Регион

Пријава поради „пристрасност” на судиите и обвинителите во Република Српска

Републичкиот центар за воени истражувања, воени злосторства и потрага по исчезнати лица, при Министерството за правда на Република Српска, пријави 15 државни судии и обвинители, поради наводна пристрасност.

Данијел Ковачевиќ, Бања Лука

Зградата на Владата на Република Српска. Фото: Влада на РС

Републичкиот центар за воени истражувања, воени злосторства и потрага по исчезнати лица, при Министерството за правда на босанскиот ентитет, Република Српска, пријави во Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) на Босна и Херцеговина, девет судии и шест обвинители, поради дискриминација кон Србите, во случаите на воени злосторства.

Директорот на Центарот, Милорад Којиќ, на прес-конференција истакна дека меѓу нив е и судијата Шабан Максумиќ, еден од тројцата членови на судскиот совет, на судењето на поранешниот командант на Сребреница, Насер Ориќ, кого Судот на БиХ во понеделникот го ослободи од обвиненијата за убиство на тројца воени затвореници од српска националност. Инаку, останатите двајца судии во овој совет, беа Срби.

Да потсетиме, пресудата на Ориќ предизвика остра реакција меѓу политичките лидери на босанските Срби.

„ВСОС мора да обезбеди независно, непристрасно и професионално правосудство, а со луѓе кои затворале Срби во логори, мислам дека не можеме да имаме ниту независно, ниту непристрасно, ниту професионално”, изјави Којиќ.

Тој истакна дека постојат девет судии и шест обвинители, кои за време на војната, врз основа на уредба на тогашното Претседателство, биле именувани за воени судии, по што нивното назначување било објавено во службеното гласило на босанската армија.

Тој, исто така, изјави дека некои од нив биле воени судии во логори, како што е логорот „Виктор Бубањ”, каде што биле притворани Срби.

„Против некои од нив биле поднесени кривични пријави за нехуман третман на затвореници од српска националност, но сепак, тие, и покрај ова, биле именувани како судии во судот или обвинителството”, изјави Којиќ.

Поради пресудата што му беше изречена на Ориќ, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, свика состанок на сите политички претставници на босанските Срби, и во ентитетските, и во државните институции.

Состанокот треба да се одржи во саботата, во Бања Лука, а Додик најави дека ќе предложи мерки за суспендирање на работата на судот и обвинителството, во Република Српска.

„За овие мерки ќе разговараме со сите српски политички претставници. Овие мерки ќе бидат ригорозни“, изјави Додик за новинарите во четвртокот.

Сепак, претседателите на трите главни опозициски партии во Република Српска, испратија отворено писмо до Додик, велејќи дека нема да дојдат на состанокот, бидејќи не биле убедени дека тој работи „во согласност со уставот”.

Тие додаваат дека го осудуваат ослободувањето на Ориќ и оти ќе работат на „минимизирање на штетата од оваа срамна и штетна ослободителна пресуда”.

Тензиите меѓу опозицијата и владејачките партии во Република Српска, во која следната година треба да се одржат општи и претседателските избори, значително се зголемуваат.

Високиот претставник предупреди дека „едностраните одлуки”, кои, во еден дел од земјата, ја суспендираат или ограничуваат надлежноста на државниот суд и на обвинителството, се „противуставни и неприфатливи”, објави во четвртокот новинската агенција ФЕНА.