Актуелно

Пратениците трошат над двесте просечни плати за патувања во странство

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Павле Саздов, пратеникот од САД, е на врвот на листата според трошоците за патување во странство. Саздов лани потрошил над 16.000 евра, од кои повеќе од 9.000 евра за сместување, 5.600 евра за патни трошоци и околу 1.200 евра за дневници.

Најмногу пари за патувања потрошиле пратениците од дијаспората, кои се под постојана критика дека скапо ја чинат државата | Фото: FS2004 / Foter.com / CC BY-NC

Најмногу пари за патувања потрошиле пратениците од дијаспората, кои се под постојана критика дека скапо ја чинат државата | Фото: FS2004 / Foter.com / CC BY-NC

Пратениците лани на патувања во странство потрошиле речиси 78.000 евра, покажуваат официјалните податоци што БИРН ги доби од Собранието.

Доколку оваа бројка се споредат со просечната нето – плата во Македонија, произлегува дека народните избраници лани потрошиле 219 просечни плати на дневници, хотелско сместување и авионски билети.

Од вкупно 123 пратеници, на службени патувања во странство лани биле третина од нив. Најмногу пари за патувања потрошиле пратениците од дијаспората, кои се под постојана критика дека скапо ја чинат државата.

Саздов: Спојуваме денови за патување за да заштедиме

Павле Саздов, пратеникот од САД, е на врвот на листата според трошоците за патување во странство. Саздов лани потрошил над 16.000 евра, од кои повеќе од 9.000 евра за сместување, 5.600 евра за патни трошоци и околу 1.200 евра за дневници.

Toj во изјава за БИРН се повикува на Законот за пратеници, според кој на пратениците од дијапората им е овозможено да патуваат шест пати годишно по една недела во изборната единица од каде се избрани.

„Последен пат кон крајот на август патував во повеќе градови, меѓу кои во Њујорк, Чикаго, Детроит. Сите патувања се во рамките на мојата изборна единица главно за средби со гласачите, иселеничките организации, средби со сенатори“, објаснува Саздов.

patuvanja-stranstvo

Според податоците што ги доби БИРН од собраниските служби пратеникот од Австралија, Васко Наумовски лани потрошил 10.775 евра од кои околу 4.000 евра за сместување, 6.200 евра за патни трошоци и 500 евра за дневници.

„Имам право да патувам шест пати годишно по седум дена. Но, за да не правам многу големи трошоци, патувам три до четири пати во годината и ги врзувам патувањата. На пример, два пати патувам по 14 дена“, вели Наумовски.

Милорад Додевски, како тогашен пратеник од Австралија од ВМРО-ДПМНЕ, пак, лани на хотелско сместување, дневници и превоз потрошил 10.800 евра за патување во странство, од кои речиси 4.000 евра за сместување, 6.300 за патни трошоци и 470 евра за дневници.

Во Законот за пратеници пишува:„Пратеникот има право шестпати во текот на една година службено да ја посети изборната единица од која е избран. Службената посета на изборната единица е во траење од една недела. Пратеникот за службената посета од ставот 1 на овој член има право на надоместок на патните трошоци и на дневница за службено патување во странство“.

Најевтиното патување на пратеник лани чинело околу 2.700 денари. Овие скромни трошоци ги направила пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Нола Исмајлоска.

Според Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, на пратениците им се признава дневница за службено патување до 8 отсто од просечната нето плата по работник, а трошоците за ноќевање им се признаваат во полн износ, освен во хотелите од де лукс категорија.

Бонева повеќе троши на превоз во Македонија, отколку надвор

Интересен е податокот кој покажува дека пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева минатата година повеќе потрошила за превоз на релација Струмица-Скопје, отколку за патување во странство.

„Инбокс 7“ објави дека Бонева лани потрошила околу 23.000 евра за патни трошоци во земјава. За патување во странство, пак, Бонева потрошила речиси девет пати помалку, односно 2.660 евра од кои 1.100 евра биле за патни трошоци.

Во првите шест месеци од годинава, први на листата според потрошени пари за патувања во странство се Павле Саздов, Васко Наумовски, Александар Николовски, Влатко Ѓорчев и Антонио Милошоски, сите пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.