Актуелно

Преку Иванов до неказнивост за местачи на избори

Уставниот суд со 5 гласа „за“ и 4 „против“ прифати да расправа дали да му даде дозвола на претседателот Ѓорге Иванов да има право да помилува, но и да ослободува од кривично гонење лица кои сториле изборни измами. Упатените велат дека исходот од расправата е однапред познат и дека со ова се отвора можност високи функционери на власта да куртулат од делата за кои ги сомничи Специјалното јавно обвинителство.

sudii

Одлуката на Уставниот суд да прифати иницијатива и да расправа дали да му даде одврзани раце на претседателот на државата Ѓорге Иванов да помилува лица осудени за изборни нерегуларности е целосна узурпација на правниот систем од страна на власта, коментираат познавачите на правото. Изненадување и шок владее меѓу правниците кои велат дека со овој чин, Уставниот суд буквално докажал дека е „купен со пари“.

Денешната одлука на судот да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Законот за помилување, е сигнал и за конечната одлука, а таа на претседателот на државата ќе му даде можност да помилува, но и да аболицира (да ги ослободи од кривично гонење) лица кои сториле изборни измами, педофили, терористи, дилери на дрога…

Од вкупно 9 уставни судии, петмина гласале „за“ да се поведе постапка за оценување на уставноста, а четворица се противеле. Судиите Наташа Габер – Дамјановска, Гзиме Старова, Сали Мурати и Исмаил Дарлишта жестоко ја бранеле тезата дека законот, ваков каков што е, не е противуставен и нема никаква логика да се менува и да се даде можност да се помилуваат лица кои се теретат за тешки дела како што се злоупотреба на изборите. Но, тие не успеале да се изборат против петмината судии, вклучително и претседателката на судот, Елена Гошева.

„Да се воведе неказнивост за вакви тешки кривични дела, значи дека отсега секој може да врши местенки на избори и притоа да се извлече. Власта го узурпира правото и со овој чин Македонија губи многу, и во делот на евроатлантските интеграции, но и во делот на сите меѓународни конвенции што ги има потпишано“, вели професорката Мирјана Најчевска.

Иницијативата да се поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за помилување пристигнал од адвокат од Скопје, кој не е познат за пошироката јавност. Тој бара да се тргнат измените донесени во 2009 година, додека претседател сè уште беше Бранко Црвенковски, со кои се предвидуваше „дека претседателот на може да помилува лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето“, но и кривични дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела против здравјето на луѓето итн. Уставниот суд ја прифати иницијативата и за кратко време, најверојатно за околу 3-4 недели, ќе донесе конечно решение.

Законските измени од 2009 година кои се најдоа пред Уставниот суд

Законските измени од 2009 година кои се најдоа пред Уставниот суд

Оваа иницијатива експресно, за 3 недели, била ставена на дневен ред пред Уставниот суд, а судија известител е Никола Ивановски, кој беше избран во 2012 година, а во јавноста се шпекулира дека тој се подготвува да биде новиот претседател на Уставниот суд.

Сето ова се случува во период кога Специјалното јавно обвинителство води истрага против поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, секретарот на Владата Кирил Божиновски и други лица, токму за дела поврзани со изборните нерегуларности.

„Кај мене се покренува прашањето што е противуставно во тој закон, за да се поведува постапка?! Во Уставот јасно стои дека претседателот може да помилува во согласност со закон и тој закон функционира веќе седма година. Законодавецот оценил дека не треба да има помилување за такви тешки кривични дела и јас не гледам каде е тука повреден Уставот“, вели поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски.

Тој додава дека мнозинството од судиите, со ваквиот чекор, застануваат на страната на оние кои ги кршат законите, особено во период кога тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева води истрага токму за овие дела.

„Очигледно е дека бараат модус како да се извадат сега, а таков не постои, освен ако е противуставен, како во случајов“, вели Ивановски и додава дека „Уставниот суд со ваквата одлука им дава легитимитет на истите оние луѓе кои ја срушија државата“.

