На годинешниов Први мај има многу причини за незадоволство и за протест, а поради симболиката на денот, треба да протестираат сите, велат за БИРН претставниците на повеќе синдикати и движења. Но, остварувањето на работничките права во земјава е отежнато поради разединетото синдикално движење, додаваат тие.
Сојузот на синдикатите на Македонија ќе одржи протестен марш од пред зградата на ССМ, а се очекува со различни активности и другите синдикати да го одбележат Меѓународниот ден на трудот.
Според дел од претставниците на синдикатите, состојбата со работничките права во земјава малку се подобрила со зголемувањето на минималната плата, но тоа ни од далеку не е доволно за работниците да бидат задоволни, пред сѐ, бидејќи и натаму не е воспоставен социјален дијалог во кој тие ќе бидат рамноправен партнер.
Според Пеце Ристески, претседателот на СИЕР, синдикатот на работниците во индустријата, енергетиката и рударството, Први мај е денот кога секој работник, како граѓанин што живее од наемниот труд, треба да излезе на протестен марш, без разлика дали се чувствува задоволен од своите работни услови или не.
„Први мај е Први мај, без разлика каква е состојбата. Тоа не е политичка активност, туку синдикална активност на една категорија граѓани, работници што живеат од наемниот труд. Ние решивме преку марш јавно да ги промовираме нашите барања да се подобри статусот и стандардот на работниците. Има подобрување, се зголеми минималната плата, но другите плати не го следат тоа, па добиваме една урамниловка“, вели тој.
Според Ристески, отворено прашање останува и Законот за работни односи, кој сѐ уште не е донесен и е во план да се донесе во периодот меѓу септември и декември. За дел од одредбите се согласувале со владата, но за доста точки имале различно мислење.
„Има и други отворени прашања, како правата на работниците што остануваат без работа итн. Но, над сѐ, Први мај е заеднички празник на сите. Тој ден треба да протестираат и работниците што се задоволни, зашто синдикатот е солидарна организација и е повеќе од потребно тие да ја дадат поддршката на оние каде што не чинат состојбите“, додава Ристески.
За Мариглен Демири, истражувач во Институтот за општествени и хуманистички работи и активист за работничките права, тие не се ниту на периферијата на агендата на политичките партии и политичките интересирања во земјава, и тоа е повеќе од доволна причина за овој Први мај да се излезе на протест.
„Треба да се протестира затоа што работничките права од година во година, со секој закон за работни односи, со секоја пракса на прекршување, се намалуваат, како и поради тоа што голем дел од нас и нашите познаници се работници кои во ситуација на периферен капитализам, во каков се наоѓа нашата држава, претставуваат само еден биолошки материјал за цицање и за експлоатација“, додава Демири.
Работниците во земјава со години не успеваат да испратат сериозна порака, која власта и работодавачите сериозно ќе ја сфатат, вели Пеце Грујовски од УПОЗ.
„Кога ССМ беше продолжена рака на бившата власт, со Живко Митревски, ние потпишавме повелба за солидарност во 2013 со повеќе други синдикати, на културата, новинарскиот, дипломатскиот, и организиравме протести. Кога се носеше законот за административни службеници што предвидуваше административец да може да биде отпуштен со една негативна оценка, се собравме 4.000 луѓе на протест. Оваа година повторно разделено ќе биде синдикалното движење. Пак сме три групи. ССМ ќе има свој протест, неколку синдикати од повелбата ќе имаат, и плус Конфедерацијата на слободни синдикати. Тоа е убава слика за тоа какво ни е синдикалното движење. Повеќе формални отколку суштински се тие протести“.
Како што додава тој, има некаков напредок во социјалниот дијалог, но сѐ уште нема вистинско поместување со кое работниците би го добиле статусот на рамноправен партнер во тој дијалог. Таквиот статус, нагласува Грујовски, тешко се добива со разединето движење.
За в.д. претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите, Ѕвездан Георгиевски, не е прашање дали и зошто треба да се протестира, туку како.
„Просто е фрапантно дека барањата на сегашните протести, всушност, се исти како и барањата од пред еден век – достоинствен живот за сите, регулирање на работното време и прекувремената работа, социјална и здравствена сигурност. Како ништо да не се променило“, вели Георгиевски.
Како што додава тој, она што се разликува од времето од пред еден век е парцијализацијата на работната сила, потклекната под притисокот на грубите неолиберални и глобалистички правила што го управуваат светот. Во тој контекст, вели Георгиевски, синдикалното движење не се снајде најдобро и не успеа до крај да го артикулира сопственото место во општеството како битен чинител и претставник на интересите на еден огромен дел од популацијата.
„Синдикатите (не само кај нас, туку и во светот), практично се скрајнати од општествената сцена, маргинализирани во јавниот дискурс и обезвреднети како фактор кој може и треба да влијае во донесувањето на политичките одлуки во однос на работничките права. Зашто сега не се работодавачите главниот проблем на работниците, туку политиките што ги регулираат нивните права“, вели тој.
Според Георгиевски, протестните паради и прошетки се во ред, ама се чини дека е време за размислување за редизајнирање на борбата за работнички права и создавање услови за поефикасно дејствување.