Истражувањa

Пречистителни станици – надградба на криво насаден систем

Градењето е голем предизвик, работењето уште поголем

Реката Кумановка се влева во Пчиња на почетокот од живописната Бислимска клисура, подрачје препознаено по своите природни богатства и сѐ попопуларно меѓу туристите. Еден километар погоре, пак, во Кумановка се влева прочистената вода од кумановската канализација. Тука се наоѓа пречистителната станица, една од постарите и поголемите во земјава.

Водата прво минува низ решетка за да се запрат отпадоците. Сешто може да се најде тука – од пластични шишиња до цели парчиња мебел. Потоа оди во базените за таложење, за да се собере тињата. На крајот, со помош на големи машини, т.н. мамут-ротори, се врти во круг додека бактериите ги разградуваат органските материи. На крајот таа истекува во реката без ѓубре и без фекални остатоци.

Сето тоа изгледа многу едноставно гледано од страна, но за да функционира и да спречува фекалната вода директно да се излева во реките и во езерата, е потребно многу. Пречистителните станици се најголеми потрошувачи на струја во јавните комунални претпријатија и се голем товар по нивните буџети. Опремата мора да се одржува и да се менува кога ќе застари, а замена на еден дел може да чини илјадници евра. Им недостигаат и стручни кадри и општи работници.

Седум не работат, другите со проблеми

Се прочистуваат околу 37 отсто од отпадните води во земјава | Фото: БИРН

И покрај нивната важна улога за заштитата на водите, на речниот жив свет и на здравјето на луѓето, особено во услови на климатски промени со кои водата ќе станува сѐ поскапоцен ресурс, пречистителните станици се ретко тема во јавноста. Тие делумно се актуализираа откако токму проектот за изградба на пречистителна станица за Градот Скопје, вредна 136 милиони евра, беше повод за распад на коалицијата во локалната самоуправа меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска – судир што ескалираше со хаотични состојби во повеќе сфери на функционирање на градската управа.

Додека се чека почетокот на изградбата на скопската станица, а Европската комисија во последниот извештај за напредокот во земјава констатира дека градењето нови станици е бавно и полно со предизвици, БИРН истражуваше како функционираат постоечките, од кои најголемиот дел се изградени со странски донации во последниве две децении.

Од вкупно 26 пречистителни станици за отпадни води, седум воопшто не функционираат, две работат само со основно пречистување, најмалку четири имаат сериозни проблеми со финансиската одржливост, а и другите се соочуваат со предизвици со одржувањето на опремата и наоѓање соодветен кадар, покажуваат податоците што ги добивме од Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, кое ги обединува јавните комунални претпријатија во државава.

Иако вакви станици се граделе уште во 1970-тите и во 1980-тите, тоа биле мали проекти. Прочистувањето на водите од канализацијата е релативно нова област во државава и повеќето инвестиции се направени по 2000 година, а најголемите проекти дојдоа во последниве пет години.

Податоците од Министерството за животна средина покажуваат дека до 2017 година, нешто над 13 отсто од населението било покриено со оваа услуга, односно дека само мал дел од канализациската вода поминувала некакво прочистување пред да се врати во реките и во екосистемот.

Оттогаш, со помош на Европската Унија, Германија, Швајцарија и други донатори, се изградија и се пуштија во употреба неколку поголеми станици во Струмица, Радовиш, Кичево, Кочани, Гевгелија и во Прилеп. Со нив, покриеноста се зголеми на над 37 отсто.

Ако се исполнат плановите до 2027  да се направи скопската, како и станиците во Тетово, Битола, Штип и Велес, ќе се прочистуваат отпадните води што ги создаваат околу 75 отсто од жителите на земјава, и, ако сѐ функционира, би се постигнале високи стандарди во оваа област.

Без сопствена струја се тешко одржливи

Некои пречистителни станици ја користат тињата за добивање струја | Фото: БИРН

Искуството од повеќе досегашни случаи покажува дека кога станиците ќе се направат, проблемите допрва почнуваат. Јавните комунални претпријатија, кои низ целата држава се во тешка состојба, одеднаш добиваат нов капацитет што треба да го управуваат, кој работи со висока технологија и чие функционирање чини многу пари.

Неопходно е да се зголемат сметките за вода за да се покрие новиот трошок. Цената ја определува Регулаторната комисија за енергетика, и во зависност од општината, оваа услуга чини од 10 до 18 денари за потрошен кубен метар вода.

Ако се има предвид дека едно домаќинство во просек троши од пет до десет кубни метри месечно, тоа значи дека би плаќало до 200 денари повеќе. Но, цените се држат ниски за да не се оптоварува домашниот буџет, а парите што се собираат од наплата не се ни од далеку доволни за да се покријат трошоците. Тоа особено дојде до израз откога почна енергетската криза.

„За август 2021 година, сметката за струја ни беше 667 илјади денари, а за август 2022, таа изнесува 5,4 милиони денари“, вели Габриела Белчевска, помошник-раководител на пречистителната станица во Куманово.

Ова повеќекратно зголемување на цените на струјата предизвикало проблеми во сите претпријатија. Во Радовиш, на пример, до 1 мај 2022 година, електричната енергија ја плаќале по 50 евра за мегават-час, а оттогаш станала многу променлива. Уште во мај, цената пораснала на 310 евра, во август достигнала рекордни 560 евра, па во октомври се вратила на 232 евра.

„Со драстичниот раст на цените, покрај неколкукратното зголемување на фактурата за потрошена електрична енергија, се зголеми и цената на резервните делови и на потребните средства за нормалното функционирање на ПСОВ Радовиш“, вели раководителот Стојче Димовски.

