Нови Сад, Белград
Иван Ивањи, писател и поранешен преведувач за германски јазик на Јосип Броз Тито, удобно седи во фотелјата во својот стан во Белград, опкружен со неколку илјади книги.
Тој наскоро ќе наполни 90 години. Ги преживеал убиствата во окупирана Југославија за време на Втората светска војна, како и двата нацистички концентрациони логори, Аушвиц и Бухенвалд, за што зборува и една од неговите книги, чиј наслов, „Мојот убав живот во пеколот“, го опишува она низ што тој поминал.
Пред седумдесет и седум години, кога Ивањи бил 13-годишно момче, живеел во Нови Сад, кој, како и остатокот на тогашна Војводина во Бачка, бил окупирана од унгарските сили, лојални на нацистите.
Во јануари 1942 година, унгарските власти започнале серија рации во регионот на Бачка, со цел, како што било најавено, да ги искоренат партизаните, за да се спречи можно востание, но сè што тогаш ученикот Ивањи знаел, е дека неколку дена нема да има настава во училиштето.
„Беше 21 јануари 1942 година. Јас и моите братучеди одевме кон училиштето, кога забележавме плакати на кои пишуваше дека секое движење се забранува, поради рациите. Ура! Тоа значеше дека нема да имаме училиште, па се вративме дома“, се сеќава Ивањи.
Но, она што тој не го знаел е оти тој ден почнало убивањето на Србите, Евреите и Ромите. Унгарската полиција и жандармеријата ги претресувале куќите и становите, цивилите ги воделе на популарната локална плажа Штранд, каде што ги стрелале, а потоа ги фрлале нивните тела во смрзнатиот Дунав.
Некои од главните улици во Нови Сад, православните гробишта и дворовите на семејните куќи, исто така, биле места на кои биле вршени егзекуции.
Официјалните бројки велат дека околу 1.300 цивили биле убиени во Нови Сад, за време на тродневните рации меѓу 21 и 23 јануари 1942 година, но многумина тврдат дека бројката на жртви била поголема, до 4.000 за само три дена. Во рациите, освен Срби, Евреи и Роми, биле убиени и други, вклучувајќи и Унгарци, кои му се спротивставувале на режимот.
Ивањи, кој бил од еврејско потекло, потекнувал од Зрењанин, град кој тогаш се наоѓал под германска окупација. Родителите го испратиле кај неговиот чичко во Нови Сад, надевајќи се дека така тој ќе има подобри шанси да преживее.
Смртта ја избегнал благодарение на фалсификуваните документи, во кои било наведено оти по потекло е Унгарец.
„За време на рациите, полицијата дојде два пати. Тие ни ги бараа личните карти, сакаа да знаат колкумина сме во станот и не прашаа дали имаме оружје“, изјави Ивањи за БИРН.
„Вториот пат кога дојдоа, тие само го пребараа плакарот и повеќе не проверуваа“, додаде тој.
Ивањи и неговите тројца братучеди, бидејќи не оделе на училиште, ги поминале овие три дена играјќи карти, шах и слушајќи радио. „Музиката беше одлична”, се сеќава тој.
Само неколку дена подоцна, кога се вратил на училиште, видел дека нешто не е во ред. Сфатил дека многу ученици ги нема, особено оние од соседното српско средно училиште.
Но тој и неговите пријатели никогаш не разговарале за ова: „Само размислувавме како да играме шах и како да се справиме со професорите”, вели тој.
„Чиста” куќа
Слична приказна за рациите на унгарските сили, пред 77 години, раскажува и Родољуб Маленчиќ, кој, како и Иван Ивањи, подоцна станал писател.
Маленчиќ, кој потекнувал од српско семејство, во времето на рациите, имал десет години. Се сеќава оти тој ден термометарот покажувал -29 степени целзиусови и дека лицата на унгарските полицајци, исто така, биле ладни.
„Ги видов како исфрлаат четиричлено еврејско семејство надвор од нивната куќа – таткото, мајката и две деца помали од мене. Тие стоеја таму облечени во пижами“, вели тој.
Маленчиќ никогаш не дознал што се случило со неговите соседи.
