Анализи

Прв клик кон пристапноста

Институциите ќе ги прилагодат сајтовите за лицата со попреченост, но нееднаквоста останува

Движејќи се низ улиците на македонските градови, ретко може да се најдат рампи за пристапност. И тие што ги има, не се секогаш соодветни – стрмни се и одвај би можеле да ги користат родители со бебиња во колички.

А, за луѓето со физичка попреченост, ваквите рампи се практично бескорисни.

Освен што државава континуирано не успева да им помогне на луѓето со попреченост во физичкиот свет, таа доцни и со процесите за дигитална пристапност.

Ваквите мерки многу би им ги олесниле животите на лицата од оваа маргинализирана заедница, а се далеку полесни за имплементирање отколку обезбедување на физичката пристапност за секоја градба.

Минатиот месец, владата подготви предлог-закон со кој институциите ќе бидат обврзани онлајн-содржината да им биде пристапна и за лицата со физичка попреченост.

Тоа значи веб-страниците и мобилните апликации ќе мора да се разбираат преку најмалку две различни сетила (вид и/или слух) и сите интерактивни елементи да бидат употребливи, без разлика на начинот на кој се користат – со тастатура, гласовна контрола или со посебни уреди.

Сепак, овој закон не ги решава сите проблеми со дигиталната пристапност, бидејќи не го опфаќа приватниот сектор. Дополнително, Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) сè уште не ги покрива трошоците за дигиталните помагала, кои во 21 век им се потребни на лицата со попреченост.

„Ова е ново време. Многу е полесно да платиш сметки онлајн отколку одејќи по непристапните улици за да стигнеш до банка“, вели Кристијан Лазарев, лице со оштетен вид и активист за правата на луѓето со попреченост.

Основни пропусти на македонските веб-сајтови

Фотографија која прикажува рака на лице со оштетен вид како чита брајово писмо

Mакедонските веб страници се генерално слаби кога е во прашање пристапноста | Фото: Eren Li/Pexels

За да го користи интернетот, Лазарев употребува таканаречени читачи на екрани, апликации што на глас го читаат екранот. Бидејќи не можат да ја видат визуелната содржина, лицата со оштетен вид не употребуваат глувче, туку нив ги навигира глас додека тие ги употребуваат стрелките на тастатурата.

Како ентузијаст за дигитални алатки, Лазарев лесно се снаоѓа онлајн. Но, вели дека неретко забележува пропусти на македонските веб-страници што ги прави понепристапни за луѓето со попреченост.

Како чест пропуст го напомена лошото обележување на сајтовите, со тоа што тие потешко се навигираат со читачите за екрани.

Мобилните телефони, исто така, имаат алатки со кои овие уреди се прилагодуваат на потребите на корисниците со попреченост. На пример, лицата со оштетен вид може да пишуваат пораки со помош на дигитална Брајова тастатура

Кога се вработувал како професор во училиште за лица со оштетен вид, Лазарев имал тешкотии при процесот електронски да извади државјанство. Меѓутоа, на крај успеал сам да го извади документот.

А во друга прилика, кога морал да го користи порталот на Управата за јавни приходи (УЈП), тој воопшто не можел сам да се снајде поради непристапниот дизајн на веб-страницата.

„Морав да се слушам со пријател и преку споделување на мојот екран (share screen), тој да гледа каде кликам за да ја завршам работата. Ама незгодно ми беше што тој пријател имаше увид во моите приходи“, раскажа за БИРН, Лазарев.

Проблеми со пристапност забележал и младиот програмер Стефан Кузмановски. Toj, заедно со тим, ја развил алатката AccessiScan за проценка на дигиталната пристапност на веб-страници за корисници со попреченост.

Со помош на вештачката интелигенција, AccessiScan може да врши континуиран мониторинг на сајтови, да детектира проблеми со пристапноста и да нуди решенија.

„Македонските веб-страници генерално се слаби кога е во прашање пристапноста и често користат застарена технологија“, објасни тој.

Еден вид основна грешка што Кузмановски ја забележал е неименувањето копчиња, односно полињата каде што корисниците може да кликаат.

