Наједноставната и најкуса дефиниција на истражувачкото новинарство е онаа според која тоа открива скриени нешта. Независно од тоа дали нештата се скриени намерно, од страна на тие што имаат моќ, или се сокриени во комплексни податоци, истражувачкото новинарство ги открива работите што инаку би останале далеку од очите на јавноста.
Иако ваквата дефиниција е во основа точна, искуството покажува дека постои ризик таа да биде сфатена буквално, па под истражувачко новинарство да се подразбира сето она што „открива тајни и скриени нешта.“
Ова вулгаризирање доведе до тоа, секое протекување на документ, дојава од анонимен извор, да се толкуваат како истражување и секој новинар што без проверка и дистанца објавува такви протечени информации да се нарекува „истражувачки.“
Се разбира дека не е така. Обврска на професионалните новинари е, преку својата работа, да направат разлика меѓу нив и „јавувачите“ на дошепнатите, скриени приказни.
Од претпоставка до докази
За да се избегне ваквата вулгаризација, во некои дефиниции на истражувачкото новинарство се инсистира на тоа дека под овој термин се подразбира: систематско, длабинско и оригинално известување.
Всушност, добриот истражувачки новинар наликува на добар детектив, ја следи трагата на парите, луѓето и институциите и ги проверува документите, податоците и сведоштвата. Притоа, бара и докази што би можеле да покажат дека почетното сомневање било погрешно.
За истражувачкото новинарство е карактеристично што, врз основа на почетната информација или опсервација, се формира претпоставка (хипотеза, работна теза), која потоа методично се проверува. Со други зборови, секое истражување почнува со прашање, при што, во текот на овој истражувачки процес, до одговорот (речиси) никогаш не се доаѓа за кратко време. Се разбира, тоа е правило, што исклучоците го потврдуваат.
Понекогаш се случува одговорот на првичната претпоставка да не е онаков каков што новинарот очекувал дека ќе биде. Една од најтешките работи во истражувачкото новинарство е кога податоците не ја потврдуваат хипотезата и кога таа мора да се напушти. Таквите моменти воедно се и тест за принципиелноста и за чесните мотиви на новинарот.
Никој не е над законот
Она што најчесто го прават истражувачките новинари е разоткривањето на неморалните или незаконските постапки на поединци или институции. На тој начин, тие ги објаснуваат и посочуваат на корените на неправдата и придонесуваат за јакнење на принципот дека „никој не е над законот“, дури и ако, тој некој, е на власт, богат или влијателен.
Од самите почетоци на истражувачкото новинарство, всушност, пред повеќе од 100 години, новинарите што го практикуваат се во своевидна мисија за исправање на неправдите и повикување на одговорноста на моќните.
На крајот на 19 и на почетокот на 20 век, новинарите нарекувани „макрејкерс“ (од зборот mucrake што значи гребло за стајско ѓубре), настапувајќи во заштита на немоќните и ранливите припадници на општеството, откриваа големи корупциски скандали, ужасни услови во јавното здравство, малтретирање на работниците од страна на најголемите корпорации, неказнивост за линчувањата на југот на САД и други негативни појави во општеството.
Оваа карактеристика на истражувачкото новинарство, да се залага за социјална правда и да иницира промени, остана доминантна до денес. Кога новинарите ги откриваат скриените факти, вистината и неправдата, тие можат да поттикнат реакција и осуда на сторителите (јавна и/или институционална), со што придонесуваат кон праведно и транспарентно општество.
Затоа се вели дека истражувачкото новинарство служи како чувар (терминот што се употребува е „куче-чувар“, кој е буквален превод од англискиот watchdog) на демократијата, кој придонесува моќните поединци, корпорации и влади да бидат одговорни за своите постапки.
Прирачник
Што е истражувачко новинарство
Во овој дел Види ги сите поглавја
- Што е истражувачко новинарство
- Разликата меѓу известување и истражување