се избришат сликите.

Мирот во  Тандареи бил прекинат на 8 април 2010 година, кога околу 300 романски и британски офицери со волнени качулки врз лицата затропале на вратите на 34 резиденции, додека над нив летале хеликоптери.

Тие претходно не ги предупредиле локалните власти. За време на рацијата спроведена рано в зори, како што може да се види на видеото објавено од романската полиција, биле запленети големи суми пари, златни шипки, изводи од матичната книга на родени и пиштоли, вклучувајќи ги и АК47, скриени под подот.

Полицијата на спиење уапсила неколку осомничени, сите Роми. Осумнаесетмина биле уапсени на лице место, вклучувајќи го и Тити.

 

Освен трговијата со малолетни лица, за која ризикуваат до 12 години затвор, лицата биле обвинети за водење група на организиран криминал, перење пари и кршење на правилата за поседување огнено оружје. Сите ги негирале обвиненијата.

Обвинителите одлучиле да ги судат наводните трговци со луѓе во округот Харгита во централна Романија, 350 километри од Тандареи, во обид да ја спречат бандата да влијае на судењето.

Infographic: Marta Klawerzeczy

Рацијата и последователниот судски случај биле резултат на истрага од невидени размери што започнала во 2006 година, откако една жена од Чешка слетала во Британија со три деца, Роми од Тандареи.

Имиграциските службеници на лондонскиот аеродром „Стенстед“ се посомневале кога сфатиле дека децата не можат да комуницираат со жената. Таа подоцна добила три години затвор затоа што се обидела нелегално да ги внесе во земјата.

Гравет, началникот од лондонската Метрополитенска полиција, го презел случајот, откако фатил стотици ромски деца од Романија како крадат по продавници и ограбуваат луѓе во центарот на Лондон.

Тој вели дека злосторствата извршени од страна на Романци се зголемиле за скоро 800 проценти за само три месеци откако Романија влегла во Европската унија во 2007 година.

Повеќето биле кражби што ги вршеле деца Роми. Гравет се сеќава како уапсил едно 13-годишно девојче повеќе од 10 пати под различни имиња и датуми на раѓање.

„Тогаш сфативме дека некој си игра мајтап со нас“, изјави тој за БИРН во интервјуто во едно кафуле во југоисточниот англиски град Брајтон.

Извади лаптоп и отвори презентација за случајот Тандареи. Сега, иако е во пензија по 31 година помината во полицијата, Гравет работи како консултант и го користи случајот за да ги научи службениците како да се справуваат со трговијата со луѓе.

Подоцна, бара салфетка – „Цртам на бели салфетки“, вели тој и ги покажува круговите, стрелките и пирамидите, покажувајќи како циркулираат луѓето и парите.

Набрзо откако Романија влегла во ЕУ, Гравет открил дека полицијата во Романија, додека била во претпристапната фаза на преговори, му испратила на Европол, агенцијата на ЕУ за спроведување на законите, список со 1087 имиња на деца и 67 осомничени членови на бандата што треба да се следат.

Европол го оценил тоа како една од најголемите мрежи за трговија со луѓе во Европа.

Проверувајќи го списокот, Гравет открил дека околу 200 од малолетните лица биле уапсени во Лондон за ситни злосторства. Тој барал средства од ЕУ да истражат понатаму.

Така започнала „Операцијата Голф“, првата заедничка истрага на ЕУ против трговијата со луѓе меѓу двете земји. Во 2008 година, Европската комисија доделила еден милион евра за да може Британија и романската полиција да соработуваат за да се стави крај на криминалната група.

Инспекторите откриле дека водачите на бандите им пристапувале на сиромашните ромски семејства во Романија, нудејќи им да им го земат детето во странство за да заработат пари, наплаќајќи им на родителите по 1000 евра по дете, раскажува Гравет.

Групата им позајмувала пари на родителите, и им наплатувала камата, а семејството тонело во долгови. Така, ќе испрателе второ дете, па трето, сè додека целото семејство не завршело во странство, работејќи за бандата.

