Интервјуа

Први мај: Сè уште има причини за протест

Интервју со Зоран Василески, правен советник при Хелсиншкиот комитет за човекови права

„Поразително е за нашето општество ако прифатиме за нормално странски работници тука да бидат третирани како робови“, вели во разговор за БИРН, Зоран Василески, долгогодишен активист и правен советник при Хелсиншкиот комитет за човекови права, околу актуелните случувања со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

По повод Први мај, Меѓународниот ден на трудот, БИРН разговараше со Василески во неговата канцеларија. Тој и другите советници нудат бесплатна правна помош на странки што се обраќаат до комитетот – право што го има секој граѓанин.

Меѓу другото, Василески советува работници за проблеми, како отпуштања, неисплатени плати, дискриминација и мобинг на работното место.

„Излегува дека за некакви стратегиски интереси, работничките права можат да бидат сведени на робовладетелски односи.“

Нашиот соговорник е особено критичен кон потенцијалните законски промени со кои се овозможува прекувремена работа подолго од осум часа неделно, во период од три месеци, кога станува збор за „работи од национален и стратегиски интерес за државата“.

Загрижен е поради тоа што во предлог-законот нема дефинирано горна граница за тоа колку ќе изнесува прекувремената работа.

„Излегува дека за некакви стратегиски интереси, работничките права можат да бидат сведени на робовладетелски односи.“

Најавувано е дека многу од работниците на автопатиштата од коридорите 8Д и 10 ќе бидат странци.

Василески се плаши дека со ова законско решение, странските работници може да станат нелојална конкуренција на домашните работници, а со тоа дополнително да се зголеми веќе високата ксенофобија кај македонските граѓани.

„Општо ќе се засили анимозитетот кон мигрантите, нешто што го гледаме како феномен во западните земји. Фактички, градежните работници во оваа држава со право би помислиле дека некој им ги краде работните места.“

Први мај денес: „Правдата зависи од работникот“

„Дали еден работник ќе ја истера правдата, сепак зависи од него“ | Фото: Роберт Атанасовски

За Василески, значењето на Први мај денес е уште поголемо од минатото, бидејќи по 137 години од првиот штрајк во Чикаго, работниците сè уште не ги уживаат сите права.

„Проблемите, како вознемирување на работното место, експлоатација, прекувремена и неплатена работа, незадоволително социјално и здравствено осигурување се останати“.

Како што раскажува тој, за време на пандемијата, кога имаше значително кршење на работничките права, дури 30 проценти од странките се обраќале до Хелсиншки околу работни спорови. Сега, таа бројка е двојно помала, но тоа не значи дека ситуацијата е сјајна за работниците.

Од своето искуство, тој укажува дека во борбата за права секогаш решавачка е заложбата и решителноста на самите работници.

„Значењето на Први мај е големо затоа што дали еден работник ќе ја истера правдата, сепак зависи од него, дали ќе се бори и дали ќе биде подготвен да издржи некои удари за да издејствува за повисоко добро.“

Според него, недоволен број работници го препознаваат Први мај како ден за протест.

„Веројатно поради тоа што во другите денови од годината се претежно експлоатирани, па тој ден го користат како за одмор.“

Василески ја потенцира и важноста од солидарност.

„Работните спорови често завршувале успешно кога работниците ја имале поддршката од своите колеги“, вели тој и потенцира дека солидарноста е особено важна за случаи на мобинг за кои нема материјални и писмени докази.

„Проблемите, како вознемирување на работното место, експлоатација, прекувремена и неплатена работа, незадоволително социјално и здравствено осигурување се останати“.

Тој истакнува дека впечатокот во јавноста е дека единствената причина зошто работниците ретко тужат кога им се повредени правата е бидејќи немаат доверба во судството. Поголем е стравот од работодавците и загубата на работното место доколку пријават, вели тој.

„Двајца работници од такси-компанија се охрабруваат да го пријавуваат својот работодавец за низа прекршувања на работнички права од неплатена прекувремена работа до давање пари на рака. Пријавуваме до Трудова инспекција, потоа двајцата добиваат отказ и парични казни затоа што го повредиле интерниот кодекс за однесување.“

Истовремено, проблем е општото верување кај работниците дека Трудовата инспекција е во дослух со работодавците.

Проблем се и неисплатените плати, особено кога се во прашање приватните фирми во стечај, ликвидација или, пак, многу долгови. Дури и да го добијат работниот спор, некогаш сè што му останува на работникот е судската пресуда.

