Во наредните пет години државава ќе мора да наоѓа милијарди евра за да го одржи постојното ниво на услуги и плати во државниот сектор. Со други зборови кажано, или ќе растат даноците или ќе има нови кредити.
Надолго и нашироко се коментираше и се дебатираше последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Македонија, кој се појави минатиот месец. Премиерот и министрите беа убедени дека монетарците ги пофалиле за сработеното, посебно зашто создавале нови работни места, додека опозицијата обвини оти Никола Груевски не седнал да го прочита баш целиот извештај и доколку го сторел тоа ќе се уверел дека нѐ задолжил двојно во периодот по 2008.
Во морето од податоци и од предвидувања за македонската економија, последниот извештај на ММФ носи предвидувања на подолг рок кои најблаго речено се загрижувачки. И за Владата што ќе ја добиеме по април 2016, но уште поважно – за граѓаните.
Милијарди евра за „главата над вода“
Монетарците се осврнуваат на една релативно непозната категорија, а тоа се таканаречените вкупни парични потреби на властите или на англиски gross government financing needs. Поедноставно кажано, тоа се парите што ѝ требаат на државава да ги плати ратите од сите кредитите и да најде средства да го покрие дефицитот, оној дел од буџетот што ќе го потроши државата, а што нема да го собере од граѓаните и од фирмите преку давачките. И кога во овој контекст се вели држава, не се мисли само на Владата, министерствата и со нив поврзаните институции туку се мисли и на општините, јавните претпријатија и на агенциите.
ММФ предвидува дека вкупните парични потреби на властите за 2015 се 15 проценти од вредноста на бруто домашниот производ (БДП), кој минатата година изнесувал 525,6 милијарди денари или 8,5 милијарди евра. Тоа значи дека на македонската Влада, општините и на другите институции годинава ќе им требаат речиси 1,3 милијарди евра за да ги платат ратите од кредитите и да го затворат буџетскиот дефицит.
Тоа во случај ако сите институции ги покриваат преземените обврски.
Меѓутоа, проекциите на монетарците не застануваат тука. Според нив, овој процент во 2020 година, која, впрочем, ќе биде финална за новата Влада, ќе изнесува дури 18 отсто од вредноста на сите производи и услуги во Македонија (БДП).
Ако се претпостави дека за пет години БДП може да изнесува околу 10 милијарди евра, тоа значи дека вкупните парични потреби на властите би биле 1,8 милијарди евра. Сума која веројатно би била најмалку половина од тогашниот државен буџет.
ММФ смета оти предвидувањата ќе се остварат, доколку во меѓувреме нема промена на политиките во економијата. Вкупните парични потреби на властите се, всушност, парите што државава треба да ги одвои за да го задржи постојниот стандард на услуги што им ги нуди на граѓаните и актуелната висина на платите во државниот сектор, па и на пензиите, со оглед дека добар дел од пензискиот фонд се крпи со буџетски пари.
Во услови кога не може да се очекува некој спектакуларен раст на стопанството, овие милијарди евра државава може да ги добие само со нови задолжувања и со зголемување на даноците и на други давачки.
Кога се во прашање задолжувањата, властите на тоа поле немаат голем маневар за нови кредити со кои би ги задоволиле таканаречените вкупни парични потреби, односно со кои би го задржале животниот стандард во Македонија. ММФ минатиот месец потсети дека Владата речиси го удвоила долгот споредено со 2008 и на крајот од ланската година изнесувал 38 отсто од БДП.
Монетарците предупредуваат дека ако на овој долг се додадат кредитите на само две големи државни компании, Јавното претпријатие за државни патишта и оние на ЕЛЕМ, процентот ќе порасне дури до 44 отсто од БДП. Меѓутоа, во овој збир не влегуваат долговите на општините и стравувањата се дека ако и тие се пресметаат, ќе излезе дека целокупниот државен борч префрла преку 50 отсто од БДП.
Овие проценти во пари се нешто повеќе од четири милијарди евра и кога сумата ќе се подели по глава на жител, излегува дека секој од нас должи по нешто повеќе од 2.000 евра.
И Балканот пред Македонија во животен стандард
Кога ќе се земе предвид дека секоја година ни се потребни повеќе од милијарда евра за да се задржи животниот стандард, тогаш логично е прашањето кој е квалитетот на живеачката во Македонија.
Можеби платите не се најпрецизен показател за животниот стандард, меѓутоа доволно зборуваат за економијата Последното истражување за просечните плати во Западниот Балкан го направи турската новинска агенција Анадолија при крајот на 2013 која пресмета дека во Словенија е најголема просечната плата, околу 1.000 евра, додека во Македонија е најниска и изнесува 352 евра.
Просечната плата во Хрватска била 728 евра, во Црна Гора 473, додека во Босна и Херцеговина 423 евра. Во Србија просечната плата била 381 евро, а во Албанија 377.
Доколку се земат шесте најчести категории што се користат за отсликување на животниот стандард, Македонија повторно е поблиску до дното во регионот и во Европа, отколку до врвот. Во оваа кратка анализа ќе ги споредиме шесте категории во Македонија и во Србија, Албанија, Бугарија, Хрватска, БиХ, Црна Гора и во Романија, а бројките се земени од веб страницата на Светската банка. Податоците се земени од последната година за која има Светската банка има информација, но никако не се постари од 2010.
Во првата категорија, во процентот на невработени, Македонија е апсолутно најлоша со 29 проценти, а прилично близу ни е БиХ со 27,5, додека само уште Србија има невработеност поголема од 20 проценти. Романија е најдобра во оваа категорија со само 7,3 отсто невработени, додека останатите се меѓу 10 и 20 проценти.
Во втората категорија, стапката на сиромаштија, повторно Македонија е на дното со 27 отсто од население кое живее во сиромаштија. На оваа табела со над 20 отсто друштво ни прават само Србија и Романија, додека сите други држави од регионот се под оваа граница. Најдобра е Црна Гора со само 11 проценти сиромашни граѓани.
Македонија повторно најлошо стои во споредба со земјите од регионот кога е во прашање загадувањето, бидејќи Светската банка пресметала дека во земјава годишната изложеност на малите вдишливи честички е најголема.
Тука просечно годишно сме изложени на 17 микрограми вдишливи честички на метар кубен, кои се опасни за респираторниот систем, додека во регионот нивото се движи околу 15, со тоа што во овој поглед најчиста е Хрватска со 13,9.
Во четвртата категорија, очекувана должина на животот, Македонија е на средина од табелата со 75,2 години пред Бугарија, Црна Гора, Србија и Романија. Само за споредба, во една европска земја како Германија, очекуваната должина на животот е 81 година.
Нешто подобро, државава котира на табелата од БДП по жител, коригиран за разлики во цени меѓу земјите. Во оваа споредба сме нешто подобри од Србија, Босна и од Албанија, но сепак далеку од европските земји како Хрватска и Германија. Ако во Македонија БДП (коригиран за разлики во цени) по жител е 12.800 долари, во Хрватска е 20.500, а во Германија речиси 50.000.
Податоците на Светска банка покажуваат дека Македонија е последна во регионот и според процентот на ученици запишани во средно училиште, што претставува шестата категорија за отсликување на животниот стандард во една држава.
Сето ова покажува дека во наредните пет години ќе плаќаме повеќе од милијарда евра, а во 2020 дури 1,8 милијарди, само за да се задржи актуелното ниво на живеачка кое е на незавидно ниво споредено со регионот, посебно со Европа.
Едноставно кажано, прескапо ќе си ја плаќаме лошата живеачка.