Анализи

Правна заобиколница за коридорите на „Бехтел и Енка“

Со еден од законите се бајпасира одлука на Уставниот суд

Тоа што лани уставните судии одлучија дека е неуставно работниците да работат по 60 часа неделно на новите автопатишта, изгледа дека не е доволно силен аргумент за 10 пратеници предлагачи, да се обидат да „протнат“ слична законска одредба. Но, не во посебниот Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратегиски партнер за коридорите 8 и 10 д, туку во Законот за работни односи.

Целта ја правдаат со овозможување непречена работа на коридорите, за кои, извесно е дека наскоро ќе тргне и првиот багер.

Со други зборови, повикувајќи се на Уставот, пратениците во петокот предложија 9 законски измени по скратена постапка. Едниот од нив, Законот за заштита на културното наследство, под јавниот притисок на граѓанските организации за археологија, пратениците го повлекоа. Останатите осум, го добија првиот „пас“.

Повикувајќи се на истиот тој Устав, на кој сега се повикуваат пратениците кога ги предлагаат измените, лани судиите од Уставниот суд пресекоа дека не е уставно работниците да работат повеќе од осум часа дневно, независно од тоа што станува збор за проект од стратегиски интерес.

Уставниот суд оцени дека „се повредува начелото на еднаквост на вработените во секторот каде што работата се извршува, што е повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните“.

Освен тоа, во образложението зошто го укинуваат членот се повикаа и на Законот за работни односи, кој пропишува максимални 40 часа неделна работа.

Но, за десетте пратеници, тоа што веќе еднаш Уставниот суд се произнел дека е противуставно да се работи неограничено изгледа дека не е проблем.

Сега во нова, „правно порафинирана“ верзија, тие во петокот повторно предложија озаконување „на прекувремената работа подолго од осум часа во текот на една недела, во период од три месеци, кога станува збор за „работи од национален и стратешки интерес за државата“.

За тоа работникот треба претходно да се согласи.

Да ја прочитале пратениците одлуката на Уставниот суд од лани, ќе знаеја дека за уставните судии оваа одредба била спорна, бидејќи и да се согласи работникот, тоа „всушност значи откажување од правото на дневен и неделен одмор, имајќи ја предвид должината на работното време…“

Во предлог-законот за работни односи, кои беа поднесени минатата недела во парламентот, ги нема 60-те часа што беа пропишани во Законот за изградба на делниците 8 и 10 д, што ќе ги гради „Бехтел и Енка“.

Ама затоа има други одредби што нормираат дека прекувремената работа може да трае повеќе од 190 часа годишно.

Тоа значи дека е предложено законско решение што е уште порастегливо за правно толкување.

Доколку овој предлог-закон се усвои, Уставниот суд би можел повторно да се изјасни. Особено по одлуката што ја донел лани во јули. Може и по сопствена иницијатива самиот да поведе нова постапка за преиспитување на уставноста на новите измени во Законот за работни односи.

„Поучени“ од „лошите лекции“ за автопатот Кичево Охрид

Дел од автопатската делница Кичево – Охрид во градба | Фото: БИРН

Можеби најважни при градењето на автопатиштата се предложените измени во Законот за експропријација.

Со измените, меѓу другото, се пропишува за изградба на инфраструктура од стратешки интерес, на „Бехтел и Енка“ „да му се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна“.

Тоа, всушност, значи дека значително се забрзува и се олеснува процесот на градење без за тоа да е почека исходот од евентуална судска постапка.

Се чини дека овие измени предлагачите ги извлекуваат како научени лекции од минатото, особено кога, меѓу другото, и поради низа судски постапки, речиси 10 години трае градбата на автопатот Кичево – Охрид.

А судската база е преполна со вакви одлуки.

На пример, С. Д. од Кичево во 2017 го тужел „Трансмет“ и барал да му исплати нешто над 11 илјади евра за испуштена корист, односно поради тоа што изгубил 10 оревови дрва, кои за потребите на градењето на автопатот, бесправно му биле исечени.

Катастарските парцели на кои тој бил сопственик не биле експроприрани, а таму било предвидено да поминува автопатот.

„Тужениот (н.з. Трансмет) за потребите за изградбата на патот, односно за отворање пристапни патишта без да спроведе постапка за експропијација на недвижниот имот и на посевите извршила противправно уништување на овошни стелба и тоа 10 оревови стебла, а за изградба на пристапни патишта и одлагалишта“, пишува во пресудата, која на крајот делумно завршила во негова корист.

Но, не е само таа одлука што потврдува дека додека „шетале багерите“, течела и правна војна со граѓани што тужеле дека се оштетени.

Таков е случајот на кичевецот Б. С., кој ги тужел и државата и „Трансмет“ зашто се слеале земјените каскади во вид на тиња во неговиот двор, кои биле направени поради градилиштето за автопатот Кичево  – Охрид.

Му била оштетена фасадата на куќата и три соби, а имало „напукнат малтер на ѕидовите во сите три простории,  оштетен бетонски под во средна соба, целосно оштетен патос во спална соба, целосно наполнета водоводна шахта и затната канализациска цевка и уништена дренажа на куќата“.

Исклучоци да, но не по секоја цена

Препораки за внимателност при законските исклучоци | Фото: Објава на Фесјбук на МПСОЗ

Снежана Камиловска-Трповска, од граѓанската организација МЦМС, која е членка на Платформата за борба против корупцијата, во оваа „брза инфлација на законски измени“ препознава враќање на атмосферата од едно време, кое на крајот заврши со враќање на одземениот имот, односно со денационализација.

„Законските измени директно го нарушуваат правото на приватна сопственост и нѐ враќаат во некои многу дамнешни добро познати состојби кога државата за ‘јавниот интерес’ национализираше приватен имот“.

Камиловска-Трповска смета дека вака предложени законски измени директно ги дерогираат и Уставот, и основните човекови права, па прашува дали овие процеси во иднина може да станат редовна пракса.

И Миша Поповиќ од Институтот за демократија има слични тврдења. Предупредува дека „измените не се едноставни и не е оставено доволно време да се проценат последиците“.

„Иако е важно да се градат коридорите, мора да се следат принципите од постојните правила, да се обезбеди расправа за да не биде случајов упад во правилата, туку внимателно да се процени дали воопшто се потребни исклучоци, и ако се потребни, на кој начин да се направат“, вели Поповиќ.

Според предложенте измени, покрај Законот за работни односи, експропријација, и за заштита на културното наследство, ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, урбанистичко планирање, минерални суровини, законите за шумите и за градење.