Репортажи

Првата пресуда за „началникот“ поради избори во Струмица

„Со бегање не се решаваат проблемите, бегањето не е мој стил на живот“

„Мијалков оди во притвор“. Ова беше насловот на веста што новинарите ја подготвија на своите мобилните уште пред судијата и официјално да го испрати во Шутка поранешниот шеф на тајната полиција.

Се чекаше само судијата да потврди и на интернет да отиде веста дека Сашо Мијалков оди во притвор зошто е осуден на три години затвор, бидејќи незаконски влијаел врз локалните избори за градоначалник на Струмица во 2013 година.

Мијалков ја сослуша одлуката мирно, ги стави очилата и кратко го провери телефонот.

„Сите до еден да излезат, освен полицајците“, веднаш викна судскиот чувар.

Додека новинарите се симнуваа по скалите, нагоре се качуваше група од полициските Алфи. Надвор веќе имаше по некој специјалец од таканаречените „желки“.

А денови го делеа Мијалков од моментот кога требаше да излезе од домашен притвор за случајот „Империја“, со помош на начелното правно мислење на Врховниот суд, по примерот на Орце Камчев, Цветан Панделески и на Ненад Јосифовиќ.

Достоинствено, ама нервозно

Фатиме Фетаи побара притвор за Мијалков

Поранешниот директор на УБК достоинствено ја дочека пресудата, меѓутоа не му беше сеедно.

„Со бегање не се решаваат проблемите, бегањето не е мој стил на живот“, со овие зборови Мијалков ѝ се спротистави на обвинителката Фатиме Фетаи која побара притвор.

Стоеше додека го даваше исказот во судница и се чинеше дека внимава нервозата и разочарувањето да не му „излезат“ преку рацете со коишто гестикулираше како да објаснува некој сложен математички проблем. Ги бираше и зборовите, па така „началникот“ на чиј глас сѐ уште се навикнуваме, употребуваше зборови како „ретроспектива“, „наратив“ и „импликација“.

Она што успеа да го сокрие во судницата, не успеа да го скроти во ходникот додека ја чекаше одлуката за притвор. Тој исто како и поискусните новинари сфати дека притворот не му бега во оној моментот кога го забележа засиленото полициско присуство во холот и надвор пред судот.

Изгледаше како студент пред испит.

Нервозата ја смируваше прво со еспресото од судскиот кафемат, па со водата што му ја донесе еден од двајцата придружници. Оној вториот цело време му го држеше палтото.

Се јави на телефон, а црвенилото се обиде да го маскира со цинични насмевки додека срдечно си муабетеше со новинарите.

Обвинителката Фатиме Фетаи го пофали дека бил коректен за време на судењето, ама, сепак, побара да оди во притвор. Сега се зголемиле шансите да бега.

Со реторика која како и секогаш е на граница од театарски монолог Фетаи на долго и на широко објаснуваше зошто дел од поранешните членови на ДИК, треба само да се јавуваат во судот еднаш неделно, а зошто, пак, Бедредин Ибраими  и Сашо Мијалков би требало да се префрлат во Шутка.

Во првиот момент кога Фетаи го спомна Мијалков во исказот, го погледна и ги засука ракавите од синиот фустан.

Финишираше со реченицата дека бара притвор за поранешниот шеф на УБК и самоуверено седна.

„Едно ливче нека снема“ кобно за Мијалков

Локалните избори во Струмица кобни за поранешните членови на ДИК

Покрај Мијалков затворски казни од три години доби и лидерот на ДПА, Мендух Тачи и тројца поранешни членови на ДИК, додека четвртиот член на ДИК, Бедредин Ибраими доби казна од четири години и шест месеци.

Овој судски случај произлезе од прес-конференциите на СДСМ на кои се објавуваа прислушуваните разговори.

Ако се следи објавеното од „бомбите“ сѐ почнува со еден еуфоричен телефонски разговор меѓу Гордана Јанкулоска и тогашниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, Славе Гошев.

Гошев ѝ рапортира на Јанкуловска дека нивниот кандидат за градоначалник, Васил Пишев, губи од Зоран Заев со 500 гласа разлика и предлага да направат инцидент за да има прегласување во трите избирачки места каде што сѐ уште не се избројани гласовите и каде што мнозинството гласачи се Роми.

Планот бил со прегласувањето да се намали цензусот и на тој начин да се осуети победата на Заев уште во првиот круг, a во вториот круг сите министри од ВМРО-ДПМНЕ да дојдат во Струмица и да агитираат за Пишев.

Во моментот гласачките места се затворени, маневарот е стеснет, меѓутоа, сепак, има предлог: „Не потпишувајте записници – приговори, нешто така, да се прегласа. Некое ливче нека снема!“, финишира разговорот.

Владејачката партија веднаш по првиот круг го обжалила гласањето во три избирачки места во Струмица, меѓутоа вредни за опсервација се причините поради кои ВМРО-ДПМНЕ бара поништување на гласањето.

Сугестијата „некое ливче нека снема“ се остварила во буквална смисла, односно ВМРО-ДПМНЕ барало да се поништи гласањето на избирачкото место 1.727, бидејќи во гласачките кутии имало токму – едно ливче помалку од бројот на лицата што гласале.

Ваквиот инцидент, да има помалку ливчиња отколку луѓе што гласале, не е предвиден со Изборниот законик и тој ја санкционира само спротивната ситуација, кога има повеќе ливчиња во кутијата отколку луѓе што гласале.

И покрај тоа, ДИК го прифатила овој приговор на ВМРО-ДПМНЕ и имало прегласување.

А, како и зошто ДИК го прифатила приговорот се дозна од другите „бомби“ во коишто Сашо Мијалков прво му се јавува на Мендух Тачи и бара да му нареди на својот сопартиец во комисијата, Бедредин Ибраими да гласа во корист на ВМРО-ДПМНЕ, по што Тачи го исполнува барањето.

Тука судиите ги виделе незаконското влијание на Сашо Мијалков врз изборниот процес и злоупотребата на службената должност на членовите на ДИК.