Анализи

Собраниски кавги и тепачки

Од вербални до физички судири

Надвор од политичко-новинарскиот круг, ретко кој знаеше дека вчера на седницата на собраниската комисија за надворешни работи се измени на Законот за работни односи со кои би им можело да им се продолжи работниот стаж на судиите и обвинителите.  Граѓаните тоа го дознаа попладнето, преку осумминутната видеоснимка, која ја објавија пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со наслов „Македонија, наместо Европа, стана див запад со „каубоите“ од власта!“. На таа снимка се виде викање, фрлање предмети, тегнење микрофон и раскрвавена рака.

Овојпат главни актери беа разгневениот пратеник од ДУИ Арбр Адеми, кој од позицијата претседател на Комисијата за европски прашања, фрла предмети кон гласните и разлутени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Драган Ковачки и други.

Жестоките расправи со високи тонови, некогаш на раб на тепачка, а некогаш и со тепачка, не се новина во законодавниот дом. Она што им е заедничко е дека речиси никогаш нема санкции за предизвикувачите и учесниците во уривањето на дигнитетот на Собранието, како место каде што е загарантирано правото на различно мислење и борба со аргументи.

Сегашните меѓупартиски препукувања за насилство во Собранието се многу слични на оние, на пример, од 2010 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше власт, а СДСМ опозиција.

Тогаш надвор од парламентот и низ неговите ходници пратеници од СДСМ имаа физички контакти со полицајци, кои тврдеа дека незаконски тогашната власт ги праќа за да ги следат нивните активности.

Тогашната владејачка партија тврдеше дека СДСМ ја дефокусира јавноста од суштината на инцидентот и се обидува „да ја одложи работата на Собранието во период кога се најавени расправи за многу битни прашања“.

Јавноста не памети случај кога некој бил исклучен или кога од некого партијата се оградила поради несоодветно однесување во парламентот.

Сега СДСМ излезе со слично тврдење. Велат дека до инцидентот дошло поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ сакаат да ги спречат законите поврзани со судството.

Тензичната единаесетгодишна работа на тогаш младото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ беше навестена уште во 2007, неполна година откако дојдоа на власт. Причина за таа ситуација беше одземањето на имунитетот на поранешниот премиер Владо Бучковски во собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања.

Нешто повеќе од месец по бурната расправа за Бучковски, во Собранието дојде и до тепачка, но за друга тема. На расправа за Изборниот законик, тогашниот пратеник од ДУИ, Садула Дураку го удри Абдулади Вејсели од ПДП, а имаше обвинувања и за физички пресметки на координацијата свикана по инцидентот.

Во 2012 година се случи таканаречениот „црн понеделник“, кој многумина го сметаа за дотогаш најжестокиот инцидент во Собранието. На 24 декември, опозиционерите од СДСМ беа физички исфрлени од собраниската сала, во која владејачкото мнозинство продолжи со расправа за државниот буџет.

Од салата беа исфрлени и новинарите, а настанот беше вовед во политичка криза. Иако беше формирана и анкетна комисија, која заврши со работа во 2013, се чини поука од инцидентот немаше.

Па, така, во 2014 година дојде до тепачка  на собраниската комисија за финансирање и буџет. Главните актери беа тогашните пратеници од ДПА, Орхан Ибраими и Талат Џафери од ДУИ, кои се степаа, а им се приклучија повеќе пратеници по што обезбедувањето реагираше и ги раздвои.

Сепак, најсериозниот инцидент, кој заврши и со судска завршница, амнестии и промена на политичката сцена се случи на 27 април 2017 година.  Тоа насилство, кое се случи на седницата на која Џафери беше избран за претседател не беше директно меѓу пратениците, туку беше подгреано и помогнато од нив.

Следната 2018 година, Џафери веќе беше претседател на Собранието, и овојпат од функционерското столче влезе во конфликт со поранешниот пратеник, азилантот во Унгарија, Никола Груевски.

На расправата за Законот за употреба на јазиците, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа процедурално да се изјаснат и оневозможуваа седницата да продолжи. Се собраа на говорницата, а Груевски му го исклучи микрофонот на Џафери. По тоа тој даде пауза, а на излегувањето од салата имаат и кратка расправија и близок физички контакт со Груевски.

Во 2019 година, тензии имаше повторно во Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, кога се расправаше за тоа дали да се одобри барањето на судот за одземање на мандатот на Вељаноски, тогаш осомничен, а сега  веќе е неправoсилно осуден за случувањата на 27 април 2017 година.

Неодамна имаше силни тензии и барања за оставка од Џафери откако опозицијата го обвини дека ги заклучил вратите, им го попречил загарантираното право на слободно движење и ги држел како заложници. Тоа се случуваше минатиот месец речиси истовремено со објавувањето на аудиоснимката, на која тој се слуша како им вика и ги пцуе вработените во собраниските служби.