Регион

Прирачник за хрватските политичари – „Како да се извините за злосторствата”

Свен Милекиќ, Загреб

Хрватски политичари и политичари на босанските Хрвати, покрај споменикот на Фрањо Туѓман, подигнат во Книн, на одбележувањето на 20-годишнината од операцијата „Бура“, во 2015 година. Фото: ЕПА

Младинската иницијатива за човекови права, го презентираше својот прирачник за политичарите, со кој им советува како да се извинат за злосторствата извршени над српските цивили во Хрватска, за време и по операцијата „Бура”, спроведена во почетокот на август 1995 година.

Прирачникот со наслов „Како да се извините за злосторствата”, наведува дека извинувањето претставува форма на симболична отштета за жртвите, од страна на владините претставници. Хрватските сили и други непознати лица, за време и по операцијата, според проценките, убиле неколку стотици српски цивили.

„Симболичните репарации како што е извинувњето силно придонесуваат за намалување на општествената сегрегација, меѓусебната нетрпеливост и омразата во општеството, на начин на кој одлучно, јасно и недвосмислено ќе ги осудат сторителите кои го прекршиле меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права”, стои во прирачникот.

„Со овие симболични гестови на жртвите им се враќа достоинството и дава надеж дека бруталноста нема повторно да се случи”, се додава во него.

Младинската иницијатива за човекови права смета дека извинувањето треба да се упати јавно, во присуство на жртвите и на местата каде што биле извршени злосторствата или на местата кои имаат силна симболика за семејствата на жртвите и за преживеаните.

Извинувањето треба да вклучува и признавање на извршените злосторствата и одговорност за нив, се вели во прирачникот. Исто така, треба да вклучи и осуда на злосторствата и на сите активности што довеле до нив.

Политичарите треба да ги истакнат напорите што ги вложуваат за спроведување на истраги и за казнување на воените злосторства, да ги нагласат инструментите кои на жртвите им обезбедуваат задоволување на правата и репарации, и да ги потенцираат вредностите што ќе доведат до „помирување, соживот и толеранција”, се додава во прирачникот.

Во него се истакнува дека во 2005 година Генералното собрание на ООН ја усвоило Резолуцијата 60/147, со која на државите им се препорачува јавното извинување, „кое вклучува и признавање на фактите и преземање на одговорност” за злосторствата што ги извршиле силите на одредена држава.

Во прирачникот се набројуваат и, како што се вели, добрите и лоши примери на извинувања што во поновата историја ги дале некои државници.

Така, се анализира изјавата на поранешниот британски премиер, Дејвид Камерон, дадена во 2010 година, со која се упатува извинување и се признаваат злосторствата извршени од страна на британските сили во Дери, Северна Ирска, во 1972 година, кога биле убиени 14 цивили, Ирци, настан кој ќе стане познат како „Крвава недела“.

Прирачникот анализира како Камерон ги признал злосторствата без никаков обид да ги минимизира и побарал таквите насилства во иднина да се спречуваат.

Како лоши примери за извинување, во прирачникот се наведени изјавите на двајца поранешни хрватски претседатели, Стјепан Месиќ и Иво Јосиповиќ, кога изразија жалење за злосторствата извршени во деведесеттите години во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

И покрај тоа што се поздравува потегот на Јосиповиќ, да изрази жалење за злосторствата што ги извршила Хрватска во војнате во БиХ, во прирачникот се нагласува дека тој „изразил жалење, а не се извинил”.

Се наведува дека Јосиповиќ не им се извинил на преживеаните жртви и оти пропуштил да укаже на конкретните злосторства, иако го посетил селото Ахмиќи, каде силите на босанските Хрвати извршиле големи злосторства над Бошњаците во 1993 година.

За време на операцијата „Бура“, хрватските сили повторно ја вратија контролата над територијата што од крајот на 1991 година, беше во рацете на бунтовничките хрватски Срби, на кои им помагаа Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици.

Операцијата доведе до хуманитарна криза, бидејќи за време и по операцијата, Хрватска ја напуштија околу 200.000 српски цивили. Комитетот за бегалци на ООН, процени дека во 1995 година, Хрватска ја напуштиле околу 250.000 Срби.

Според хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права, за време и по операцијата биле убиени 677 српски цивили.

Хрватска, операцијата „Бура”, ја смета за најважна воена операција за време на војната во деведесеттите години. Иако Владата признава дека биле извршени поединечни злосторства, таа ги отфрли сугестиите дека тие биле планирани од страна на раководството на земјата.