Прирачник

Разликата меѓу известување и истражување

Во овој дел Види ги сите поглавја
  1. Што е истражувачко новинарство
  2. Разликата меѓу известување и истражување

При рутинското читање записници од седници на владата, новинарка наоѓа дека е доделено државјанство на извесен Олександр Онишченко. При проверка на името, веднаш се открива дека станува збор за поранешен украински политичар, кој избегал од земјата и кој е на црната листа на САД. Новинарката не го објавува веднаш наодот. Тоа го прави дури откако се комплетирани сите податоци и документи и откако се контактирани сите извори и страни до кои може да се дојде.
Целта на истражувањето не е да „јави“, туку да укаже на системскиот пропуст, на тоа кој е одговорен и да направи промена во начинот на кој се третира доделувањето на државјанства за странци.
Што се крие зад дневниот настан
Истражувачкото новинарство не е само темелно сработено традиционално известување. Иако ги користи истите основни новинарски методи, постојат суштински разлики во начинот на кој се доаѓа до информациите, се развива приказната и се открива она што некој настојува да го сокрие.
Клучната разлика е во тоа што кај традиционалното известување, новинарите се потпираат врз оние материјали, изјави и настани за кои биле сведоци или, пак, врз тие што им се обезбедени од владини или од невладини институции и агенции. Дневните информативни содржини главно се диктирани од дневните настани – прес-конференции, брифинзи или случувања, како протести, несреќи и друго. Задача на репортерите е да ја јават информацијата, да ја проценат нејзината важност, да ги проверат фактите, да ја стават во контекст и да ја обликуваат во кохерентен извештај.
Истражувачкото новинарство никогаш не е само пренесување на информациите. Темата и почетните материјали може да дојдат од извор, но новинарот самостојно ги проверува и го продлабочува истражувањето. Тој навлегува во она што се крие зад појавното и ја раскажува приказната за која јавноста треба да знае.
Накусо, иако новинарите во текот на кариерата често работат и известувања и истражувања, двете улоги подразбираат различни вештини, работни навики, процеси и цели.
Истите прашања добиваат нова содржина
Новинарот Марк Ли Хантер и група негови колеги, во нивниот прирачник за истражувачко новинарство, ги наведуваат различните функции на основните новинарски елементи, односно прашањата: кој, што, кога, каде и зошто.
Според нив, во истражувачкото новинарство, основното прашање „зошто“ станува „како“, а другите, исто така, добиваат нова содржина. Така, „кој“ не е само име и титула, туку и личност со карактерни црти и стил. Од друга страна, прашањето „кога“ не го подразбира само времето на настанот, туку и историскиот континуум, односно наратив. А „каде“ не се однесува само на адресата, т.е. локацијата, туку и на амбиентот во кој одредени работи стануваат повеќе или помалку можни.
Разликите се гледаат и во начинот на собирање, проверка и објавување на информациите, прикажани во скратената и приспособена табела од истиот прирачник. Како што напоменуваат и авторите, овие разлики не треба да се читаат како строго одделени и непомирливи спротивности.

Овие разлики не треба да се читаат како строго одделени и непомирливи спротивности

Назад кон темата