Третиот ден од рациите, унгарската жандармерија тропнала на вратата на семејството Маленчиќ.
„Тие беа смрзнати, толку беше ладно. Мрдаа само со очите. Ни ги бараа личните карти“, додаде тој.
Откако дознале дека неговата маќеа има унгарско потекло, началникот одлучил да ги поштеди нивните животи.
„Тоа беше веројатно главниот фактор што не спаси”, објаснува Маленчиќ.
Началникот ѝ рекол на неговата маќеа: „Не ви е лесно, госпоѓо, дома имам две такви (момчиња), знам како се чувствувате”.
Тој тогаш куќата ја обележал како „чиста”: „Ја обележа вратата со син круг, за никој повеќе да не ја претресува“, раскажува Маленчиќ.
Крвавиот јануари
На 23 јануари се одбележува 77-та годишнина од рациите. Како и секоја година, комеморацијата се одржува на Кејот на жртвите на рациите, во Нови Сад.
Насилството во Нови Сад, сепак, не било изолиран инцидент, туку само една од сериите рации во градовите и селата во регионот Бачка, при што биле егзекутирани цивили.
Рациите започнале на 4 Јануари 1942 година, во селото Чуруг, одалечено околу 40 километри од Нови Сад, а потоа се прошириле и во другите градови и села во близина – Жабаљ, Ѓурѓево, Госпоѓинци, Гардиновци, Вилово, Лок, Мошорин, Шајкаши, Кишац, Србобран, Темерин и Бечеј.
Шемата била речиси секогаш иста: унгарската војска, полиција и жандармерија апселе, мачеле и убивале цивили во складишта или училишта, а потоа ги фрлале во замрзнатите реки Дунав и Тиса. Во некои места жртвите биле егзекутирани и на бреговите на реките.
Често им помагало и унгарското население, некои од нив биле особено сурови, вели Воислав Мартинов, историчар и кустос во Музејот на Војводина во Нови Сад.
„Тоа многу говори за долгоричниот лош однос меѓу локалното население во таа област”, вели Мартинов.
Пред да се обедини со Србија во 1918 година, Бачка била дел од Австро-Унгарија. По интеграцијата, Кралството Југославија ги населувало етнички мешаните области на нејзината територија со Срби, „со цел да ги охрабри српските и пројугословенските елементи”.
„По окупацијата, Унгарците ги протерувале (Србите дојденци) и ги населувале овие области со Унгарци од источниот дел на Унгарија”, додава Мартинов.
Иако, како што вели, причината за рациите во јануари 1942 година, бил ловот на партизанските единици, Мартинов укажува дека зад нив имало и други мотиви, бидејќи поголемиот дел од комунистите биле уапсени веќе во 1941 година, а нивните ќелии разбиени. Единствените кои успеале да преживеат биле оние што се скриле на фармата во селото Шајкаш во Војводина.
„Во селото Шајкаш имаше само една единица од 47 луѓе”, вели Мартинов, додавајќи дека овој мал број на борци не можел да биде закана за надмоќните унгарски сили.
Според зборовите на Мартинов, една од главните причини било стравувањето дека Бачка, најјужниот дел на територијата под контрола на Унгарија во тоа време, можела да биде потенцијален извор на немири, поради големиот број на српско население.
„Во есента 1941 година, во окупирана Србија беше формирана Ужичка република (краткотрајна слободна територија во Југославија), така што Унгарците веруваа дека отпорот расте. Постоел страв дека нешто слично може да се случи и во Бачка, особено во регионот на Шајкаш, поради партизанската единица“, објаснува тој.
Втората причина била нацистичката офанзива која во тоа време се водела на источниот фронт; нацистите побарале, 130.000 унгарски војници, да му се приклучат на сузбивањето на советската Црвена армија.
„Можно е Унгарија да сакала да ги заштити своите граѓани и затоа не сакала да ги испраќа во борба против Советите. Така што им одговарало да се борат на нивна територија, за да ја оправдаат потребата да се борат таму, а не да одат на исток“, нагласува Мартинов.
