Регион

Убиен хрватски полицаец запаметен како шампион на мирот

И по 30 години сеќавањето на Јосип Реихл Кир, кој се обидел да спречи ескалација на конфликтот меѓу Хрватите и Србите во Осиек е се уште живо

Еден месец пред убиството на полицаецот, Јосип Реихл Кир, извршено на 1 јули 1991 година, среде растечките тензии во источна Хрватска, тој вети дека „нема да има војна меѓу Србите и Хрватите во оваа област“, сè додека тој е началник на полицијата во Осиек.

Реихл  Кир се обидуваше да преговара за мир меѓу локалното српско население во Осиек и хрватските власти. Откако беше убиен, меѓу хрватските сили од една страна и Југословенската народна армија (ЈНА) и бунтовничките Срби од друга страна, започна конфликт од големи размери.

Многу луѓе во Хрватска, сè уште ги паметат неговите зборови полни со надеж. И оние кои имаат горчливи спомени на војната што се водеше од 1991 до 1995 година, и оние што можеби не ја паметат војната добро, но сакаат да го зачуваат сеќавањето на напорите на полицаецот, кој сакаше да го спречи почетокот на борбите.

Драго Хедл, долгогодишен хрватски новинар, кој во тоа време работел за весникот „Гласот на Славонија“ во Осиек, се сеќава дека Реихл Кир гледал на работите поинаку од другите официјални лица.

„Тој беше миротворец, тој навистина беше личност која имаше трпеливост и веруваше дека само со разговори и договори, може да се отстранат и намалат овие тензии“, вели Хедл за БИРН.

Српскиот новинар, Милош Васиќ, изрази слични ставови во документарниот серијал на Би-Би-Си, „Смртта на Југославија“, која за прв пат беше емитувана во 1995 година.

„Секаде каде што Србите ќе ја поставеа барикадата, (Реихл) Кир одеше таму со автомобил, секогаш невооружен. Ќе излезеше, ќе ја отвореше јакната и ќе речеше: ‘Не сум вооружен’. Тој ги убедуваше и во повеќето случаи ќе успееше да ги убеди да ја отстранат барикадата веднаш“, нагласи Васиќ.

Со ваквите интервенции, Реихл Кир ги вознемири националистите на обете страни, а беше убиен од Хрват. Тој, заедно со уште две лица, упадна во заседа во општината Тења, во близина на Осиек, каде беа убиени од хрватски полицаец резервист.

Иако убиецот, триесет години по убиството, по долгогодишно судење беше осуден, многу набљудувачи сè уште веруваат дека случајот не е разрешен во целост и дека за прашањето дали некој го нарачал убиството, не е во целост спроведена истрага.

„Ако началникот на полицијата се плаши, тоа не е добар знак“

Едно од последните интервјуа со Јосип Реихл Кир, објавено во хрватскиот весник „Вјесник“, во јуни 1991. Фото: БИРН

„Атмосферата во Осиек во тоа време беше многу напната“, се сеќава Хедл, осврнувајќи се на месеците пред избувнувањето на војната во 1991 година.

„Зборуваме за крајот на пролетта и почетокот на летото 1991 година, кога тензиите што започнаа низ цела Хрватска и во целата поранешна држава (Југославија) ​​веќе беа интензивирани … а со оглед на тоа што Осиек и Славонија имаа во проценти доста српско население, напнатоста во тој дел од Хрватске беше поизразена“, објаснува тој.

Хедл додава дека како што повиците за независност на Хрватска биле сѐ  погласни, многу екстремни националисти се приклониле кон новата власт, предводена од Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и ја користеле „секоја можност да докажат дека не постои соживот со Србите“.

Она што е особено интересно, објаснува Хедл, е дека Реихл Кир, иако бил избран од новите власти, „не им беше по волја на радикалните луѓе“ кои претпочитаа „радикално решение“ – вооружен конфликт.

Тој се сеќава дека разговарал со Реихл Кир две или три недели пред да биде убиен, во просториите на весникот „Глас на Славонија“ во Осиек, каде што Хедл работел.

„Кога ја напушти редакцијата, јас, како главен уредник, го испратив до скалите на излезот од редакцијата и тој, во еден момент, ми рече колку е исплашен за својата безбедност, што ме шокираше целосно“, раскажува Хедл.

„Ако началникот на полицијата вели дека се плаши за својата безбедност, тогаш тоа сигурно не е добар знак и секако е многу добра слика за ситуацијата во која живеевме во тоа време“, додава тој.

Тој посочува дека на денот кога бил убиен, Реихл Кир требало да биде во Загреб, бидејќи го преместиле таму по негово барање, „затоа што видел дека ситуацијата во Осиек излегува од контрола“ и оти повеќе не може да ги контролира радикалните хрватски националисти, кои барале да ги преземат полициските овластувања.

Но, пред тоа, Реихл  Кир учествувал во уште една рунда преговори со локалните Срби во селото Тења, неколку километри од Осиек.

Тој пристигнал со група преговарачи во основното училиште во Тења, како што претходно било договорено, но кога разговорите започнале, некој се јавил во училиштето и го известил дека имало инцидент во близина, помеѓу Тења и Осиек, каде што Хрватите и Србите имале поставено свои контролни пунктови.