Наместо да се именувани како „мени“ или „почетна страница“, овие полиња немаат никаква текстуална ознака, па затоа читачите на екрани ги толкуваат едноставно како „button“ (копче).

А со ова се отежнува корисничкото искуство на лицата со попреченост, бидејќи не знаат на кој дел од веб-страницата ќе ги однесе тоа копче.

Предлог-законот предвидува казни за одговорните лица, доколку некоја институција не ги исполнува обврските за пристапност. А, веб-страниците континуирано ќе треба да ги мониторира Министерството за дигитална трансформација

Друг основен пропуст е немањето таканаречен алтернативен текст на фотографиите и сликите со кој може да се опише што е прикажано на нив.

Иако алтернативниот текст не е видлив за повеќето корисници, тој е важен елемент за читачите на екрани, кои на глас го читаат овој опис за лицата со оштетен вид.

Лазарев ги посочи истите проблеми.

„Некој си ја крстил сликата ‘интро37’. Што ми значи мене тоа?“, рече Лазарев, покажувајќи ни како читачот за екран на неговиот компјутер „чита“ алтернативен текст на фотографија на веб-страницата на една институција.

Тој додаде дека дури понепристапни од државните се комерцијалните веб-страници, кои воопшто не се опфатени од новиот закон. Како особено проблематични ги потенцираше оние на сајтовите за онлајн-шопинг и на банките.

„На банкарската апликација што ја користам може само со глувче да се одреди дневниот лимит. Иако би сакал да ја намалам таа сума, едноставно немам можност“, раскажа активистот Лазарев.

Со технологија до рамноправност

Фотографија од лице со попреченост кое држи во своите раце Брајов дисплеј

Електронски уред што е особено важен за лицата со оштетен вид е Брајовиот дисплеј | Фото: БИРН

Програмерот Кузмановски вели дека бенефит од решавањето на ваквите грешки имаат и другите корисници, особено постари луѓе и други лица што потешко се снаоѓаат со дигиталните алатки.

„Ако некој не гледа добро бои, ќе има проблем со препознавање на различни копчиња доколку боите им се премногу слични. Доколку се решат таквите проблеми, подобро е корисничкото искуство на сите, а не само на луѓето со попреченост“, рече тој.

Професорката Катерина Здравкова, која предава на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје, го дели овој став.

Смета дека програмерите и ИТ професионалците треба да размислуваат од перспектива на универзалниот дизајн што е функционален, пристапен и лесно употреблив за сите корисници, без разлика на нивните способности.

Во соработка со центарот за деца со Даунов синдром во мај 2019 година, под нејзино менторство, група студенти од ФИНКИ изработиле неколку апликации за стекнување основна писменост.

„За луѓето со попреченост, овие алатки се многу повеќе од технолошки помагала, тие се средства за рамноправно учество во општеството“, рече проф. Здравкова.

Примери за вакви дигитални технологии се прилагодлив интерфејс, гласовна контрола, автоматски превод, алтернативни влезни уреди, како џојстици или модифицирани тастатури.

Електронски уред што е особено важен за лицата со оштетен вид е Брајовиот дисплеј, односно читач што пресликува она што е на екранот и „конвертира“ книги од дигитален формат во Брајово писмо, кое овие лица може да го читаат преку допир.

Конкретно овој уред, но и други електронски помагала, не се достапни на пазарот во Македонија. А дури и да би биле, повеќето лица со попреченост не би можеле да си ги дозволат бидејќи чинат од стотици до неколку илјади евра.

Во западните земји, ваквите помагала се често покриени од страна на државата.

„Мој пријател со оштетен вид се запиша на факултет во Австрија и самиот факултет доби бесплатен Брајов дисплеј само бидејќи е студент таму“, раскажа Лазарев.

Но, во Македонија, потребата од дигитални помагала сè уште не е препознаена.

Како активист, Лазарев разговарал со неколку различни директори на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Но, ниту еден од нив не ги гледа дигиталните алатки како нешто што треба да е покриено од фондот.

„Денес, дигиталниот свет е еднакво важен како и физичкиот. Така што, не ни е потребна само инвалидска количка, туку и помагала како аудио читач и Брајов дисплеј“, заклучи Лазарев.