Регион

Проверка на факти: Дали со апсењата за воени злосторства, Србија неправедно ги таргетира граѓаните на БиХ?

Се поставува прашањето дали постапките на српските власти се законски оправдани

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Кога поранешниот полициски функционер, Един Врањ, минатиот викенд беше уапсен при влез во Србија, под сомнение дека извршил воени злосторства над воени затвореници за време на конфликтот во БиХ 1992-1995, дел од официјалните претставници на БиХ реагираа луто.

Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина во вторникот издаде соопштение за јавноста, во кое ги повикува „сите државјани на Босна и Херцеговина, кои на кој било начин биле вклучени во одбраната на БиХ во периодот од 1992 до крајот на 1995 година, да не патуваат во Република Србија“.

„Предупредувањето се издава поради ризик од апсење и процесирање во Република Србија по обвиненија за воени злосторства, и врз основа на претходните случаи на апсење на државјани на БиХ, против кои не се водат судски постапки во Босна и Херцеговина, ниту, пак, правосудните органи на БиХ ги товарат за воени злосторства“, соопшти Министерството за надворешни работи.

Двајца членови на тричленото претседателство на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, во заедничка изјава нагласија дека апсењето на Врањ е „злоупотреба на принципот на универзална надлежност во процесирањето на воените злосторства“.

„Фактот дека, од една страна, српските власти го штитат осудениот воен злосторник, Новак Ѓукиќ, како и цела низа осомничени за геноцидот во Сребреница и за други злосторства, а од друга страна, континуирано апсат припадници на вооружените и полициските сили на РБиХ, јасно укажува дека вистинската цел не е гонење на воените злосторства, туку селективен прогон со политички мотиви“, се вели во нивното соопштение.

БИРН спроведе проверка на фактите за некои од тврдењата, која покажа дека Србија може да го оправда апсењето на Врањ во правна смисла, но дека нејзините постапки во таквите случаи, ги нарушуваат односите со соседните држави, земји на поранешна Југославија.

Дали босанските граѓани кои беа против српските сили можат да бидат уапсени ако ја посетат Србија?

Припадник на граничната полиција на Србија. Фото: mup.gov.rs

Имаше неколку такви апсења, иако се проценува дека секоја недела во Србија влегуваат неколку илјади Босанци. Во изминатите четири години, од 2018 до 2021 година, при преминувањето на границата, на српска страна уапсени се тројца воени ветерани.

Во јули 2018 година, српската полиција го уапси воениот командант на воениот затвор во населбата Храсница во Сараево, Хусеин Мујановиќ, а во ноември 2019, го уапси поранешниот босански војник, Осман Османовиќ.

Најпознатиот случај во кој беше уапсен босански државјанин за злосторства во Босна и Херцеговина, беше случајот со Илија Јуришиќ, некогашен припадник на полицијата на БиХ, кој беше обвинет за напад врз колона на војници на Југословенската народна армија (ЈНА), кои се повлекувале од босанскиот град Тузла во 1992 година. Апелацискиот суд во Белград го ослободи од обвинението во 2016 година, по правната битка која траеше од 2007 година, кога Јуришиќ беше уапсен на белградскиот аеродром.

Дали Србија го штити Ѓукиќ и други лица, кои БиХ ги бара за воени злосторства?

Новак Ѓукиќ во судница за време на судењето во Сараево | Фото: Суд на БиХ

Ѓукиќ, воен командант на тактичката група Озрен на војската на босанските Срби, во БиХ беше осуден за давање на наредба за гранатирање на Тузла во мај 1995 година. Во нападот загина 71 лице.

Тој има српско државјанство и во 2014 година, наместо да се јави на издржување на казната, избега во Србија. БиХ побара од Србија да го преземе извршувањето на пресудата, врз основа на договорот за правна соработка меѓу двете земји.

Но, поради здравствената состојба на Ѓукиќ, Вишиот суд во Белград, пет години постојано го одложува случајот. Во меѓувреме, српското Министерство за одбрана промовираше книга во која се тврди дека обвиненијата против Ѓукиќ се лажни.

Неколку босански Срби за кои беше наведено дека се виновни или против кои беше поднесено обвинение за воени злосторства, злосторства против човештвото или за геноцид во БиХ, денес живеат слободно во Србија, бидејќи имаат српско државјанство и не можат да бидат екстрадирани за овие дела.

Таков пример е случајот со Мирко Вруќиниќ, поранешен полициски началник на кого во БиХ му се судеше за злосторства против човештвото сторени во 1992 година во Сански Мост.

Вруќиниќ не се појави на рочиштето што беше закажано во август 2020 година, бидејќи избега во Србија. Судот на БиХ тогаш утврди дека Вруќиниќ официјално добил српско државјанство во септември 2020 година, со што беше заштитен од екстрадиција.

Дали е законски Србија да го гони случајот Един Врањ?

Зградата на одделението за воени злосторства при Вишиот суд во Белград и на Обвинителството за воени злосторства | Фото: БИРН

Според српскиот Закон за организација и надлежности на државните органи во постапките за воени злосторства, Србија може да обвини лица  осомничени за злосторства „сторени на територијата на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, без оглед на националноста на сторителот или на жртвата“.

Овој закон ѝ дава на Србија универзална надлежност да ги гони сите злосторства извршени во сите земји на поранешна Југославија, за време на војните во 90-тите години.

Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, во својата анализа објавена во 2018 година, вели дека „според принципот на универзална јурисдикција, спроведувањето истраги и поднесувањето обвиненија против странски државјани, законски кажано, е можно“.

„Меѓутоа, практиката на гонење државјани од другите земји на поранешна Југославија заслужува критика, бидејќи таквата практика е спротивна на самите основи на регионалната соработка – имено, на меѓусебната доверба и почит и избегнувањето на правни несигурности за државјаните на државите наследнички на поранешна Југославија“, стои во анализата на ФХП.

Тврдењата на Србија дека има универзална јурисдикција, ги налутија Хрватска и БиХ, што може да го попречи напредокот на Белград кон членство во ЕУ.

Зошто Србија не ги екстрадира осомничените за воени злосторства во БиХ?

Поранешниот министер за правда на БиХ, Бариша Чолак (лево), и неговиот српски колега, Никола Селаковиќ, потпишаа договор за екстрадиција во Белград, во септември 2013 година | Фото: mpr.gov.ba.

Според српскиот Закон за меѓународна правна помош во кривичнатa материја, еден од условите врз основа на кој Србија може да екстрадира некого, е лицето да биде странски државјанин, а не државјанин на Србија. Ова им овозможи на некои осомничени и обвинети за воени злосторства во БиХ, со бегството во Србија и добивањето (или доколку претходно имале добиено) на српско државјанство, да ги избегнат кривичните постапки или издржувањето на затворските казни.

Србија има дополнителни договори со разни други земји за судска соработка и за соработка по прашањата за екстрадиција. Еден таков е склучен и со БиХ во 2013 година. Според тој договор, Србија може да ги екстрадира своите граѓани во БиХ и обратно, ако станува збор за кривични дела од областа на организираниот криминал, корупцијата и перењето пари.

Договорот вели дека ова, исто така, може да се примени и за „други тешки кривични дела“, но не и за делата „геноцид, злосторства против човештвото и воените злосторства“.

Меѓутоа, според законот, Србија е обврзана да екстрадира лица осомничени за воени злосторници во меѓународниот суд на ООН во Хаг.

Milica Stojanovic