„Сме имале случај каде што се работеше за отказ. Обезбедивме адвокат преку Министерство за правда, кој ја застапуваше странката на суд. Работничката беше презадоволна затоа што доби пресуда во нејзина корист, но ден денес ниту има кај да се врати на работа, ниту да ги наплати платите.“

Иако се генерално запознаени со своите права, Василески вели дека друга пречка за работниците е тоа што немаат доволно пари за да ангажираат адвокат. Неможноста да почнат навремена судска постапка ги прави работниците ранливи на законските рокови.

„Многу странки мислат дека ако поднеле во Трудова инспекција дека завршиле сè, па доаѓаат кај нас задоцнето“.

Кој е на страната на работниците?

„Животниот стандард на работниците би бил во полоша состојба без синдикатите“ | Фото: Роберт Атанасовски

Василевски проценува дека нема екстремни разлики меѓу работодавците од различни сектори, но одредени феномени се поприсутни во јавниот, а други во приватниот сектор. Додека во јавниот сектор работниците се соочуваат со дискриминација по етничка и политичка основа, во приватниот сектор работниците почесто работат прекувремено.

Според него, тие што се синдикално организирани, имаат поголем степен на заштита.

Некои синдикати дури имаат свој фонд за правна помош за членовите што не ги исполнуваат условите за добивање бесплатен адвокат преку Министерството за правда.

Работниците се соочуваат со повеќе проблеми во приватниот сектор токму поради реткото синдикално организирање, вели тој. Во јавниот сектор, пак, синдикатите се многу почести и можат да влијаат врз уредувањето на работното место, со тоа што, за да се донесат одредени одлуки, работодавачот мора да има согласност од синдикалниот претставник.

„Работниците некогаш се подготвени за „пореволуционерни“ акции, како генерален штрајк, од синдикалните лидери.“

Но, синдикатите секогаш не ги исполнуваат очекувањата на работниците.

Според Василески, работниците некогаш се подготвени за „пореволуционерни“ акции, како генерален штрајк, од синдикалните лидери.

Сепак, тој смета дека животниот стандард на работниците би бил во полоша состојба без синдикатите. Потенцира дека, особено во време на висока инфлација, синдикатите го направиле најголемиот притисок за зголемувањето на минималната плата.

„Колку и некогаш работниците да се разочарани од синдикалните лидери, сепак синдикатот како институција во минатото и денес е многу значајна.“

Василески ги гледа синдикатите како начин на организирање, кој низ историјата се покажал дека носи работнички победи. Ама посочува дека во одредени периоди, синдикатите може да бидат инертни и дека тој јаз треба да го надополнат активистичките кругови.

Синдикатите, исто така, се грижат само за своето членство, а не за сите работници.

Според Василески, и невработените треба да се третираат како работниците.

„Има еден момент во Законот за работни односи, каде што за работник се третира само тој што е вработен, а не тој што е по социјален статус и по средствата за производство работник, што го има само својот труд да го продаде на пазарот“.

За Василески, како работници треба да се сметаат сите оние што не се сопственици на бизниси и го заработуваат својот леб преку влегување во некаков работен однос со работодавец, без разлика дали тие во моментот имаат некаков ангажман.

„Недоволен број работници го препознаваат Први мај како ден за протест“ | Фото: Роберт Атанасовски

Василески е дел и од социјалниот центар „Дуња“, каде што се организираат филмски проекции, свирки, панел-дискусии и други дружби.

„Социјалниот центар „Дуња“ го прави возможен мостот меѓу младите и работниците. Младите како идни работници и работниците како луѓе, кои, покрај егзистенцијата, имаат и други потреби за култура и социјален живот“.

„Ако Македонија е социјална држава по член 1 од Уставот, дефинитивно, секогаш кога има судир треба да биде на страната на работниците“

Тој вели дека членовите на „Дуња“ често реагираат агитирачки и активистички на улиците или пред институциите, кога е во прашање некоја неправда или група граѓани што треба да се заштити.

„Без овие самоиницијативни групи и активистички организирања, битката за работничките права ќе биде оставена само на структури, кои до сега потфрлиле во многу наврати.“

Освен синдикатите и активистичките групи, Василески смета дека за правата на работниците треба да се бори и државата.

„Ако Македонија е социјална држава по член 1 од Уставот, дефинитивно, секогаш кога има судир треба да биде на страната на работниците. Тоа не би било спротивно со никакви економски и пазарни постулати, особено кога самата извршна власт призна дека многу работодавци ја злоупотребија инфлацијата“, заклучи Василески.