„Имавме пример на татко како се обидува да донесе бебе од осум недели за да му го даде на бандата“, вели Гравет. „Се обиде трипати“.

Имавме пример на татко како се обидува да донесе бебе од осум недели за да му го даде на бандата“, вели Гравет. Се обиде трипати.

– Бери Гравет, поранешен началник во лондонската Метрополитенска полиција

Потоа бандата ги сместувала децата во семејства под нивна контрола. Гравет го навел случајот на 13-годишното девојче однесено во градот Слау, во близина на Лондон. Кога девојчето не било присилувано да оди по улиците и да проси, било робинка во куќата.

Нејзиниот татко на крајот добил пет години затворска казна во Британија заради трговија со својата ќерка. Истрагата открила дека тој контролирал и други девојчиња за бандата, дури и во Шпанија.

За време на рацијата во Слау, полицајците пронашле 211 луѓе кои живееле во 16 куќи. Условите биле ужасни. Децата Роми спиеле заедно на подот. Фрижидерите претежно биле празни.

Повеќето од децата биле на возраст од 10-17 години и имале „дебело криминално досие“, вели Гравет.

Инспекторите велат дека Велика Британија била најпосакуваната земја на бандата заради релативно дарежливиот систем за социјална заштита. Тие фалсификувале документи за да добијат готовина за чековите што се даваат како социјална помош, понекогаш правејќи грешки, како на пример пишувајќи „30 февруари“.

 

Еден маж си удира во вреќа за боксирање на годишниот панаѓур во Тадареи. Фотографија: Андреи Пунговски

Богатство и моќ

Гравет проценува дека групата тргувала со околу 10000 деца од 2002 година, далеку повеќе од бројот што бил идентификуван со заедничката истрага, при што секое дете остварувало околу 160.000 евра годишно за бандата.

Тој вели дека поголемиот дел од оваа заработувачка одела за Тити, испраќана преку „MoneyGram“ и „Western Union“ или биле донесени во Романија во готовина.

Тити одби да коментира кога БИРН му пријде во судницата, по завршувањето на едно од неговите жалбени рочишта, но неговата одбрана е доследна: тој вели дека е жртва на погрешен идентитет.

Според обвинението, Тити бил мозокот што стоел зад операцијата како да бидат регрутирани децата и одлучувал кој ќе ги транспортира во странство.

Телефонските прислушувања, кои се дел од обвинението, откриваат дека Тити бил во редовен контакт со локалната полиција, која му пренесувала доколку има проблеми. Прислушувањата, исто така, покажале дека тој му ветил на едно лице кое имало проблеми со законот дека ќе му помогне да не оди во затвор во замена за пари.

Според сите изјави, Тити е почитуван и му се плашат во Тандареи. Еден романски полицаец, кој работел на случајот и одбил да биде идентификуван, изјавил дека Тити е познат како „врховен судија“ меѓу Ромите.

Кога бил испрашуван на суд во ноември 2018 година, Тити негирал сè: регрутирањето малолетни лица, позајмувањето пари на луѓе, како и тоа дека бил локален лидер.

„Јас немам влијание врз никој во заедницата во која живееме“, рекол тој.

Тој додал дека не ги препознава телефонските повици споменати во обвинението и дека имал документи за пронајденото оружје во неговиот дом, за кое рече дека го користел за лов.

„Има уште едно лице со истото име“, вели тој, „и јас веројатно сум [тука] наместо него, а парите што, наводно, ми ги испраќале, биле испраќани на името на оваа друга [личност]“.

Тандареи е град со долга традиција на емиграција. Локалното население проценува дека околу 80% од жителите работат во странство бидејќи има многу малку работни места. Скоро сите фабрики што работеле за време на комунизмот сега се затворени.

Околу четвртина од населението на Тандареи се Роми, второто по големина етничко малцинство во Романија по Унгарците. Како и на друго место, многу ромски семејства живеат во крајна сиромаштија, отсечени од основните услуги како што се образование и здравство. Дискриминацијата е голема.