Тој одлучил да провери што се случува, заедно со локалните политичари – Хрватот, Горан Зобунџија, и двајца Срби, Милан Кнежевиќ и Мирко Тубиќ.

Се испоставило оти се работи за лажна узбуна, па групата решила да се врати во училиштето, за да ги продолжи преговорите. Но, на враќање, во близина на хрватскиот пункт, хрватскиот полицаец, резервист, Антун Гудељ, отворил оган кон нив со калашников.

Гудељ испукал 29 куршуми, убивајќи ги Реихл Кир, Кнежевиќ и Зобунџија, а  Тубиќ тешко го ранил. Тој го користел калашниковот, што му го дал Рејл Кир неколку дена претходно.

Неколку години подоцна, хрватскиот суд донесе одлука дека Гудељ ги убил сите тројца од одмазда. „Фактот што беа водени преговори со српската страна, предизвикал незадоволство и бунт кај обвинетиот“, соопшти судот.

Гудељ, чии родители живееле во област што ја држеле бунтовничките Срби, дознал дека неговиот татко бил обесен од Србите на кулата од црквата и дека неговата мајка била силувана. Ова подоцна се покажало како неточно.

Хедл, која внимателно го следел случајот, истакнува дека постојат неколку факти што ги поткрепуваат наводите на вдовицата на Реихл Кир, Јадранка, дека Гудељ бил само стрелец, а дека други стојат зад убиството на нејзиниот сопруг.

„Значи, имаме ситуација во која, би рекол, психички нестабилниот Антун Гудељ е бомбардиран со лажни информации дека неговото семејство било злоупотребено, ситуација во која две лица кои требале да отидат на преговорите не отишле, и ситуација кога некој му се јавил на Реихл Кир, за да го извади од преговорите во Тења и да го одвлече до позицијата каде што ќе биде убиен“, забележува Хедл.

„Затоа, ова се три работи што се многу интересни, а со кои судот воопшто не се занимаваше подоцна во судската постапка против Гудељ“, објаснува тој.

17 години долго судење

Окружниот суд во Осиек. Фото: Викимедиа/Истра1977

Друг крајно необичен факт е тоа што Гудељ убил тројца мажи на контролен пункт, каде што имало и други полицајци, а никој од нив не се обидел да го уапси.

Бидејќи Гудељ освен хрватски имал и австралиски пасош, тој заминал за Австралија. Во 1994 година, тој, за убиствата, во отсуство беше осуден на 20 години затвор.

Хедл наведува дека Австралија престанала да биде негово безбедно прибежиште во 1995 година, откако светот, од серијата снимена и прикажана на Би-Би-Си, дознал за убиството на Реихл Кир. Гудељ беше уапсен во 1996 година на аеродромот во Франкфурт, по што Германија го екстрадираше во Хрватска.

Повторното судење започна во 1997 година пред Општинскиот суд во Осиек, но Гудељ поднесе предлог за отфрлање на случајот врз основа на Законот за амнестија. Врховниот суд ја потврди неговата жалба и Гудељ се врати во Австралија.

Сепак, Хедл посочува дека целта на Законот за амнестија била да се помилуваат бунтовничките Срби, кои немале извршени воени злосторства за време на конфликтот, во насока на смирување на повоените тензии и повторно интегрирање на хрватските Срби во општеството.

Случајот доби нов пресврт откако ХДЗ ги загуби изборите во 2000 година, а Јадранка Реихл Кир стана член на парламентот од редовите на Социјалдемократската партија.

„Таа одлучи да го посвети целиот свој четиригодишен мандат на борба за вистината и да ја искористи каква таквата политичка моќ“, вели Хедл.

Откако таа поднесе жалба, Уставниот суд, во 2001 година, ја поништи пресудата и нареди ново судење. Гудељ беше уапсен во Сиднеј и екстрадиран во Хрватска во 2007 година.

Во 2008 година, повеќе од 17 години по убиството, Окружниот суд во Осиек го прогласи Гудељ за виновен, а следната година Врховниот суд ја потврди пресудата со која тој беше осуден на 20 години затвор.

Правдата не е целосно задоволена?

Врховниот суд на Хрватска. Фото: БИРН.

Уште во 2008 година, група граѓански организации кои го следеа случајот, заклучија дека првостепената пресуда е само „првиот чекор кон разјаснување на сите околности“ на убиствата на Реихл Кир и на други лица.

„Државата е должна да испита дали овие убиства биле планирани, со цел драстично да се осуети секоја можност, барем на локално ниво, преговорите, компромисот и заедничкото мултинационално решение, да станат алтернатива на војната“, соопштија невладините организации по пресудата.

Тие посочија дека од јавен интерес е да се утврди дали луѓето кои наводно се заканувале дека ќе го убијат Реихл Кир, го организирале или поттикнале злосторството.

Јосип Боjковац, кој беше министер за внатрешни работи на Хрватска во времето на атентатот на Реихл Кир, пред судот рече дека Реихл Кир, непосредно пред атентатот, му кажал дека двајца моќни националисти поврзани со ХДЗ, Бранимир Главаш и Владимир Шекс, планираат да извршат атентат врз него.

