Вести

Владата го разреши Џејсон Мико од позицијата почесен конзул

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

На предлог на Министерството за надворешни работи,Владата  го разреши Џејсон Мико од позицијата почесен конзул на Македонија во Тусон, Аризона, САД , на која беше именуван во 2013 година.

Како отворен лобист за интересите на ВМРО-ДПМНЕ, Американецот Џејсон Мико пишуваше колумни во „Дневник“ се до затворањето на весникот и неговите колумни ги преземаа и цитираа медиумите под капа на ВМРО ДПМНЕ. Во колумните се потпишуваше како „менаџер за односи со јавноста од Аризона (САД) и долгогодишен набљудувач на состојбите во Македонија и во југоисточна Европа“.

Но, неговиот ангажман вклучуваше и консултантски услуги за кои беше платен од  буџетот. БИРН дојде до два договори со кои Министерството за одбрана го ангажира Мико во 2015 и 2016 година за интелектуални услуги во вкупна вредност од  17 илјади 875 американски долари

Во 2015 година Зоран Јолевски тогашниот министер за одбрана го ангажирал Мико за интелектуални услуги од делокругот на нарачателот а особено за „ работи кои се однесуваат на информирање на домашната и странска јавност за активностите од областа на одбраната“. Договорот е склучен на 17 септември 2015 и важел за периодот од 04.08 до 31.10. 2015 во вредност од 11.375 американски долари.

Во 2016 година, Јолевски повторно потпишува договор со Мико за информирање на домашната и странската јавност за активностите од областа на одбраната, како и покривање на самитот на НАТО во Варшава, за што на Мико треба да му се исплатени 6.500 долари.

Пред да биде платен од буџетот, Мико беше и лобист за ВМРО. Според документите заведени на Американската агенција за регистрација за странски соработници ФАРА,  ВМРО-ДПМНЕ за 7,500 долари го ангажирала Џејсон Мико да дава консултантски услуги непосредно пред изборите 2006 кои се одржаа на 5 јули, на кои партијата дојде на власт. Договорот е потпишан на 29 мај, 2006 меѓу Мико и Гордана Јанкулоска која тогаш беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.