Од почетокот на годината до сега не е завршен ниту еден циклус на наплата на придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Со најновите измени на законите се воведоа повеќе проблеми отколку решенија.
Велат во животот мора само да се умре и да се плати данок. Но, кога е во прашање плаќањето данок во Македонија, фигуративната умирачка и плаќањето данок се тесно поврзани. Љуљета Адеми е самохрана мајка од Скопје која има статус на лице со посебни потреби. За да ја плати киријата и за да може да го издржува детето, таа мора да работи две работи.Работи како толкувач и преведувач во една национална телевизија, но мора и дополнително да преведува за да заработи доволно. „Од едната плата не ми останува ништо, откако ќе ги платам кредитот, киријата и сметките“, вели Адеми за БИРН. „Јас ги вложувам своето здравје и време, детето го гледам едвај неколку часа, затоа што работам нон-стоп и на крај некој сака да ми земе повеќе од третина од хонорарот“, додава таа.
Вели, била во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да ја заврши таа работа, но морала да помине на три шалтери и на крајот пак не завршила работа.
„Никој не знае точно што треба да пријавам. На еден шалтер ми рекоа дека не треба да ги пријавам договорите од лани, на друг дека треба“, вели Адеми. Исто така, вели оти не знаеле да ѝ објаснат дали ако примањата не го надминуваат износот од 21.000 денари, или просечна плата, треба да ги пријави или не треба. „Еднаш ми рекоа дека не треба да се пријави, друг пат дека сè треба да се пријави“вели таа.
Агенциите советуваат „не си ги трошете хонорарите“
Во агенцијата за интелектуална сопственост Берин ги прават пресметките за оние кои преку нив земаат хонорар ,но, тие не можат да ја вршат самата уплата и ги советуваат луѓето да не ги трошат сите пари што ќе ги добијат затоа што еден ден ќе мора да ги платат придонесите.„Но, не можете да предвидите колку трошоци ќе имаат граѓаните во меѓувреме за да знаете дека ќе имаат да платат кога ќе дојде решението од УЈП“, вели Ванчо Дамјански извршен директор на Берин.Тој додава оти до сега од почетокот на годината не е заокружен ниту еден циклус за плаќање придонеси на хонорари. „Не се случило да се изврши уплата на придонеси и од ПИОМ да вратат дистрибуирана пресметка или ние не сме информирани за такво нешто“, вели Дамјански.Агенциите ги прават пресметките за оние кои преку нив земаат хонорар ,но, тие не можат да ја вршат самата уплата и ги советуваат луѓето да не ги трошат сите пари што ќе ги добијат затоа што еден ден ќе мора да ги платат придонесите.
Нина Даскалова Старделова од Македонската авторска агенција вели дека тие ги плаќаат придонесите и ги пријавуваат авторските договори, но проблемот е во тоа што сè уште не добиле одговор или решение од Фондот, што треба да им го испратат на граѓаните за тоа дека се примени во евиденцијата.„Ова решение треба да се испрати задолжително откако ќе се пријави приходот, и во него задолжително треба да стои точно колку е платено на сметка на ПИОМ, колку на ФЗОМ“, вели Старделова.Поради тоа, тие се присилени да пресметуваат приближно колку ќе изнесуваат придонесите. „Никој од нив не ја дава пресметката, ниту за ПИОМ, ниту за Фондот за здравство, ниту Управата за јавни приходи, за да знаеме колку точно се одвојува“, додава таа.
Агенциите ги прават пресметките за оние кои преку нив земаат хонорар ,но, тие не можат да ја вршат самата уплата и ги советуваат луѓето да не ги трошат сите пари што ќе ги добијат затоа што еден ден ќе мора да ги платат придонесите.
Здравственото осигурување, всушност, е неприменливо
Всушност, реформата за која властите објаснуваа дека ќе воведе ред, бидејќи многумина го злоупотребувале нискиот данок при наплата на хонорарите, го прави токму спротивното.И приватните работодавци потврдуваат дека постои хаос во примената на новата реформа. Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавци вели дека сега доаѓаат првите исплати на хонорари од јануари и февруари, а „од сметководителите стигаат информации дека не се знае точно во кои рокови и колку начини на плаќање на придонесите за хонорарите постојат“.
„Постојат големи недоумици и различни толкувања, поради што Министерството за финансии или Министерството за труд и социјална политика треба да излезе со еден правилник или со процедура во која точно ќе биде наведено кога и колку треба да се плати за да не го кршиме законот“, вели Бошков.
Според него, тоа мора да биде унифициран правилник, кој ќе воведе ред, бидејќи „хаосот од сметководствата на фирмите и од Фондот за пензиско и инвалидско се префрла кај работодавците, што значи влијае врз начинот на работа“.
Првичните законски измени усвоени летото минатата година резултираа со Правилник објавен во октомври 2014, но тој, откако наиде на револт во јавноста заради изземањето на функционерите, беше повлечен. Во јануари УЈП подотви правилник и дури и софтвер за пресметка на нето и бруто од примањата, но во февруари законот се смени.
По сите перипетии, останува неизвесно колкумина од хонорарците воопшто ќе одлучат да ги платат давачките за придонеси. Соочени со многу нејасностии, уморни од шетање по шалтери и во неизвесност, тие се веќе резигнирани.
„Толку многу неодговорени прашања… на чиј грб? На мој, се разбира. Останувам и без тоа малку на кое се потпирам. Останувам без здравствено осигурување, без пари, вака или онака“ вели Кате .
„Мене веќе ми е сеедно. Со месеци читам закони и барам одговори од шалтери и агенции, ни тие не знаат. И затоа веќе не можам, ме излудеа. Ќе чекам пресметка колку треба да платам, па тогаш ќе размислувам што ќе правам, дали ќе плаќам или не, дали воопшто ќе имам пари за тоа“ вели Силвана Стојанова, сумирајќи ја резигнацијата на хонорарците врз чиј грб се прекршија законите за придонеси.