Регион

Фрањо Туѓман: Моќник опседнат со независноста на државата

Дваесет години по смртта, Туѓман е симболична икона во Хрватска, при што се игнорираат неговите антидемократски тактики

Иако улогата на Хрватска во војната со БиХ останува најголема дамка на неговото наследство, Туѓман го критикуваа и поради неговиот повремен шовинизам кон Србите, историскиот ревизионизам, масовната корупција во процесите на приватизација и поради недемократските практики на неговиот режим.

Туѓман како полуавторитарен лидер

Фрањо Туѓман во 1971 Фото: Википедија

Иво Голдштајн, професор на Филозофскиот факултетот во Загреб, неодамна ја објави книгата „Контроверзиите во хрватската историја на 20 век“, која делумно се занимава со владеењето на Туѓман. Голдштајн  посочува дека по војната, Туѓман имал повеќе избори како да ја формира хрватска демократија, но дека тој сепак направил погрешен избор.

„Помеѓу здравиот национализам и шовинизмот, тој избра шовинизам; помеѓу економијата на слободниот пазар и клиентелизмот, тој го избра второто. Наместо култот на слободата, тој го одбра култот на државата. Помеѓу модерноста и отвореноста кон светот, тој избра традиционализам; а ова е фатален избор за мала земја како Хрватска, која мораше да се отвори заради развој“, вели Голдштајн  за БИРН.

„Кога станува збор за сите вредности на либералните демократии, наместо да не води напред, Туѓман секогаш нè водеше во спротивна насока“, додава тој.

Примери за шовинизмот на Туѓан, вели Голдштајн, може да се најдат во неговите деградирачки коментари за Србите кои избегаа од Хрватска, по операцијата Бура, во 1995 година. Туѓман изјави дека Србите избегале и не успеале да ги земат со себе „своите валкани пари, девизи, ниту гаќи“.

На отворањето на воената академија во Загреб, во 1998 година, Туѓман истакна дека Хрватска го „решила српското прашање“ со намалување на процентот на Србите во земјата. „Ако има три или пет проценти од нив, тие не претставуваат закана за хрватската држава“, изјави тој, во тоа време.

Стево Ѓурашковиќ, доцент на Факултетот за политички науки во Загреб, кој пишуваше за улогата на Туѓман во градењето на нацијата, вели: „Освен неговите неспорни заслуги за создавањето на независна и слободна Хрватска, неговото владеење би го оценил претежно како негативно“.

„За време на неговиот мандат, Хрватска не успеа да се префрли од авторитарен режим (Југославија), ​​во целосно парламентарна демократија“, објаснува Ѓурашковиќ  за БИРН.

Тој, како и многу други академици и историчари, го смета Туѓман за „полуавторитарен лидер“, кој на моменти ги злоупотребувал или ги проширувал овластувањата на тогашниот полупретседателски систем.

Ѓурашковиќ забележува дека Туѓман се борел со опозицијата и на институционален, и на вонинституционален начин. Во 1995 година, тој одби да потврди повеќе кандидати на опозицијата за градоначалник на Загреб, па неговата Влада назначи специјален повереник за градоначалник.

Голдштајн посочува дека Туѓман честопати не почитувал одредени стандарди на либералната демократија – раздвојувањето на власта и слободата на говорот.

„Сетете се како се судри со (сатиричното списание) Ферал Трибјун, кое беше гласен критичар на неговото владеење, на кое, за возврат, му беа изречени високи даноци, како оние за порнографско списание“, додава тој.

Во 1996 година, Туѓман одобри и тужба против главниот и одговорен уредник на Ферал, Виктор Иванчиќ и новинарот, Маринко Кулиќ, затоа што тие пишуваа за неговото воодушевување од шпанскиот диктатор, генералот Франциско Франко.

Ѓурашковиќ  смета дека огромната корупција што резултирала во приватизацијата на државните компании, е вина на Туѓман.

„Иако Туѓман не се грижеше многу за економијата или поточно, не ја разбраше, тоа не значи дека тој не сноси одредена одговорност за тоа“, вели тој.

„Заедничко злосторничо здружување“ во БиХ

Иако Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија никогаш не го обвини Туѓман, тој сепак се осврна на неговата улога во војната.

Во осудителната пресуда изречена на шестмина воени и политички функционери на босанските Хрвати во 2017 година, Апелацискиот совет на МКТЈ, утврди дека Туѓман бил дел од заедничко злосторничо здружување, чија цел била припојување на делови од територијата на БиХ кон Хрватска, преку етничко чистење на Бошњаците.

„Во политичка, општествена, демографска и секаква друга смисла, Хрватска многу страдаше поради политиката на Туѓман кон Босна“, истакнува Голдштајн.

Тој објаснува дека во време кога Југославија, под водство на српскиот претседател Слободан Милошевиќ, насилно интервенирала во БиХ, Туѓман се приклучил на овој процес. Така, на крајот на 1991 година, тој изјави дека очекуваната војна во БиХ може да се спречи, доколку земјата се подели меѓу Хрватска и Србија, а на Бошњаците им се даде мала држава во централниот дел на земјата.

„Туѓман наместо тоа, требаше да рече дека ако некој им се заканува на територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ, Хрватска доследно ќе го брани тој интегритет и суверенитет“, потенцира Голдштајн.

Ѓурашковиќ  посочува дека Туѓман ја сметал границата со Хрватска и БиХ за „фиктивна“ и „неправедна“ од историска гледна точка.

