Актуелно

Препораката за ЕУ нема да се објави ниту неделава

Прекинот на преговорите поврзани со Договорот од Пржино, бегалската криза, како и изборите во Турција се главните причини поради кои сè уште се чека на објавувањето на извештаите.

Меѓународната заедница е загрижена во однос на (не)спроведувањето на договорот од Пржино

Сè поизвесно е дека извештајот за напредокот на Македонија и на останатите земји од Балканот и Турција нема да биде објавен неделава, потврдуваат за БИРН извори од Европската комисија.

Прекинот на преговорите поврзани со Договорот од Пржино, бегалската криза, како и изборите во Турција се главните причини поради кои сè уште се чека на објавувањето на извештаите и евентуалната препорака за почеток на преговори со Македонија.

Маја Кочијанчич, портпарол на еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, за БИРН изјави дека јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе се знае датумот на објавувањето на извештајот.

Македонија доби кандидатски статус во 2005 година, а првата препорака за старт на преговори ја доби во 2009 година.

Она што засега е извесно е дека меѓународната заедница е загрижена во однос на (не)спроведувањето на договорот од Пржино, нешто што го потврди и амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер, која во Собранието имаше средба со пратеничката група за пријателство со францускиот Парламент.

„Сепак, веруваме во Договорот и треба да му се даде шанса тој да биде спроведен во целост“, изјави таа додавајќи дека не знае дали Македонија ќе ја загуби препораката за членство во ЕУ или таа ќе биде условена.

Според дипломатски извори, во оптек се сите три опции – седма по ред препорака за Македонија, условена препорака и одземање на препораката за почеток на преговорите.

Сепак, третата опција е најмалку веројатна, бидејќи тоа би било преседан во историјата на проширувањето на ЕУ, а не постојат ниту протоколи како да се постапува во таквите случаи.

„Тоа е враќање во друг колосек, а Европската унија нема процедури за тоа што треба да се стори при одземање на препораката за членство на една држава. Оттаму, мала е веројатноста да се одземе препораката за Македонија“, вели Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика.

Или препораката за старт на преговори ќе се одложи до декември, кога е Советот на ЕУ, додека да се создадат услови, или пак ќе се даде време за уште еден извештај, како што имавме случај во 2012/2013 година, за да се исполни договореното од Пржино, вели Јорданова

Дополнително на ова, Македонија ѝ е потребна на Унијата за бегалската криза и справувањето со приливот на бегалци и мигранти, па оттаму ризикот што би го понела Унијата доколку се одземе препораката би бил преголем.

Затоа, како што се шпекулира во дипломатските кругови, најизвесно е дека Македонија ќе добие „условена препорака“.

Според Јорданова, за ваква препорака постојат две опции.

„Или ќе се одложи до декември, кога е Советот на ЕУ, додека да се создадат услови, или пак ќе се даде време за уште еден извештај, како што имавме случај во 2012/2013 година, за да се исполни договореното од Пржино“.

Засега, договорот од Пржино останува заглавен, од партиите не даваат никакви информации, освен дека постои посредна комуникација. Последниот застој на преговорите се случи поради различните позиции на партиите во делот за назначување и ингеренции на министрите за внатрешни и за труд и социјала што според Договор од Пржино треба да ги именува опозицијата.