Регион

Сведоштво за масовни гробници во Сребреница

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

 

Сведокот, Раденко Ѓурковиќ, пред Вишиот суд во Белград изјави оти копал масовни гробници и  помогнал во транспортот и закопувањето на телата на околу 200 Бошњаци, убиени во хангар во селото Кравица, откако силите на босанските Срби ја зазедоа Сребреница во јули 1995 година.

Ѓурковиќ, вработен во комуналното претпријатие во Братунац, додаде дека директорот на претпријатието, Драгомир Мирковиќ, му наредил да вози до селото Глогова и со багер да ископа масовни гробници.

Потоа му било наредено да вози до Кравица, каде што, како што рече, од хангарот на земјоделската фарма, на камиони натовариле околу 200 тела кои биле во распаѓање и ги одвезле  во Глогова.

„Беше толку тешко да се дише под маската, додека ги товаревме телата, јас се онесвестив“, изјави Ѓурковиќ пред судот. Тој не можеше да се сети дали во Кравица пристигнал на 14 или 15 јули 1995.

Еден ден по завршувањето на работата, кога се вратил во Братунац, како што раскажа, му рекле повторно да се врати во Глогова и да ископа уште една масовна гробница, во која што закопал уште тела.

Но, додаде сведокот, подоцна му било наредено да ги ископа останките на жртвите од Глогова под закрила на ноќта, за да можат да бидат однесени на друга локација. Таа работа траела 15 ноќи, изјави Ѓурковиќ.

Тој додаде дека, кога работата била завршена, нему и на другите работници, како исплата, им биле дадени по 10 литри бензин.

Убиствата во Кравица се меѓу неколкуте масакри што по падот на Сребреница во јули 1995 година, ги изврши Војската на Република Српска. Во овие масакри беа убиени над 7.000 бошњачки мажи и момчиња.

Поранешните полицајци Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ, се обвинети дека учествувале во организирање и стрелање на повеќе од 1.300 бошњачки цивили на фармата во селото Кравица.

Обвинителството на Србија ги обвини во 2015 година, но судењето започна во февруари 2017 година, бидејќи беше проследено со одложувања.