Главното ромско маало во Тандареи се нарекува Страчина и во него не смеат да влезат надворешни лица без дозвола од водачите на Ромите.

Никушор Лефтер, Ром кој живее во Тандареи, и работи со невладини организации за поддршка на заедницата, вели дека куќите во градот биле изградени со пари заработени во странство и не никнале преку ноќ.

„Сè што гледате овде е финансирано од Ромите“, вели тој. „Да не беа Ромите, немаше да има продавници затоа што многу Романци си заминаа“.

Џелу Думиника, извршен директор на Агенцијата за развој на заедницата „Импреуна“, која ги поддржува ромските заедници на национално ниво, им беше водич на групата британски политичари кои го посетиле Тандареи веднаш по истрагата за трговијата со луѓе.

Тој се потсетува дека се сретнале со околу 30 од најважните луѓе во градот и многумина се жалеле дека полициските рации биле насилни. Речиси повеќе од половина од оние што биле присутни во просторијата биле обвинети во случајот, рече тој.

Дури и денес, човекот обвинет дека е заменик на Тити во бандата, Георге Драгушин, со прекар „Франц“, тврди дека е советник за ромски прашања на градоначалничката на Тандареи, Николета Тома.

Тома го одби барањето на БИРН за интервју и не можеше да го потврди тврдењето на Драгушин.

„Јас велам дека сум невин“, вели Драгушин (57) за БИРН по жалбеното рочиште во Тргу Муреш. „Вмешани сме во овој случај заради нечии туѓи дела “.

Јас велам дека сум невин. Вмешани сме во овој случај заради нечии туѓи дела.

– Наводниот лидер на бандата Георге Драгушин

Обвинителите велат дека Драгушин организирал патувања во странство, ги поткупувал граничарите и собирал пари од оние што биле принудени да просат.

„Дали тие деца се уште живи?“, реторички запрашал Драгушин. „Дали ги убивме? Што значи тоа дека сме ги зеле овие деца од нивните семејства и тие не знаат каде се?“

Експертите велат дека многумина во Страчина ги сметаат членовите на бандата како „модерен вид на Робин Худ“, односно дека земаат пари од богатите во странство и им ги даваат на сиромашните дома.

„Тажното во ова е што мора да разбереме дека Ромите низ историјата поминувале низ тешки периоди, но ова е организиран криминал на Ромите кои ги искористуваат пониските кланови и другите Роми и семејства во рамките на нивната група, кои немаат ништо“, вели поранешниот началник Гравет.

„Многу пати сум бил во Тандареи. Гангстерите се збогатуваат, додека на сиромашните им се трупаат долгови и остануваат на дното. Тие нема да кажат за бандата“.

Поранешниот началник во лондонската „Метрополитен“ полиција, Берни Гравет. Фотографија: Ани Санду

Ќе ти го убиеме семејството

Тити и другите обвинети биле задржани во притвор 10 месеци пред да бидат ослободени, многу пред да започне судењето во февруари 2013 година.

Сите обвинети ја бранеле својата невиност на суд. Некои рекле дека се наместени. Други тврделе дека не се сеќаваат на она што се случило. Велеле дека средствата добиени од Велика Британија се дознаки од роднини кои чесно заработуваат.

Еден од нив, братучед на Тити, рекол дека ги купил својата куќа и автомобил во Тандареи со пари заработени од продажба на возила, весници и храна во Шпанија, Велика Британија, Италија и Франција. „Моите деца никогаш не биле приведени од полицијата“.

Друг рекол дека има 13 деца во Велика Британија, кои примале социјална помош од околу 200 фунти (230 евра) по дете. „Не знаев и не ни помислив дека децата од Тандареи се регрутирани да просат во странство“.

Трет рекол дека работел во Велика Британија од 2008 година, на испорака на храна. „Никогаш не сум видел романско дете да проси во Англија“, му рекол тој на судијата.

Тити го ангажирал еден од најпознатите романски адвокати, Каталин Данчу, кој бил бранител на врвни политичари и бизнисмени, заработувајќи го прекарот „адвокат на славните“.