Избегнување на правдата
Недолго по масакрот во јануари 1942 година, Унгарија обвинила некои од наводните сторители. Сепак, судските постапки биле наменети само за меѓународната публика, вели Мартинов, бидејќи „Унгарија сакала да покаже дека ги осудува злосторствата”.
„Многумина воопшто не беа обвинети, многумина добија само симболични казни, а на многумина им било помогнато да побегнат во Германија во 1944 година”, додава Мартинов.
Сепак, по завршувањето на Втората светска војна, десетици Унгарци биле судени пред судовите на Југославија и биле осудени на смрт. Југославија, исто така, го обвинила и регентот на Кралството Унгарија, Миклош Хорти, но нему никогаш не му се судело.
Според историчарот, Ѓорѓе Н. Лопичиќ, кој во 2010 година ја објави книгата „Унгарски воени злосторства 1941-1945 – пресудите на југословенските судови”, биле донесени 109 пресуди, од кои две третини се однесувале на рациите од 1942 година. Меѓу осудените имало и деветмина високи унгарски функционери, кои биле именувани како најодговорни за убиствата извршени во Бачка. Во октомври 1946 година, сите биле осудени на смрт и погубени, некои дури и јавно во Нови Сад и во Жабља.
Сепак, едно судење, кое заврши со ослободителна пресуда, предизвика жестоки реакции, иако пресудата дојде неколку децении по злосторството.
Имено, Шандор Кепиро имаше 97 години, кога во 2011 година беше обвинет за учество во масакрот во Нови Сад во јануари 1942 година, како капетан на унгарските полициски сили.
Случајот првично беше отворен од страна на српското обвинителство за воени злосторства, но подоцна беше одлучено случајот да му се префрли на унгарското судство. Обвинението беше покренато во 2011 година, иако Кепиро веќе 15 години живееше во Унгарија. Тој се врати во 1996 година, откако претставник на владата му рекол дека не против него не се води постапка и дека крајниот рок за извршување на претходната пресудата со која бил осуден, е истечен.
Кепиро беше лоциран во Будимпешта од страна на Ефраим Зуроф, директор на центарот Симон Визентал, познат како ловец на нацисти.
На првото судско рочиште, Кепиро држеше парче хартија на кое пишуваше: “Убијци, му судите на 97-годишен старец”.
Тој беше ослободен неколку месеци подоцна, што предизвика вознемиреност меѓу еврејските и српските организации, иако членовите на унгарските екстремно десничарски партии, ја поздравија ослободителната пресуда.
Кепиро почина во Будимпешта во септември истата година, како слободен човек.
Рациите станале „табу тема”
Според Мартинов, по завршувањето на војната во 1945 година, за рациите во Бачка, како и за одмаздата на партизаните над унгарскиот народ во Војводина 1944-1945, кога, според проценките на некои историчари, биле убиени 15.000-20.000 Унгарци, не се дискутирало многу во јавноста.
Јасмина Мина Јуришин, од здружението „Рација 1942“, со седиште во Чуруг, вели дека по Втората светска војна во Југославија, убиствата станале табу тема.
„Ја открив целата приказна кога се омажив, бидејќи семејството на мојот сопруг изгубило многу членови во рациите”, вели Јуришин.
По војната било забрането да се одржуваат комеморации за жртвите на Тиса „заради создавањето на лажната слика за братството и единството, а во училиштето и не се учеше (за рациите)”, додава таа.
Во јуни 2013 година, нејзиното здружение отворило Музеј на жртвите на рациите во Чуруга, во поранешното складиште во кое во 1942 година биле убиени околу 420 лица.
„Тоа се жртви кои немаат гроб, а нивните семејства немаат каде да запалат свеќи за нив; тие немаат ништо. Така што за нив, музејот е место каде што доаѓаат да се помолат за душата на нивните сакани, кои биле невини убиени“, објаснува Јуришин.
Здружението, исто така, сака да отвори спомен-соба посветена на Унгарците и на нивниот живот во Чуруг, но и за убиствата извршени од страна на партизанските сили 1944-1945, додава таа и нагласува: „Тоа би било вистинско помирување, бидејќи не постои помирување доколку секој од нас не признае што всушност се случило“.