Уредници и новинари од Курир, Сител, Република и ТВ Нова се официјални претставници на новиот синдикат на новинари кој вчера и официјално беше впишан во Централниот регистар под името Независен синдикат на новинари на Македонија (НСНМ).
Станува збор за паралелен синдикат, со оглед на тоа што новинарите и медиумските работници веќе шест години имаат свој синдикат, ССНМ.
Претседател на новиот синдикат, според Централниот регистар е Градимир Марковски, уредник во ТВ Нова. НСНМ има и свои подружници – претседател на синдикалната организација на ТВ Сител е Ивона Талевска, на Република – Билјана Бабиќ, a на Курир – Ивана Ефремовски.
БИРН веќе пишуваше дека голем дел од вработените во провладините медиуми се соочувале со притисоци при потпишувањето на членството во новиот синдикат. Дел од новинарите кои одбивале да ги потпишат пристапниците, според информациите од новинарите кои не сакаа да зборуваат јавно, наишле на закани дека ќе бидат избркани од работа, дека нема да добијат плата и сл.
„Дојде главниот уредник и рече дека колку пристапници донел во редакцијата, исто толку, само потпишани, мора да ги врати“, сведочеше за БИРН новинар од провладин медиум пред 5 месеци.
Градимир Марковски, претседателот на новиот синдикат, не одговараше на нашите телефонски повици за да образложи од кои причини е формиран, кои се целите на НСНМ и колку членови има. Ивана Ефремовски од Курир, пак, ни изјави дека нема информации колку членови брои новиот синдикат.
Веста за новиот синдикат е само последна од низата случувања, официјални или на ниво на шпекулации, кои говорат за тектонски поместувања во медиумската индустрија. Во ТВ Телма имаше постапки за отпуштање на новинари како технолошки вишок, во Медиа Принт Македонија (МПМ) во тек се отпуштања на девет вработени од Вест, тројца од Утрински весник и двајца од Дневник. Се шпекулира и дека на 35 вработени од ТВ Нова нема да им бидат продолжени договорите за вработување.
Последниов период, беа сменети управителите од два медиума, а оф-шор фирмата „Иресине Лимитед“ од Белизе излезе од сопствеништвото на „Република“ и сега директор и сопственик е Доне Доневски.
Наместо Јана Станисављева, директорката на Интернет Груп Инвестмент (сопственикот на Графички центар, фирма газда на МПМ), нов директор станува Среќко Миодраговиќ.
И Симонида Кажиќ не е повеќе директор на ЦХС Инвест Гроуп ДООЕЛ, фирма сопственик на телевизијата Алфа. На нејзино место доаѓа извесен Бранислав Васиљевиќ од Србија.
Сите овие промени, новиот паралелен синдикат, отпуштањата, шпекулации за продажби или затворање медиуми засегаат стотици новинари и медиумски работници. Во меѓувреме партиите од големата четворка расправаат за избор на главниот уредник на МРТВ и членовите на новото ад хок тело за мониторирање на новинарските содржини во предизборниот период.