Актуелно

Протест во Скопје, побаран прекин на преговорите за името

Демонстрантите немаа среќа со времето, но дојдоа подготвени | Фото: БИРН

Ако 11-милионската Грција собра 140 илјади луѓе на плоштадот „Синтагма“ во Атина, на протест за името Македонија што официјално не го поддржа ниту една од големите партии, еквивалентниот одговор на двомилиоската Македонија требаше да биде собир од околу 25 илјади учесници.

Оваа бројка можеби беше далеку од достижна вечерва на улицата „11 Октомври“ пред Собранието поради различни причини, најмногу поради снегот. Сепак, со оглед на околностите (и метеоролошки и политичко-логистички), присуството на пет до десет илјади луѓе вечерва во Скопје ги задоволи организаторите.

Свирежи и за Владата и за ВМРО – ДПМНЕ

Како власта да го чувала снегот за да им го пушти со топови, велеа дел од присутните | Фото: Роберт Атанасовски

„Македонија, Македонија“ почна да се скандира под големиот знак „ЕУ за тебе“ испишан на целата фасада на зградата на Европската унија, додека од слабото озвучување се слушаше „Проклети да се предавниците“. Улиците беа затворени уште откај Соборниот храм, но демонстрантите ги собра на крстосницата меѓу поранешна „Нова Македонија“, ЕУ и НЛБ Банка.

Kога поворката  се придвижи кон парламентот сѐ уште беше фазата кога луѓето од другите градови преку телефон си разменуваа насоки како да се најдат со оние со кои што заедно тргнале. Иако разретчена, колоната беше мошне долга. Демонстрантите се пробиваа низ снегот за кој велеа дека „како власта да го чувала во топови за да им го пушти токму денеска“.

Како што поминуваа покрај барокната фасада на Министерството за правда, луѓето свиркаа и викаа „уа“. Но тоа не беа извици насочени само кон владината институција, туку и кон големата неонска табла „ВМРО-ДПМНЕ ОК ЦЕНТАР“, која не беше вклучена. Разочарувањето дека ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа овие протести беше очигледно кај голем број присутни.

Разочарувањето дека ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа овие протести беше очигледно кај многумина | Фото: БИРН

Околу малата бина на работ на паркот „Жена-борец“ се собра маса народ што се протегаше од споменикот на Никола Карев до семафорите пред порта Македонија. Писателот Ефтим Клетников го отвори собирот со многу пати слушнатите пароли дека името и идентитетот се исто, Владата не е избрана од народот, но и со пораки дека Европа не вреди за жртвата што се бара од македонскиот народ, а потврда за тоа биле Бугарите, Романците, Хрватите, па дури и Словенците.  Додаде дека промената на идентитетот би била врвно злосторство.

Говорниците беа внимателни, но не беа такви и поединци меѓу слушателите, кои извикуваа од пцости до смртни закани кога ќе ги слушнеа имињата на личности што не им се допаѓаа. Се обратија и претставници од дијаспората од Германија и од Швајцарија, кои беа пофалени дека финансиски го помогнале одржувањето на протестот. Но дека без партија тешко се наоѓаат ресурси се виде и по тоа што веќе на аголот кај првата зграда до Собранието не се слушаше ништо. Две повозрасни жени ги вееја своите знаменца сокриени под стреата за да се заштитат од снегот?

Дијаспората беше пофалена дека финансиски ги помогнала протестите | Фото: Роберт Атанасовски

„Кој зборува“?, праша едната.

„Жена е, веројатно Виолета Ачковска“, одговори некој од присутните.

„Таа ми е пријателка на фејсбук, многу ја почитувам“, се пофали учесничката на протестот.

Но бидејќи во тој дел од улицата повеќе се разговараше за продажба на автомобили наместо за темата на протестот, оние што сакаа да ги слушнат пораките мораше да се збијат до сцената.

Со сите мир, но не со Владата

Организаторите беа задоволни од одзивот | Фото: Роберт Атанасовски

Време беше за Тодор Петров. Мошне толерантен на почетокот, порача дека им простил на напаѓачите што пред точно две години го претепале кога сакаше да стави темел за крст во Бутел. Продолжи дека на Македонците не им треба војна со Албанците и дека тие дури и не војувале меѓу себе во 2001 година, туку дека тоа била наместена војна од странските сили.

„Ние Македонците се залагаме за целосно помирување и градење цврсто пријателство со Република Грција, засновано на взаемно почитување, реципроцитет во меѓусебните односи и немешање во внатрешните работи“, рече Петров.

Не беше толку мек кон Владата, на која ѝ порача дека ако го прекрши Уставот со промената на името ќе биде кривично одговорна за велепредавство и ќе заврши во затвор.

Најеуфорични беа членовите на организациите брендирани со црни униформи и со беретки | Фото: Роберт Атанасовски

Владиките Петар и Агатангел дојдоа на ред. Господин Петар порача дека само Господ може да ја зачува Македонија и повика на сплотеност меѓу македонскиот народ насекаде, за одбрана на националните интереси. Рече дека било лага оти Црквата била пасивна по националните прашања, и посочи каде ја вложува надежта да не се смени името на државата.

„Грците, со тоа што нема да отстапат од своите црвени линии, ќе ѝ го спасат името на Македонија“, рече Петар, додавајќи дека по овој собир Владата ќе се подзамисли дали да продолжи да прави отстапки.

Обраќањето на владиката Агатангел, кој по изјавата против премиерот Зоран Заев дадена за локални телевизии во Штип стана своевиден херој на фесјбук-движењето за одбрана на името Македонија, требаше да биде кулминацијата на собирот, нешто како македонскиот Микис Теодоракис. Но веќе беа поминати два часа од собирот и повеќе од половина учесници си отидоа.

Оние што останаа до крајот, пак, ја задржаа еуфоричноста. Најмногу припадниците на здруженија како МОС, „Христијанско братство“ и други брендирани во црна облека, со беретки, а некои и со маски. Иако се повикуваше да нема инциденти, сепак настрада  едно грчко знаме, кое неколкумина учесници го запалија.

[cincopa AgAAxI-G-bwd]