„Одредени политички опции во Босна и Херцеговина и натаму стојат зад овие злосторници, зад здружениот злосторнички потфат кој се величи и зад геноцидот кој не се признава. Овие политики се живи во БиХ”, изјави Мехмедовиќ за БИРН.
Хашкиот трибунал, во првостепена постапка, го осуди Караџиќ на 40 години затвор, прогласувајќи го за виновен за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ цела БиХ, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.
Реакциите на првостепената пресуда повторно ги истакнаа повоените етнички поделби во БиХ, а аналитичарите веруваат дека ситуацијата ќе биде иста и по пресудата што ќе биде изречена во среда.
Славо Кукиќ, професор по социологија и политички аналитичар, нагласува дека за политичарите во БиХ е помалку важно каква ќе биде пресудата, бидејќи тие сигурно ќе ја искористат за зајакнување на своите позиции.
„Од 2006 година, трендовите се такви, што на површината е систем на вредности што нè враќа во првата половина на деведесеттите години и кој може како аргумент да ги користи пресудите на осудените за воени злосторства”, вели тој.
Тој потсетува дека Додик, кога беше во опозиција, а Караџиќ во бегство, изјави дека поранешниот водач на босанските Срби треба да биде уапсен. Сепак, Додик неодамна истакна дека Караџиќ заслужува почит поради создавањето на Република Српска.
„Ако ја потврдат пресудата, тој ќе ја користи како доказ за заговор против српскиот народ. Не поради Караџиќ, туку за самиот Додик да ја зајакне својата политичка позиција”, истакнува Кукиќ.
„Пресудата ќе ја зајакне националистичката реторика”
Пресудата што ќе биде изречена денес, ќе биде само продолжение на постојаната инфламаторна реторика, предизвикана од неодамнешни настани.
Имено, во јануари, СДА покрена иницијатива за оцена на уставноста на името на Република Српска и побара од Уставниот суд на БиХ, да донесе одлука за тоа дали името на овој ентитет е дискриминаторски во однос на несрпското население.
Во февруари, Република Српска формираше две нови комисии со задача да ги истражат воените злосторства во Сребреница и во Сараево, што предизвика критики дека овој ентитет се обидува да ја замачка законски утврдената вистина, со цел да ја прикрие улогата на Србите во злосторствата.
Според мислењето на политичките аналитичари, пресудата нема да се гледа од аспект на справување со минатото и прифаќање на злосторствата, туку од позиција на националните поделби.
Професорот на сараевскиот Факултет за политички науки, Асим Мујкиќ, посочи дека најголемото влијание на пресудата на Караџиќ, ќе биде во зајакнувањето на реториката на национализмот.
„За жал, проектите за воспоставување на моноетнички држави, во кои доминира еден народ, со што помал број на други народи, сѐ уште се присутни во БиХ. Мислам дека пресудата, како и секоја друга досега, ќе им послужи на различните страни да развиваат такви политички наративи”, вели Мујкиќ.
Како и секоја вест во врска со воените злосторства во регионот, конечната одлука на Караџиќ ќе предизвика „најмногу негативни реакции”, вели аналитичарот, Жарко Папиќ.
„Ќе ја разбранува политичката сцена во БиХ, бидејќи едната страна секогаш ќе биде незадоволна”, вели Папиќ.
Ненад Стевандиќ, поранешен долгогодишен член на Српската демократска партија (СДС) и пратеник во Парламентот на БиХ, вели дека Механизмот е институција чија цел се „расправии и нестабилност во регионот”.
„Ако продолжиме да ставаме сол на раните и на другите да им ја буткаме вистината како прст во око, тогаш и во иднина ќе бидеме оптоварени со минатото”, додава тој.
„Ние, во Република Српска, веруваме дека кроењето на геополитичката карта се врши со осудување на лидерите на Србите, кои ќе добијат најмногу години затвор, а другите ќе добијат помалку. И со тоа, како со некаков џојстик, се управува со иднината на БиХ“, нагласува тој.
Борислав Бореновиќ, претседател на Партијата за демократски напредок (ПДП), укажува дека најважно е пресудата на Караџиќ да биде фер, но тој е песимист во врска со начинот на кој таа ќе биде примена во етнички поделеното општество.
„Ова е најважно, а таа секако тој ден ќе ја разбранува јавноста во БиХ, бидејќи сигурно ќе биде дочекана различно во Република Српска и во Федерацијата БиХ”, вели Бореновиќ.
И босанските политичари имаат слично мислење: „Не сум сигурен дека оваа пресуда ќе донесе нешто добро за БиХ”, вели Мехмедовиќ.
Претседателот на Хрватската демократска заедница 1990 (ХДЗ 1990), Илија Цвитановиќ, смета дека оваа пресуда треба да утврди кој и што правел во војната, со какви намери и какви последици тоа имало за самата БиХ.
„На крајот, ќе имаме појасни одговори за тоа каква Босна и Херцеговина е можна во иднина”, додаде Цвитановиќ.
Без оглед на тоа каква ќе биде пресудата, нагласува Кукиќ, ова ќе доведе до зајакнување на етничките поделби.
„Пресудите на МКТЈ кај нас се користат како оружје за политичка борба, ист случај ќе имаме и со Караџиќ. Ова не е ништо ново“, заклучува Кукиќ.