Како Уставниот суд стана алатка на власта?

Уставниот суд долго време се сметаше за една од последните независни институции што се осмели да се спротивставува на авторитарните тенденции на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Во 2009 и 2010 година, Судот поништи неколку владини програми вметнати во закон, вклучувајќи ги и оние кои имаа за цел да ги зголемат бенефициите на родителите кои живеат во региони со ниска стапка на наталитет, како и воведувањето веронаука во основните училишта.

Во тоа време, контиунирани беа изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и тогашен премиер Никола Груевски дека овој суд е марионета во рацете на социјалдемократите.

ustaven 1

ustaven 2

Па ваквите неуспешни обиди да се изврши притисок врз судот, се премина на следниот чекор. Комисијата за лустрација го прогласи за соработник на тајните служби тогашниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, кој беше лустриран во 2010 година и мораше предвреме да ја напушти функцијата.

Тој се жалеше до Европскиот суд за човекови права во Стразбур и минатиот месец го доби спорот. Судот во Стразбур пресуди дека биле прекршени членовите 6 и 8 од Европската конвенција за човекови права, откако Ивановски поднесе жалба во која беше наведено дека лустрациските постапки не биле фер и дека со нив му биле нарушени угледот и достоинството. Судот утврдил неправедност во постапката за лустрација, а и дека на Ивановски му било повредено правото на правично судење. Поради тоа, Македонија треба да му исплати оштета од 5.350 евра на Ивановски.

Уставниот суд во 2014 донел само 11 одлуки за укинување законски одредби

Според годишниот извештај на Уставниот суд за 2014 година, најголем број иницијативи, или 98, се однесувале на закони. Со одлука за укинување завршени се 11 иницијативи, во 63 иницијативи Судот не нашол основа за поведување на постапка. Останатите се отфрлени со решение или постапката е запрена.

Како поспецифични примери за чии оспорени одредби не беше поведена постапка од страна на Уставниот суд, а кои предизвикаа бранувања во јавноста ќе останат запаметени: Законот за прекинување на бременоста (абортус), Законот за финансиска дисциплина, Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета итн.

Последниот чекор за преземање на контролата врз Уставниот суд се случи во 2012 година, кога ВМРО-ДПМНЕ истурка избор на тројца нови судии, кои опозицијата ги оцени како пристрасни кон владејачката структура.

Од тогаш, Уставниот суд почна да ги поддржува сите владините политики, вклучувајќи го и контроверзниот процес на лустрација.

Во 2014 година, Уставниот суд одлучи дека спорниот Закон за абортус не го спречува правото на жената да избере дали ќе го роди детето. Единствено судијката Наташа Габер – Дамјановска, законот го оцени како дискриминаторски за жената, а државата според неа премногу се меша во семејните односи.

Истата година, со образложение дека нема надлежност да ја оценува постапката како се носат одлуки, Уставниот суд ја отфрли иницијативата на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски да се преиспита одлуката на Советот на општината, за измена и дополнување на повеќе Детални урбаниситички планови. Судија известител во овој случај, беше токму судијата Никола Ивановски. Жерновски тогаш изјави дека уставните судии се под политички притисок, откако претходно беше одложена расправата за спорните урбаниситички планови, за Тасино Чешмиче, Капиштец и Водно, со кои се предвидуваше изградба на десеткатница во падините на Водно.

Пред десетина дена, барањето на судијата-известител Наташа Габер-Дамјановска да се поведе постапка по иницијативите за одложеното распуштање на Собранието, не беше прифатено од страна на мнозинството судии. Уставниот суд се прогласи за ненадлежен и ги отфлри двете иницијативи за оценување на уставноста на собраниската одлука.

Во меѓувреме, постои и иницијатива која сè уште не е ставена на дневен ред, за оценување на уставноста на Специјалното јавно обвинителство.