Вилата со број 30 во населбата Блоку во Тирана има мрачно минато. Во неа си го одзеде животот, поранешниот премиер на комунистичка Албанија, Мехмет Шеху, кој се соочуваше со апсење и затвор.
Денес, како потсетник на тоа време, во дворот на вилата, која е во сопственост на владата, се наоѓаат статуи на Ленин и на Сталин и џип „зис 69“, омиленото возило на албанската тајна полиција од времето на комунизмот, озлогласениот „Сигурими“.
Само може да се претпостави како реагирал на ваквиот декор, поранешниот британски премиер Тони Блер, кој во истата резиденција, во април лани беше примен од албанскиот премиер Еди Рама.
За средбата малку се зборуваше во јавноста. Два месеца подоцна, сепак, „Институтот за глобални промени“ на Тони Блер, објави конкурс за советничка позиција во Тирана, од која би требало да се поддржи албанската влада во подобрувањето на испораката на услуги преку примена на технологија и иновации.
Три месеци подоцна, во септември 2022 година, институтот објави уште едно слободно работно место – за висок советник на албанскиот премиер и вицепремиер.
Ова не е првпат Блер, кој ја напушти функцијата во 2007 година, да соработува со Рама. Кога социјалистите дојдоа на власт во 2013 година, Блер беше ангажиран како советник.
Што точно подразбира таквата работа е нејасно, бидејќи договорите не се јавно достапни. Но, и албанската влада и Блер велат дека услугата е бесплатна.
Поранешниот британски премиер, сепак, не е единствениот од семејството Блер што работи за албанската влада. Во истиот период, адвокатската канцеларија што ја води неговата сопруга Чери, добила стотици илјади евра од владата за извршените услуги. Слична е ситуацијата и во Србија.
Локалните експерти велат дека поради тоа, но и поради недостигот од транспарентност во врска со договорите со институтот на Блер, алармот треба да биде активиран.
Во случајот со Албанија, „ова ги става Рама и Блер во клиентелистички односи“, вели Ригел Џемолари, антикорупциски активист и извршен директор на невладината организација Граѓанскиот отпор, со седиште во Тирана.
Африм Красниќи, извршен директор на Институтот за политички студии, за БИРН изјави: „Во нормална ситуација во која владее правото, целиот овој процес требаше да се истражи“.
„Изјавата од владата дека консултантот нема финансиска корист од буџетот е недоволна, шпекулативна и создава уште повеќе сомнежи за содржината на договорот и видот на обврската“.
И Институтот на Тони Блер и Омниа стратеџи на Чери Блер – која е специјализирана за меѓународно решавање спорови и арбитража – негираа каков било конфликт на интерес.
„Адвокатската фирма на госпоѓа Блер ја застапуваше владата на Албанија многупати како што има совршено право да го прави“, изјавија од Институтот на Тони Блер за БИРН, наведувајќи дека „адвокатската фирма нема никаква врска со работата на институтот“.
Од Омниа стратеџи, пак, велат дека: „Работата на Омниа, без разлика дали е во Албанија или на кое било друго место, нема никаква врска со работата на Институтот“.
Албанската влада не одговори на барањето за коментар.
Исплатливата арбитражна работа на Омниа на Балканот
Блер го основа „Институтот за глобални промени“ во 2016 година, нудејќи им консултантски услуги на владите со цел „да им помогне на политичките лидери да изградат отворени, инклузивни и просперитетни општества во светот, кој сè повеќе е меѓусебно поврзан“, пишува на веб-страницата.
Во 2021 година, институтот имаше 437 вработени, седиште во Лондон и три меѓународни центри во Акра, Сингапур и во Сан Франциско.
Непрофитниот институт имаше обрт од 81 милион фунти во 2021 година. Најголемиот дел од неговата работа е финансирана од приватни фондации, меѓу кои до април минатата година беше и Европскиот совет за толеранција и помирување, основан од рускиот милијардер Моше Кантор.
Институтот ги прекина врските со овој совет по руската инвазија на Украина, кога Кантор беше санкциониран од Обединетото Кралство поради неговите врски со Кремљ.
Претходно, во 2020 година, Блер беше претставен како потенцијален посредник меѓу Србија и Косово, во врска со неуспешниот договор за размена на територии и конечно решавање на нивните односи.
Џон Болтон, советник за национална безбедност на поранешниот претседател Доналд Трамп, во интервју за БИРН, изјави дека Блер – кој беше на власт во 1999 година, кога Велика Британија учествуваше во воздушните напади на НАТО врз Југославија за време на војната во Косово – понудил да биде „неформален посредник“ меѓу двете страни.
Рама жестоко го негираше тврдењето изнесено во тоа време дека ја поддржува идејата за размена на територии.
Последната вклученост на Блер во Албанија се совпадна со работата на неговата сопруга: податоците од албанското Министерство за финансии, во кои БИРН има увид, покажуваат дека Министерството за финансии извршило три исплати на Омниа меѓу 13 и 19 септември 2022 година, во вкупна вредност од 418.000 евра.
Во евиденцијата не е прецизирано за што се плаќањата, а од Омниа потврдија дека примиле пари без да кажат за што. Адвокатската фирма, со седиште во Лондон, претходно ја застапуваше Албанија во голем број арбитражни случаи пред меѓународните судови.
Првиот, во 2012 година, Омниа ја застапуваше Албанија во случај со американска нафтена компанија, вреден околу 300.000 евра.
Во 2015 година, фирмата доби 645.000 евра од албанската влада за правен совет во спорот со конзорциум составен од американската компанија Рапискан системс и локалната фирма С2 Албанија. Потоа, во 2018 година, Омниа беше ангажирана од албанското Министерство за земјоделство и рурален развој поради инвестициски спор со италијанската компанија Валерија Италија, за што ѝ беа исплатени 200.000 евра.
„Омниа беше ангажирана од Албанија, по заслуга, да постапи по прашањата по конкурентен процес на прибирање понуди и последователно даде позитивни резултати во сите три случаи“, изјавија за БИРН од Омниа стратеџи.
„Институтот за глобални промени“ и Омниа стратеџи работеа и за Србија: Институтот беше ангажиран во 2015 година за да помогне во подобрувањето на владините дигитални услуги, додека Омниа стратеџи во 2021 година беше адвокат на Србија во случајот што го покренаа три телекомуникациски компании против државата.
Портпаролот на институтот потврди дека сè уште работи со српската влада, бесплатно. „Ниту Тони Блер, ниту Институтот не добиваат пари од албанската влада или од српската влада“.
Работата на консултантската куќа, претходно беше критикувана од личности за човекови права.
Во 2013 година, Хју Вилијамсон, директорот на Одделот за Европа и Централна Азија на Хјуман рајтс воч, коментирајќи го двегодишниот договор со Казахстан, вреден 16 милиони фунти, рече дека жали што Блер не изразил никаква загриженост за кршењето на правата под тогашниот автократски режим на тогашниот претседател Нурсултан Назарбаев.
Судските записи покажуваат дека Омниа стратеџи, исто така, претходно ја застапувала црногорската влада во спорот со Адико банк АГ.
Фирмата ја застапува и украинската компанија „Сардич“, која бара отштета од македонската влада вредна 350 милиони евра поради губењето на концесијата за рудник во 2019 година.