Судењето уште од самиот почеток почнало со одложувања. Имало проблем со обвинението, кое требало да се преправи. Рочиштата биле одложувани бидејќи обвинетите ги менувале адвокатите.

Еднаш, одбраната барала одложување затоа што врнело снег. Потоа, Тити морал да побара нов бранител откако неговиот адвокат бил именуван за шеф на генералниот конзулат на Романија во Њујорк.

Но, најголемиот проблем било да се натераат сведоците да сведочат.

Неколкумина не можеле да бидат повикани бидејќи биле починати. Многу повеќе се преселиле во странство или не можеле да бидат лоцирани. Судијата дури и ја казнил локалната полиција околу 230 евра затоа што не се обидувала доволно за да ги лоцира.

Повторно и повторно, сведоците биле ослободувани од сведочење бидејќи роднински биле поврзани со обвинетиот, или биле во крвно сродство или преку брак. БИРН изброја околу 20 вакви исклучоци.

Потоа, се појавил фактот дека во судењето официјално немало оштетени странки. Кога иследниците ги испрашувале децата со кои наводно било тргувано, или нивните семејства, им бил даден правен статус на сведоци, а не на жртви.

Причината била што жртвите не се гледале себеси како такви, изјавил еден романски полицаец. Најмногу, бидејќи тие го сметале животот во Велика Британија за чекор понапред од тој во Тандареи.

„Сега живеат во куќа“, вели тој. „Имаат телевизор во таа куќа. Улиците се асфалтирани. Тие го сметаат тоа како голема предност“.

Во текот на судењето, сведоците го менувале своето сведочење од првичните изјави дадени пред британската полиција. Тие рекле дека отишле во Велика Британија доброволно, да просат за себе.

За иследниците, немало сомнение дека многумина лажеле од страв.

„Едноставно ќе ви се заканат: Ќе ви убиеме членови на вашето семејство“, вели Гравет.

Еден сведок му напишал на судот велејќи дека е премногу опасно да сведочи, а подоцна се повикал на неговата полициска изјава.

Само четири од 158 сведоци ги заштитиле нивните идентитети. Па дури и тогаш имало проблеми. Во едно рочиште спроведено преку видео-врска, заштитениот сведок не можел да ги види обвинетите кога бил запрашан да ги посочи заради технички проблем.

Девојки поминуваат покрај една од атракциите на годишниот панаѓур во Тандареи. Фотографија: Андреи Пунговски

Небрежност или измама

До моментот кога судот во Харгита донел пресуда во февруари 2019 година, во судскиот процес се одржале 53 рочишта.

Судијата забележал дека заклучно со декември 2018 година, некои од обвиненијата застареле, вклучително и прекршоците за поседување оружје и предводење организирана криминална група.

Тоа е затоа што промените во казнениот законик направени во 2014 година го скратиле рокот за застарување на делата и ги намалиле казните за одредени кривични дела.

Во врска со трговијата со луѓе и перење пари, судијата рекол дека нема доволно докази за да се донесе пресуда.

Во образложението за пресудата, тој напишал дека не може да се разјасни што точно се случило „заради немање на оштетени странки во случајот, кои биле утврдени за време на кривичната истрага“, упатувајќи на недостатокот на официјални жртви.

За Тити, тој рекол: „Од доказите во овој случај и земајќи ги предвид сведочењата на сведоците, не произлегува дека тој бил вклучен во регрутирање, сместување и превоз на малолетни лица со употреба на лажни ветувања“.

Тој додал дека снимките од телефонските разговори помеѓу Тити и локалната полиција биле „индиции за други злосторства, а не за оние за кои е самиот обвинет“.

Силвија Табушка, професорка по право и координатор на Програмата за човекова безбедност при Европскиот центар за правно образование и истражување, група за заштита на човековите права со седиште во Букурешт, смета оти е чудно што пресудата дошла веднаш по истекот на рокот за застарување на делата.

Таа, исто така, го обвинила обвинителот дека не се борел доволно. „Тоа е или сериозна небрежност или измама“, рече таа.

Тоа е или сериозна небрежност или измама.

