Регион

Приштина планира да отвори музеј на воените злосторства

Сербезе Хаџиај, Приштина

Влезот во напуштената скривница во Приштина. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

Напуштената скривница од периодот на комунизмот, изградена со цел жителите на Приштина да можат во неа да се засолнат во случај на природни катастрофи или немири, може, ако сѐ оди според планот, да биде место посветено на злосторствата извршени за време на војната во Косово, 1998-1999.

Иако властите на Приштина сѐ уште работат на оваа идеја, иницијаторот, Шкелзен Гаши, истражувач за човекови права, кој своето образование го стекнал во Болоња, вели дека во музејот ќе бидат изложени сеопфатни докази за она што се случувало во Косово во годините на насилство, на крајот од 20 век.

„Во музејот ќе бидат претставени масакрите над цивилите, пред, за време и по бомбардирањето на НАТО“, вели Гаши за БИРН, алудирајќи на воздушните напади на западната алијанса кои траеа 78 дена, што во јуни 1999 година резултираше со повлекување на српските сили од Косово.

Тој истакнува дека еден дел од музејот ќе биде посветен на сите заедници, кои беа погодени од конфликтот.

„Ќе бидат изложени докази за силуваните жени и мажи, за притворањата и за исчезнатите лица. Докази за уништените села, за жените кои ги изгубиле своите сопрузи, за семејствата кои немаат информации каде се нивните најблиски, како и за масовната депортација на населението“, објаснува тој.

Шкелзен Гаши. Фотографија на Шкелзен Гаши.

„Ќе биде прикажано и уништувањето на објектите, куќите, училиштата, здравствените центри, фабриките, џамиите, теќињата и црквите“, додава тој.

Властите на Приштина изјавија дека отворањето на музејот ќе биде еден од највисоките приоритети.

Јил Ругова, шеф на одделот за култура на град Приштина, за БИРН вели дека музејот ќе биде дел од Музејот на град Приштина, кој наскоро треба да биде востановен.

„Мислевме дека локација на музејот може да биде скривницата во населбата Улпијана. Просторот, кој не се користи, има над 650 квадратни метри. Но, изборот на локацијата сè уште не е конечен“, истакнува Ругова.

Тој верува дека музејот ќе биде туристичка атракција, но оти тој, исто така, ќе има и сериозна цел.

„Мислам дека овој музеј ќе биде првенствено за жртвите на војната и оти тој ќе ги содржи нивните сеќавања и докази“, објаснува Ругова.

Теута Хоџај-Јахај е правен експерт ангажирана од Свисконтакт (Swisscontact), непрофитна организација вклучена во проекти за намалување на сиромаштијата во земјите во развој и транзиција, да ѝ помогне на општина Приштина во развојот на туристичкиот сектор.

Таа нагласува дека музејот ќе одговори на бројните прашања на туристите, но дека местото ќе биде наменето и за локалното население.

„Музејот ќе придонесе за колективното сеќавање. Тој ќе им припаѓа на идните генерации, за да не заборават“, вели Хоџај-Јахај.

Сепак, како што додава, неопходно е прво да се види што точно овој музеј треба да содржи.

Официјалните лица на Приштина сметаат дека на посетителите треба да им се понуди место кое што на нив ќе има емоционално влијание, кое ќе им го открие наследството од војната што ја уништи земјата, во која загинаа повеќе од 12.000 луѓе, а меѓуетничките односи беа крајно нарушени.

Покрај личните предмети, фотографиите и артефактите, во музејот, според планираното, ќе бидат изложени и написите во локалните и меѓународните весници, во кои се говори за војната во Косово.

Но, освен предмети кои будат сеќавања на злосторствата и омразата, креаторите на музејот сакаат да бидат изложени и експонати кои нудат пораки за мир и соживот.

Ако се реализира оваа иницијатива, Приштина ќе стане најновата престолнина на една балканска држава, што ќе искористи стар комунистички објект како туристичка атракција, по примерот на Тирана.

Фондот за хуманитарно право, во септември минатата година, во Приштина отвори Центар за документација на воените злосторства, кој нуди информации за петте случаи поврзани со Косово, кои беа судени пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Шкелзен Гаши нагласува дека музејот, пред сè, ќе биде израз на почит кон жртвите на војната.

„Приштина нема споменици за жртвите, туку само за хероите“, додава тој.