Регион

Протест на „Жени во црно“, кои побараа отштета за убиените Бошњаци од Сјеверин

Организацијата, „Жени во црно“, ја одбележа 25-годишнината од смртта на 16 Бошњаци од Сјеверин, Србија, кои беа киднапирани и убиени од српските сили во БиХ.

Филип Рудиќ, Белград

Протест на активистите од „Жени во црно“ во Белград. Фото: Филип Рудиќ.

Активисти на организацијата, „Жени во црно“, во петокот, во Белград, одржаа протест и до Србија упатија барање да признае дека семејствата на жртвите од Сјеверин имаат право на отштета, но, и процесирање на командантите кои се одговорни за убиството на 16 Бошњаци, извршено во 1992 година.

На протестот, од безбедносни причини, беше присутна и полицијата, а активистите, кои што стоеја на улицата Кнез Михајлова, во рацете држеа транспаренти со испишани имиња на жртвите, како и со натписот „Се сеќаваме на злосторството од Сјеверин“.

„Денес сме тука да побараме од Србија да им го признае правото на отштета на семејствата на жртвите од Сјеверин“, рече активистот, Милош Урошевиќ.

Урошевиќ додаде дека официјалниот „изговор“ на власта, за неисплаќањето на одштета, е дека злосторството не било извршено на територијата на Србија.

За потсетување, на 22 октомври 1992 година, за време на војната во Босна и Херцеговина, автобус во кој се возеле 16 Бошњаци од Сјеверин, бил запрен во местото Миоче, БиХ, во близина на границата со Србија, од припадници на единицата „Одмаздници“, која дејствувала како дел од војската на босанските Срби.

Откако ги провериле сите лични карти на патниците, припадниците на„Одмаздници“, од автобусот симнале 15 мажи и 1 жена, Бошњаци.

Тие потоа ги транспортирале во еден мотел во босанскиот град Вишеград, ги претресле и ги претепале. Подоцна биле однесени на бреговите на реката Дрина, каде биле застрелани.

Судот во Белград, во 2005 година, во врска со овој инцидент, ги осуди босанските Срби, Милан Лукиќ, Оливер Крсмановиќ, Драгутин Драгичевиќ и Ѓорѓе Шевиќ, за воено злосторство против цивилното население.

Лукиќ, кој бил командант на „Одмаздници“, за воени злосторства беше осуден на доживотен затвор и од Хашкиот трибунал.

„Фондот за хуманитарно право“ од Белград, поднесе барања до српските судови, на убиените да им биде доделен статус, жртви на војната, но беа одбиени, бидејќи киднапирањата и убиствата се случиле надвор од Србија.