Пред новиот протест на македонските студенти, зад нивните барања против примената на реформите во високото образование и државниот испит, застанаа стотици домашни и странски професори. Македонските професори велат дека ќе стојат зад своите студенти до крај.
Во пресрет на новиот протест на студентите во организација на Студентскиот пленум против најавените реформи во високото образование, а под мотото „Да го вратиме образованието на образованите“, зад своите колеги застанаа стотици домашни и странски професори.
Преку отворено писмо до Владата, повеќе од стотина професори од домашните универзитети порачаа дека се подготвени до крај да стојат заедно со своите студенти и апелираат да сопре постапката за измена на Законот за високо образование. Ако Владата се оглуши на овие укажувања, професорите ѝ порачаа да смета на „силен отпор во академската заедница и на соочување со сите негови академски и граѓански облици“.
Со отворена поддршка на македонските студенти се јави и меѓународната академска заедница, велејќи дека предложените измени не само што ја поткопуваат автономијата на универзитетите, туку и ја елеминираат.
Поддршката дојде од многу меѓународни професори, меѓу кои и најпознатиот филозоф на денешницата,
словенецот Славој Жижек, потоа Мајкл Харт од Универзитетот „Дјук“, писателот Тарик Али, како и Тод Мај, професор на Универзитет Клемсон во Вашингтон, филозофите Жак Рансиер и Алан Бадју, Сајмон Крчли, професор на „Њу скул Њујорк“, Марк Ленс, професор на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, Гал Кирн од Универзитетот Хумболт во Берлин, како и професорката Светлана Слапшак од Љубљана, како и од многумина други.
Со ваква поддршка зад себе, „Студентскиот пленум“ закажа нов протест за во петок во 14 часот соопштувајќи дека ќе биде „помасовно, побунтовно и покреативно, затоа што сите заедно сме посилни“. Последниот протест кој го организираа беше меѓу најмасовните во историјата на независна Македонија, кога на улиците на Скопје се собраа повеќе од 10 илјади студенти.
„Изгледа дека она што владата го подразбира под ‘јавна расправа’ е (консензуален) разговор на министрите и премиерот пред камери“, соопштија од Студенскиот пленум, алудирајќи на последната закажана јавна расправа, кога министерот Абдулаким Адеми избегна да се соочи со нив и ја пренамени јавната расправа во консултација, менувајќи ја локацијата на која требаше да се одржи.
Студентите го организираат овој протест откако измените на Законот ја поминаа расправата на Владата и беа изгласани, а сега преминуваат на гласање во Собранието. Министерот Адеми изјави дека биле организирани дебати на универзитетите и со претседателите на студентските парламенти, со СОНК, а се сретнале и со ректорските управи. „Впечатокот е дека дебатите беа конструктивни, добивме конкретни предлози за подобрување на законот и некои од предлозите ги прифативме“, изјави Адеми, иако не се сретна со студентите од Студентскиот пленум и нивните забелешки не се земени предвид.
Професорите од македонските универзитети во нивното писмо пишуваат дека „државниот испит не е ‘лекот’ за болестите од кои страда високото образование!“
„Ваквиот државен интервенционизам во автономијата на универзитетот е знак на непочитување, непризнавање и потценување на сопствената национална академска заедница, нешто што ниту една власт во светот не би го направила, доколку држи до националните вредности. Ова е директен удар врз уставно загарантираната слобода на образование, бидејќи државата одлучува кој може да дојде до диплома, а кој не е способен за тоа – и така го супституира универзитетот во етатистички манир. Доколку високото образование e неквалитетно и студентите не располагаат со потребните знаења, треба да се бараат причините, а не да се залечуваат последиците“, пишуваат професорите.
Нивните колеги од надвор од земјаvа, пак, посочуваат дека „кога институциите на високото образование стануваат предмет на контрола на државата, критичкото размислување е заложник на диктатот на оние на власта. Едно општество не може да се развива во такви услови. Креативноста е задушена, критиката е немушта, независната мисла е укината. Предложените измени и дополнувања на Законот за високото образование, во прилог на други неодамнешни активности од страна на Министерството за образование и наука, не само што ја поткопаа автономијата на универзитетите, туку и ја елиминираа“.