Тој, исто така, додава дека, заради политички прагматизам, Туѓман не инсистирал на создавање посебен хрватски ентитет во БиХ, по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, во 1995 година.

„Туѓман сметаше дека е попаметно босанските Хрвати да се поврзат со Хрватска преку неформални врски, де факто кaкo хрватски ентитет“, вели тој.

Во 1992 година, Хрватска ја призна независноста на БиХ, прими стотици илјади бошњачки бегалци и помогна во вооружувањето на Армијата на БиХ.

Но, и покрај ова, улогата на Хрватска во војната во БиХ, сè уште ги заострува односите меѓу Загреб и Сараево.

Помеѓу историскиот ревизионизам и помирувањето

 

Фрањо Туѓман на средба со Ворен Зимерман амбасадор на САД во СФРЈО во 1991 година. Фотоархива на претседателот на Хрватска

Како историчар, Туѓман се обиде да развие сложена политика на сеќавањето, преку објективот на независната хрватска држава.

Ѓурашковиќ посочува дека, за разлика од другите хрватски националисти, Туѓман бил подготвен да зборува за улогата на хрватските комунисти, во креирањето на денешна Хрватска.

Тој пристап беше дел од идејата на Туѓман, за сехрватско помирување, за обединување на потомците на партизаните и на усташите, во создавањето на независна Хрватска.

Меѓутоа, додека Туѓман се залагаше за национално помирување, неговите блиски политички соработници ги пропагираа идеите за усташкиот режим.

Туѓман често нашироко беше критикуван поради неговите научни тврдења за Втората светска војна, за холокаустот и за усташкиот концентрационен логор, Јасеновац.

Во својата книга „Пустелии на историската реалност“ објавена во 1989 година, Туѓман наведува два контроверзни извори од логорот Јасеновац, кои содржат антисемитски навреди и тврдат дека Евреите делумно го воделе логорот. Туѓман само делумно се дистанцира од тоа, но и оставаше впечаток дека го минимизира холокаустот.

Покрај тоа, во обид да се избори со тврдењата на српските националисти кои го зголемуваа бројот на жртвите, Туѓман напиша дека во логорот настрадале помеѓу 30.000 и 40.000 луѓе, додека повеќето експерти се согласуваат дека се работи за бројка помеѓу 77.000 и 100.000 настрадани.

Кога книгата во 1996 година беше објавена на англиски јазик, под наслов „Ужасите на војната: историската реалност и филозофијата“, проблематичното поглавје е изменето и Туѓман јавно се извини.

„Сепак, ова поглавје остана во хрватската, француската и германската верзија на книгата. Ја гледам оваа уредничка одлука како едноставно прагматичен потег под притисок, а не како искрен чин на Туѓман“, вели Голдштајн.

Туѓман вчера, денес и утре

Фрањо Туѓман фото архива на кабинетот на претседателот на Хрватска

Во Хрватска, сеќавањето на Туѓман е сè уште силно. Низ целата земја се подигнуваат споменици во негова чест, а неговото име го носат бројни улици, плоштади, паркови и мостови, во бројни поголеми градови во државата.

На одбележувањето на настаните од војната во 1990-те, која се смета за главен историски момент на Хрватска, секогаш се слави и неговата улога.

„Тој знаеше да ја организира одбраната на Хрватска, затоа што во 1991 година Хрватска немаше алтернатива. Можеше само да се брани. Тој успеа да ја обедини нацијата во одбрана на земјата и пронајде луѓе кои ќе ја искористат оваа позитивна енергија меѓу населението, за да се организира одбраната“, вели Голдштајн.

Владејачката Хрватска демократска унија (ХДЗ), како и нејзините политички противници, честопати укажуваат на Туѓман како на пример за политички лидер. Сепак, Голдштајн смета дека ова е погрешно.

„Фрањо Туѓман денес не може да ни помогне. Тој владееше со Хрватска кога ситуацијата беше радикално различна. Што значи да се биде Туѓман денес? Да се ​​биде непомирлив со соседите на Хрватска? Мислам дека политичарите го спомнуваат како пример, без прво да размислат што мислат со тоа“, додава тој.

„Исто така, Туѓман вложи многу напори за создавање на Хрватска во одредени територијални граници, но тој не се грижеше многу за тоа што ќе се случи во тие граници. Тој не се грижеше многу за животниот стандард или дали граѓаните ќе имаат економска и социјална стабилност“, истакнува тој.

Ѓурашковиќ вели дека деновиве, актуелната хрватска претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ, најмногу го искористува името на Туѓман, повикувајќи на единство меѓу Хрватите, „како во времето на Туѓман, во војната“.

„Освен што самото единство е многу проблематично во едно демократско општество, повикот за единство што постоело во такви вонредни околности како што е војната, е уште попроблематично. Сите знаеме дека во војните, многу демократски слободи и права се суспендирани и затоа тоа не е компатибилно со едно мирно демократско општество“, објаснува тој.

Што се однесува до наследството на Туѓман, Ѓурашковиќ смета дека тој станува симбол, „водач што ја создал независната хрватска држава, хрватски Џорџ Вашингтон“.

„Воспоставувајќи се како мит, тој сè повеќе е предмет на присвојување од страна на разни политички сили, дури и оние што му се спротивставуваа во 1990-тите години“, нагласува тој.

Голдштајн забележува дека хрватските политичари денес зборуваат за Туѓман, не како за историска фигура, туку како за идеја и вредност што не треба да се оспорува.

Ова, денес, дваесет години по неговата смрт, ја ограничува можноста да се расправа за прашањето „кој навистина бил Туѓман“, заклучува тој.