Во Кочани го решиле овој проблем во голема мера – околу 70 проценти од струјата што ја трошат, ја обезбедуваат од фотоволтаичната централа и од работата на комбинираната постројка за производство на топлинска енергија. Таа работи на метан произведен од дигестираната тиња што останува по таложењето на водата.

Според информациите од Министерството за животна средина, овие решенија ќе се планираат однапред кога ќе се прават новите станици, за тие да бидат енергетски и економски поодржливи. Но, за да се решат проблемите на старите, голема е веројатноста дека ќе се чекаат нови странски донации или кредит.

Кога тињата не се согорува, таа не само што е неискористен извор на енергија, туку е оптоварување на локалните депонии, во услови кога отсуствува секаков систем за управување со отпадот. Радовишката пречистителна станица, на пример, за само шест месеци депонирала 295 кубни метри тиња.

Деловите чинат десетици илјади евра

Замената на еден мамут-ротор може да чини над десет илјади евра | Фото: БИРН

Трошоците за редовната работа се високи, но кога ќе им се додадат и тие за одржување и за замена на опремата, работите стануваат уште посложени. Тоа се гледа во кумановската станица, која функционира од 2006 година.

„Векот на траењето на станиците е десетина години, и потоа трошоците стануваат големи. На пример, замената на еден мамут ротор за аерација може да чини над десет илјади евра“, вели Белчевска.

Според повеќемина соговорници, проблем е и да се најде фирма што ќе ја изврши работата, бидејќи компаниите во Македонија не го работат тоа и често треба да се бараат изведувачи од странство.

„Релативно нова работа се станиците. Сѐ уште се навикнуваме на нив, а и фирмите се навикнуваат да ги опслужуваат“, велат од гевгелиската станица.

Еден од проблемите со кои се соочуваат комуналните претпријатија се кадрите. Тие имаат реорганизација пред да ги преземат пречистителните станици и во нив се создаваат тимови што можат да ги управуваат.

„Многу е важно за работата на станиците да биде успешна, луѓето што ќе работат во нив да бидат присутни додека тие уште се градат, за да се запознаат подобро со нивното функционирање“, велат од ЈП Комуналец Гевгелија, кое има една од најновите станици, отворена во 2018 година.

Но, како што истакнаа повеќемина соговорници, дали овој принцип на работа ќе опстане, зависи од тоа како ќе се управува претпријатието, а тоа е прашање на политика, бидејќи управувачкиот кадар се поставува со политички одлуки и често е предмет на коалициски пазарења.

Податоците на АДКОМ покажуваат дека и во новите станици не е сѐ сјајно. Пречистителната станица во Кичево, направена во 2018 година, има проблеми со финансиската одржливост, што го загрозува нејзиното функционирање, а таа во Сарај, која почна да работи во 2015 година, е моментално надвор од употреба.

Не само опстојувањето, туку и создавањето на тимовите за работа не е лесно. Во државното претпријатие „Колекторски систем“ од Охрид, кое се формираше пред три години, за да го преземе управувањето со колекторот околу Охридско Езеро (40 километри лошо одржуван цевковод во општините Охрид, Струга и Дебарца, како и пречистителна станица), веќе има 55 вработени, но му недостигаат и теренски работници и стручен кадар.

„Ни недостига технолог, машински инженер, градежен инженер, хидроинженер, но проблемот не е само што тешко се наоѓаат тие кадри, туку и што немаме согласност од Министерството за финансии да ги вработиме“, вели директорот Владимир Алексијоски, додавајќи дека кадрите, особено во хидрологијата, не само што помалку се школуваат во однос на порано, туку стануваат и сѐ побарани во приватниот сектор и во странство, па јавните претпријатија не можат да им конкурираат со понудите за плата.

Скок во матна ладна вода

Мешањето на атмосферските со фекалните води е штетно за станиците | Фото: БИРН

Дури и ако се најдат решенија за сите тешкотии што се директно поврзани со пречистителните станици – ако им се покријат трошоците за струја, се обезбедат пари за обновување на опремата и се вработат кадри, ќе остане уште еден голем проблем. Станиците не функционираат сами за себе, туку се дел од сеопфатни системи за собирање и за одведување на водите. Тука доаѓа до израз проблемот со неодвоеноста на фекалната и на атмосферската канализација.

Дури и во Скопје, каде што состојбата е најдобра, само 30 отсто од канализацискиот систем е одвоен, за дождовницата да се одведува со посебни цевководи до реките, а фекалната вода да не се меша со неа. Во многу општини, тоа воопшто не постои и дождовницата поминува низ истите цевки.

„Тоа е проблем бидејќи кога врне дожд, и таа вода надоаѓа во цевките, и потоа мора да помине низ пречистителната станица. Тоа е чиста вода и непотребно го зголемува обемот на работа на станицата, како и трошоците што ги прави таа, а згора на сѐ ги уништува и бактериите што ни се потребни за разградување на отпадните материи во фекалните води“, објаснува директорот на охридскиот колекторски систем.

Наскоро треба да се градат станици што се уште поголеми од сегашните – скопската со капацитет за 650 илјади жители, тетовската за 80 илјади, битолската за 77 илјади, штипската и велешката за по 53 илјади итн. Ако не се преземат посеопфатни мерки, и тие ќе треба да се вметнат во системи со неодвоена канализација и да се дадат на претпријатија со недоволен кадар и недоволни ресурси за својата работа.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.