Регион

Пресудата на Станишиќ и Симатовиќ предизвика мрачни сеќавања во Босански Шамац

Жртвите кои ја преживеаја војната во Босански Шамац, сè уште се сеќаваат на бруталноста на припадниците на единицата на Државната безбедност (ДБ) на Србија

Аљо Хасанчевиќ, поранешен затвореник од Босански Шамац, добро ги памети прекарите „Лугар“ и „Дебел“.

Ова се прекарите на српските борци кои оваа недела беа наведени како директни извршители на злосторствата во Босански Шамац, во пресудата на Механизмот за меѓународни кривични трибунали, со која поранешните шефови на ДБ на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, беа прогласени за виновни за помагање и поддршка на овие и други злосторства.

Хасанчевиќ вели дека добро се сеќава на Лугар (Слободан Миљковиќ) и Дебел (Среќко Радовановиќ), затоа што тие биле меѓу српските борци што го тепале.

Тој раскажува како Миљковиќ ги превезувал него и другите затвореници од селото Црквина кај Босански Шамац, откако српските сили го нападнале селото.

„Овој Радовановиќ вели: ‘А вие сте тие среќници што преживеаја“, и тогаш покажа со прстот кон мене. Јас излегов (од возилото) прв од четворицата и потоа го добив најголемиот ќотек во мојот живот како логорски затвореник. Мене лично ме удираше Среќко Радовановиќ Дебел и Лугар. Имаше уште двајца, но нив не ги познавам“, вели Хасанчевиќ.

Со пресудата што оваа недела беше изречена на повторното судење на Станишиќ и Симатовиќ, тие беа ослободени од обвиненијата дека имале контрола над српските борци, кои вршеле злосторства во други области во БиХ и Хрватска, за време на војните.

Но, тие беа прогласени за виновни за помагање и поттикнување на злосторствата во Босански Шамац, вклучувајќи убиства, депортација, присилно преместување и прогон.

Во пресудата се вели дека единицата за специјални операции на српската ДБ, позната како „Црвени беретки“, обучувала поранешни специјалци, полицајци, меѓу кои биле и Дебел и Лугар, пред тие да бидат распоредени во Босански Шамац во април 1992 година, каде учествувале во извршувањето на злосторствата за време на насилната кампања за ставање на оваа област под српска контрола.

Сепак, не беа пронајдени доволно докази дека Станишиќ и Симатовиќ имале овластувања над српските борци во Босански Шамац или дека им издавале инструкции за време на извршувањето на злосторствата, се наведува во пресудата.

Сепак, според пресудата, Станишиќ и Симатовиќ „пружиле практична помош преку обука и распоредување на припадниците на единицата и на локалните Срби од Босански Шамац, со намера тие да можат да учествуваат во преземањето на општината, што имало значително влијание врз извршувањето на кривичните дела во Босански Шамац“.

Двајцата беа осудени на по 12 години затвор, иако на оваа пресуда постои можност за жалба.

Дебел и Лугар одат во Босна

Патека во центарот на Босански Шамац, град лоциран во североисточна БиХ. Фото: Викимедија комонс/Тања.

Обвинението за случајот Станишиќ и Симатовиќ даде повеќе детали за бруталните настани во Босански Шамац во 1992 година.

Во делот кој се однесува на Босански Шамац, се наведува дека на или околу 11 април 1992 година, на повик на локалните водачи на босанските Срби, српските борци пристигнале во Босански Шамац од Република Србија, а меѓу нив биле и Дебел, Лугар и Драган Ѓорѓевиќ, познат како Црни.

На судењето на поранешните шефови на ДБ, сведок изјави дека Симатовиќ претходно го посетил нивниот камп за обука, за да им каже дека се распоредени – иако Србија не беше официјално вклучена во војната во БиХ.

„Ни беше кажано дека треба да ги оставиме сите наши идентификациски документи“, додаде тој, сведочејќи како заштитен сведок ЈФ-047. Тој подоцна објасни дека една од причините за тоа било да се оневозможи  „да бидат идентификувани врз основа на личните карти и да не се открие дека доаѓаат од Србија, доколку бидат убиени или заробени“.

Кога пристигнале на подрачјето на Босански Шамац, српските борци, вклучувајќи ги и Лугар и Црни, отишле во селото Црквина, каде ги тепале затворениците од несрпска националност и убиле најмалку 16 цивилни затвореници, се наведува во обвинението.