– Силвија Табушка, од Европскиот центар за правно образование и истражување

Запрашан за пресудата од страна на членовите на романскиот парламент, тогашниот генерален обвинител Августин Лазар издал соопштение во одбрана на обвинителот.

Тој рекол дека обвинителот правно не бил во можност да побара побрз судски процес и дека барал осудителна пресуда за трговија со луѓе и перење пари до крајот на судскиот процес.

Мадалина Мокан, истражувач во Центарот за проучување на демократијата во Клуж Напока, град во северозападна Романија, вели дека случаите со трговија на луѓе во државата премногу зависат од сведочењето на жртвите, што е големо прашање со оглед на тоа дека судењата можат да траат со години, а никој не добива психолошко советување пред сведочењето.

„Без силно сведоштво, случајот станува многу слаб“, вели таа. „Повеќе сум заинтересирана за заработените пари, докажувајќи на пример дека еден Јагуар е купен со пари од трговија со луѓе“.

Во случаите на трговија со луѓе во Велика Британија, судовите можат да осудат и само врз основа на вакви докази.

По негодувањето околу пресудата, судот во Харгита издаде соопштение во кое се вели дека има премалку судии и премногу случаи. Во соопштението бил наведен обемот на случајот Тандареи, во кој учествувале повеќе од 200 странки, како обвинети и сведоци.

Самото обвинение било долго 600 страници. И до 2019 година имало доволно документи за да се наполнат пет големи колички за купување.

На крајот, Судскиот инспекторат, кој ја следи работата на судиите и кој критичарите постојано го обвинуваат дека е контролиран од политичарите, не пронајде никаков проблем во судскиот процес по направени четири инспекции на случајот.

Во изјава за БИРН, инспекторатот рече дека должината на постапката е резултат на сложеноста на случајот и количината на докази. Исто така, се вели дека судијата имал „значителен обем на работа“ и дека од мај 2017 до февруари 2019 година немало неоправдани одложувања.

Романскиот полицаец, кој учествувал во истрагата, вели дека веројатно би било подобро случајот да се подели на неколку помали, со кои може полесно да се управува. Единствениот успех, додаде тој, е што „оваа група од Тандареи потрошила многу пари на адвокати“.

Поранешниот британски законодавец Стин, кој ја предводи Фондацијата за трговија со луѓе во Лондон и ја придружуваше полицијата во некои од британските рации, вели дека нема шанси случајот да се распадне во Велика Британија сè додека има цврсти докази.

„Не знам дали е тоа корупција или несоодветност, неспособност или – во што веројатно се сомневам – постои поврзаност помеѓу некој многу богат или некој во полициските сили или некој во политиката, или комбинација од сето ова, кој всушност ги спречил работите да одат напред“.

Поранешниот началник Гравет вели дека жали што се согласил да ги гони наводните лидери на бандите во Романија, наместо да ги донесе во Велика Британија.

„Да не го направевме тоа, сега сите ќе беа в затвор“, вели тој.

Поранешниот британски законодавец Ентони Стин, кој ја предводи Фондацијата за трговија со луѓе во Лондон. Фотографија: Ани Санду

Заштита за ранливите

Судскиот процес во Тандареи ставил лош печат врз ромската заедница во земјата каде антиромското чувство е широко распространето.

Но, Думиника, од Агенцијата за развој на заедницата „Импреуна“, вели дека случајот не треба да се гледа преку превезот на етничката припадност бидејќи станува збор за неуспехот на државата да ги заштити ранливите.

Прво, локалните власти и службите за заштита на децата требаше да забележат дека ромските деца се водат како исчезнати, вели Думиника, кој и самиот е Ром.

„Криминалците секогаш ризикуваат. Државната институција која се здружува со криминалецот е таа што прави тој да се чувствува и да стане недопирлив“.

Тој додал дека решението е да се создадат повеќе можности за Ромите.

„Прво, законот треба да се применува“, вели тој. „Државните институции треба да ја завршат својата работа“. Ако гледаме кон иднината, заедницата има потреба од одржливи алтернативи „меѓу тоа да се биде просјак, шверцер, што и да е, и да се заработуваат вистински пари“.