И Шекс и Главаш негираа дека имаат никаква врска со убиството на Реихл Кир. Главаш за БИРН изјави дека станува збор за „несреќна смрт во несреќен момент, во пресрет на претстојната отворена големосрпска агресија“.

„За сето тоа време, создавана е перцепција во јавноста, за некаква моја  вмешаност во несреќната смрт на Јосип Реихл Кир, на 1 јули 1991 година, на Горан Зобунџија, за кого потенцирам дека беше мој најдобар пријател, плус двајца граѓани од српска националност“, нагласи Главаш, кому во моментов му се суди во друг долг процес, во кој е обвинет за убиство на српски цивили во 1991 година.

Во 1991 година, Шекс беше началник на кризниот штаб во Источна Славонија, а Главаш шеф на Секретаријатот за народна одбрана на Осиек, односно командант на одбраната на Осиек. Главаш наведува дека имал „коректни односи“ со Реихл Кир, иако некои набљудувачи тврдат дека тоа не било така.

Нивните аргументи ги поткрепува повикот на Главаш во јавноста, објавен во „Гласот на Славонија“, на денот на убиството на Реихл Кир, сите кривични дела да бидат пријавени во Секретаријатот за народна одбрана, а не во полицијата.

„Очигледно е дека граѓаните на Осиек немаат голема доверба во полициската управа во Осиек“, нагласил Главаш во повикот.

Сепак, Главаш тврди дека ова било „преформулирано, во текст што тој не го авторизирал“.

Исказот што сведокот, Ангелина Ратковиќ, го даде пред судот, а која живеела во близина на контролниот пункт каде што бил убиен Реихл  Кир, укажува на можноста за постоење на заговор, во кој бил вклучен и Главаш.

Ратковиќ сведочеше дека Главаш дошол на контролниот пункт непосредно пред атентатот и ги критикувал полицајците за начинот на кој биле поставени на контролниот пункт, при што им рекол дека е поголема веројатноста да се убијат меѓусебно, отколку да ја погодат својата цел.

Главаш го опиша ова нејзино тврдење како „глупост“.

Сопругата на Реихл Кир, Јадранка, сè уште верува дека правдата не е целосно задоволена. Во 2011 година, таа за хрватските медиуми изјави дека има докази што ја потврдуваат изјавата на поранешниот министер за внатрешни работи, Боjковац, дека Реихл Кир се плашел оти Главаш и Шекс може да го убијат. Таа нагласи дека тие докази ги презентирала пред државното обвинителство и полицијата, но дека не добила повратна информација.

Полицијата на нејзините тврдења одговори дека информациите биле „внимателно проверени“ и дека не е утврдено основано сомнение што ги поврзува Шекс, Главаш и Гојко Шушак, кој во тоа време беше хрватски министер за одбрана, со наредба за убиство.

Сепак, Главаш за БИРН изјави дека тој никогаш не бил сослушан во случајот Реихл Кир, ниту од полицијата, ниту од државното обвинителство.

Запаметен како миротворец

Одбележување на годишнината од убиството на Јосип Реихл Кир, во Тења, 2015 година. Фото: Центар за мировни студии.

Јадранка Реихл Кир за БИРН нагласува дека повеќе не сака да поминува низ тоа што се случило, иако е среќна што споменот за нејзиниот сопруг е жив.

Оваа година беше најавено снимање на документарен филм за Рајхл Кир, во кој Хедл ќе се појави како соработник.

Во Хрватска неодамна беше објавен романот „Каде исчезна Кир“ од Елвис Бошњак, во кој се зборува за убиството на Реихл Кир, а во кој има и реални настани, и елементи на фикција. Приказната за романот се состои од две наративни црти – за жртвата и за убиецот.

„Многу сум задоволна со книгата, особено што станува збор за уметничко дело, каде половина е фикција, а половина реалност, и тоа особено ме импресионираше“, вели Јадранка Реихл Кир.

„Господинот Елвис (Бошњак) навистина влезе под кожата на мојот сопруг и го претстави онаков каков што тој навистина беше, иако не го познаваше“, додава таа.

Иако хрватските политички лидери обично одбележуваат само годишнини од воените победи, граѓанските активисти секоја година ја одбележуваат годишнината од атентатот на Реихл Кир, истакнувајќи ја неговата посветеност на спречувањето на конфликтот.

Иако има улица во Осиек именувана по убиениот полицаец, таква нема во Загреб, иако во 2012 година Младинската иницијатива за човекови права покрена иницијатива, по него да се именува улица во Загреб, но без успех.

Историчарот од Осиек, Никица Торбица, член на невладината организација ДКолектив – организација за општествен развој, за БИРН вели дека Реихл Кир е сè уште важен за современото хрватско општество, затоа што тој се залагал за мир не како активист, туку како функционер.

„Тој беше човек кога на сите страни никнуваа нелуѓе, тој едноставно одби да му направи отстапка на национализмот кој доаѓаше и совесно ја вршеше својата работа“, заклучува Торбица.