Според пресудите во Хаг, на 17 април 1992 година, припадници на паравоени формации и на српската полиција, насилно ја презеле власта во Босански Шамац, а меѓу членовите на формациите имало и луѓе од Србија.

„Апсењето и малтретирањето на Бошњаците и Хрватите започна веднаш“, се сеќава Амир Мехмедовиќ, локален жител, денес претседател на Здружението на логорски затвореници од Босански Шамац.

Во првата пресуда на Станишиќ и на Симатовиќ во 2013 година, се вели дека Црни бил командант на група од 30 лица од Србија, вклучени во насилното водење на затворениците, додека Дебел и Лугар биле одговорни за одделенијата на таа единица.

Ивана Жаниќ, извршен директор на Фондот за хуманитарно право, потенцира дека во текот на постапката против Станишиќ и Симатовиќ, биле наведени имињата на директните извршители на злосторствата во Босански Шамац и дека некои од нив се на територијата на Србија.

Ова значи дека Обвинителството за воени злосторства сега има можност да ги гони, вели таа.

„Ова е она што всушност со години го зборува Фондот за хуманитарно право, дека во бројни пресуди на Хашкиот трибунал се наведени имиња и на директни извршители на злосторствата и на нивните претпоставени и дека тие се наоѓаат во Србија“, објаснува Жаниќ.

„Обврска на Обвинителството за воени злосторства сега е да побара докази од Меѓународниот резидуален механизам, да спроведе истрага и да покрене обвинение. Дали ова ќе се случи во наредниот период – ќе видиме. Досегашната практика не одеше во таа насока“, нагласува таа.

„Што е со оние што ме испратија во војна?“

 

Бившите шефови на СДБ на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки. Фото: ММКТ

Хашкиот трибунал го обвини Слободан Миљковиќ Лугар за злосторства во Босански Шамац во 1992 година, во својство на заменик командант на 2-та посавска бригада, паравоена единица од Србија, позната како „Сиви волци“.

Но Лугар, за кого Асошиејтед прес (АП) објави дека „пред војната бил познат како насилник и сомнителна фигура од подземјето“, беше убиен во тепачка во кафеана во неговиот роден град Крагуевац во 1998 година, додека се обидуваше да ја избегне екстрадицијата во Хаг.

Неколку месеци пред неговата смрт, Лугар ги обвини српските политичари за неговата ситуација, објави АП: „Војната заврши и ние сме прогласени за воени злосторници. Што е со оние што ме испратија таму? Тие не турнаа во војна, ни ги објаснија целите. И сега ние сме воени злосторници, и тие сѐ уште се на своите позиции“.

Обвинувања за учество на единици од Србија, беа споменати и во  обвинението на Хашкиот трибунал против Благоје Симиќ, поранешен претседател на военото претседателство и кризниот штаб, Милан Симиќ, претседател на извршниот одбор на Собранието, Мирослав Тадиќ, претседател на комисијата за размена, и поранешните началници на полицијата во Босански Шамац, Стеван Тодоровиќ и Симо Зариќ.

Благоје Симиќ беше осуден на 17 години затвор, Тодоровиќ на десет, Тадиќ на осум, Зариќ на шест и Милан Симиќ на пет години затвор.

Бројни сведоци на обвинителството и одбраната рекоа дека масакрот врз 16-те лица во Црквина, бил познат ширум Босански Шамац, а обвинетите, сведочејќи во своја корист, за ова злосторство го обвинија Лугар, како командант на „Сивите волци“.

Во пресудата беше заклучено дека кризниот штаб и военото претседателство, биле свесни за убиствата што ги извршиле Лугар, Црни и другите припадници на паравоените сили.

„Судскиот совет се увери дека ноќта на 7 мај 1992 година, Лугар убил цивии од несрпска националност во Црквина и дека кризниот штаб бил информиран за масакрот“, се вели во пресудата.

Мехмедовиќ ја поздравува пресудата со која оваа недела Станишиќ и Симатовиќ беа осудени за помагање и поддржување на злосторствата во 1992 година во Босански Шамац.

Казните не се толку високи колку што очекуваа жртвите, но се покажа дека правдата е остварлива, вели тој.

„Ништо не може да ги надомести нашите повреди и нашето достоинство, без оглед колкава е казната што ќе ја добијат. Но, казната ги стигна и двајцата“, заклучува Мехмедовиќ.