Поранешниот британски пратеник Стин се согласува.

„Тоа е злоупотреба на луѓе кои се многу несреќни, без никаква сопствена вина за екстремната сиромаштија во која живеат и од која сакаат да избегаат. И затоа тие се лесен плен на луѓето што им ветуваат многу работи“.

Тоа е злоупотреба на луѓе кои се многу несреќни, без никаква сопствена вина за екстремната сиромаштија во која живеат и од која сакаат да избегаат.

– Ентони Стин, претседател на Фондацијата за трговија со луѓе

Записниците од состаноците на локалниот совет покажуваат дека градоначалничката на Тандареи, Тома сака да го претвори одамна затвореното училиште во Страчина во амбуланта и едукативен центар за Роми.

„Мораме да започнеме од некаде“, изјави таа на состанокот на советот во март, истакнувајќи дека само 10 од 373 деца на училишна возраст биле на училиште. „Без разлика дали сакаме или не, тие се граѓани на нашиот град“.

Тома додала дека ако ништо не се стори за децата, „не треба да се чудиме кога ќе не удрат по глава на улица“.

Таа изјавила дека се воделе разговори со романската влада, Светската банка и градот Мадрид за финансирање на проектот.

Градоначалничката на Мадрид, во кој живеат голем број Роми од Тандареи, го посетила градот минатата есен.

Мануела Кармена, градоначалничката на Мадрид (која повеќе не е на функција) одржала прес-конференција заедно со локалните власти, за време на која на масата седела заедно со еден од обвинетите.

Потоа отишла во Страчина и посетила неколку домови. На улица, опкружена со Роми, таа зборувала пред медиумите за потребата да се осигура дека „романските граѓани кои доаѓаат од тука и живеат во Мадрид имаат достоинствен живот“.

Градоначалничката на Тандареи Тома подоцна зборувала за потребата да се создадат добри услови за живеење во градот за „нашите граѓани да останат тука“.

 

Деца си играат на лизгалка на надувување на годишниот панаѓур во Тандареи. Фотографија: Андреи Пунговски

Над законот?

Извори од полицијата и групите за заштита на човековите права велат дека бандата од Тандареи е сè уште активна во Велика Британија, Франција, Шпанија и на други места – и честопати пренесува деца од земја до земја.

„Тие продолжуваат да го прават она што го правеа со години и се чини дека се над законот“, вели Гравет.

Еден експерт за правата на децата, кој ја следи активноста на бандата во Франција, изјави за БИРН дека од 2004 година, меѓу 200 и 300 деца од Тандареи просат и крадат во регионот на Париз.

Францускиот социолог Оливие Пејру во последните години запознал околу 50-тина од нив додека истражувал за книгата што ја пишувал за експлоатацијата на деца во Источна Европа, во која едно поглавје се однесува на Тандареи.

Тој вели дека по заедничката британска и романска истрага, бандата ја сменила стратегијата: родителите многу повеќе почнале да ги придружуваат своите тргувани деца за да ги заштитат лидерите.

„Полека, полека тие ги интегрираа семејствата во мрежата“, изјавил тој за БИРН. „Тие некако се прилагодуваат на техниките на истражителите и наоѓаат начин да остават впечаток дека семејството ги експлоатира своите деца“.

Полека, полека тие ги интегрираа семејствата во мрежата. Тие некако се прилагодуваат на техниките на истражителите и наоѓаат начин да остават впечаток дека семејството ги експлоатира своите деца.

– Францускиот социолог Оливие Пејру

Во Италија, полицијата во мај објави дека уапсила 40 Роми од Тандареи и блискиот град Фетешти, осомничени за вмешаност во повеќе од 100 грабежи.

Назад во Велика Британија, Армијата на спасот, која им помага на возрасните жртви на модерното ропство, вели дека минатата година имало големо зголемување на бројот на експлоатирани Романци. Во однос на лицата кои биле упатени да добијат соодветна поддршка, само Албанците и Виетнамците биле побројни.

Во мај, една Британка во северниот англиски град Ештон маркет, во близина на Манчестер, објавила снимка од мобилен телефон на една група на Фејсбук, креирана специјално за да се известува за криминалот во таа област. Во снимката, таа обвинува еден млад маж и млада жена, за кои се претпоставува дека се Роми, за кражба на парфем од нејзиниот штанд на пазарот.

Видеото било насекаде споделено, заедно со големиот број ксенофобични коментари.

„Романско ѓубре“, напишал еден корисник на социјалните медиуми. „ЗАТВОРЕТЕ ГИ НАШИТЕ ГРАНИЦИ, ИСФРЛЕТЕ ГИ“, напишал друг.

Некако, видеото го забележале луѓе од Тандареи. Неколку од нив објавиле хумористични коментари според кои наводните крадци се добро познати во заедницата.

Некој дури и го „тагирал“ младиот човек на фотографијата, идентификувајќи го како 20-годишник од градот кој сега живее во Германија, а има лежено в затвор во Франција.

Анализата на десетици профили на „Фејсбук“ на лица од Тандареи покажа дека многу млади луѓе, вклучително и некои обвинети во случајот и нивните синови, сакаат да снимаат видеа во живо за нивните животи. Некои се нарекуваат „мафија“ и „шеф“ и се фалат со луксузни автомобили што планираат да ги купат.

Во другите видеа се прикажуваат жителите на Тандареи како ги посетуваат роднините во британските затвори. На една снимка, се гледаат пет млади мажи како пијат и слушаат меланхолична музика, потресени што братучедот им завршил в затвор.

На друга снимка, една жена чиј син е осуден во Велика Британија посочува кон нејзината чанта и вели дека има „доволно пари да го закопа [плати за скапите погреби за] половина Тандареи“. Таа додава: „Еве ова покажува што [навистина] значи да се биде мафијаш“.

Во меѓувреме, во апелациониот суд во Таргу Муреш жалбениот процес се ближи кон својот крај. До 10 декември, судот има одржано единаесет рочишта.

Како и во првото судење, судот се борел да најде сведоци. И, дури и кога тие ќе се најдат, сведоците не сакаат да сведочат.

За време на сослушувањето во септември, обвинителите го испрашувале возачот кој и кажал на полицијата дека возел ромски деца од Тандареи преку границата, за двајца обвинети. Тој ја повлекол својата првична изјава, негирајќи дека го познава обвинетиот и тврдел дека не се сеќава многу.

„Гледам дека се сеќавате само на она на што сакате“, избувнал судијата.

Судејќи според нивните објавувања на социјалните мрежи, многумина од обвинетите се чини дека не се погодени по скоро една деценија помината пред суд.

На првиот ден од жалбениот процес, на 24 април, еден од обвинетите во живо пренесувал видео од себе и неколку други обвинети кои се релаксираат во едно планинско одморалиште, на 200 километри југоисточно од Таргу Муреш, само неколку часа откако го напуштиле судот.

Изгледале добро расположени, како да се на одмор. „Коњите не умираат кога кучињата сакаат“, рекол еден од нив.

На паркингот од одморалиштето, тие свиреле на сирените од нивните автомобили како да се на прослава на новогодишната ноќ.

На годишниот панаѓур во Тандареи што се одржува во септември, додека луѓе од сите возрасти се возат на вртелешките, а момчињата и мажите ја тестираат нивната сила удирајќи во боксерски вреќи, Тити пристигнал во бела кошула и панталони со крем боја, носејќи ја својата препознатлива бела беретка.

Придружуван од две жени и две момчиња, тој застанал во близина на лизгалката на надувување брендирана со слики од ликовите од цртаните филмови „Том и Џери“. Таму разговарал со едно од момчињата, со поглед на дедо што дели животни совети.

Потоа сите исчезнале во толпата.

Ani Sandu е водителка на вести, уредничка во јавното Романско радио и репортер за тримесечното списание ДоР. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство. Уредник: Тимоти Ларџ.