Имавме повеќе неуспешни обиди за интервју со актуелната претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, која го извршува вториот пратенички мандат во Собранието. Кај неа постојано се наѕираше колебање дали треба или не треба да проговори во јавноста по оставката на поранешниот премиер и лидер на партијата, Никола Груевски, дали треба да зборува отворено за судскиот процес, каде што е една од обвинетите за насилството во Општина Центар, но и за моменталните непрецизни позиции на партијата во однос на референдумот и Договорот од Преспа.
По повеќе разговори, Рангелова се согласи на прашањата да ни одговори писмено, а иако вообичаено е БИРН да ги прави интервјуата на директни средби, во случајов направивме отстапка поради фактот што ретки се пратениците од опозициската партија кои во последниов период се охрабруваат да направат чекор поинаков од мислењето на лидерот, како на пример да гласаат на референдумот на 30 септември, а уште помалку се тие што отворено признаваат дека најголемата опозициска партија се соочува со проблеми во функционирањето.
Даниела Рангелова е политиколог и член на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година. Работела во Комисијата за хартии од вредност, потоа два мандати како советник во Општина Центар, а од 2013 година е претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е нејзин втор мандат како пратеник во Собранието.
Рангелова вели дека нема информации за каков било договор меѓу пратениците од власта и од опозицијата за изгласување на уставните измени, а и не сака многу да говори околу владеењето на Никола Груевски. Во моментов, најважно ѝ е позиционирањето на ВМРО-ДПМНЕ во однос на евроатлантските интеграции, децидна е дека нема да гласа за уставните измени, но верува дека нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ “ ќе се исправи над сите предизвици и дека ќе зачекори по вистинскиот пат кон ЕУ и НАТО.“
„Мандатот на кој било лидер природно завршува по неуспешен обид да состави владина коалиција и по изгубени избори. Повлекувањето од лидерската позиција на Груевски беше принципиелен и очекуван потег од негова страна, пред сè како човек, но и како политичар, кој има одговорност кон партијата, и што е најважно кон државата. По пораз, голем маневарски простор нема, или сами ќе се повлечете или ќе ве сменат“.
Актуелната претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ најмногу го привлече вниманието со излегувањето да гласа на референдумот. Таа изјави дека гласала „против“ на референдумското прашање, но нејзиниот чекор не беше во согласност со изјавите на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој официјално кажа дека секој треба да постапи по своја волја, но на терен ситуацијата беше поинаква, ако се земе предвид дека најголемиот дел партиски членови и поддржувачи го бојкотираа гласањето.
По ваквиот чекор, партиските членови се соочија со притисоци и закани, физички беше нападнат поранешниот амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров, кој јавно изјави дека ќе излезе да гласа на референдумот, а фејсбук-профилот на Рангелова се наполни со напаѓачки пораки, кои сублимирано, оддаваа една единствена порака, а тоа е дека ги предала партијата и државата.
„Јас со крената глава и достоинствено на референдумот гласав „против“ Преспанскиот договор и тоа е во рамки на партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ – секој да одлучи по сопствено убедување. Јас дејствувам транспарентно во партијата и за мојот став дека сум против апстиненција или бојкот го информирав извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и не се каам поради тоа. Прашањето за името е натпартиско и за него треба да одлучуваат единствено граѓаните на Република Македонија, на референдум, затоа што само на тој начин ќе имавме јасна слика за волјата на граѓаните, дали сме „за“ или „против“. Но, за жал, по гласањето, јас и моите колеги бевме изложени на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот во јавноста преку социјалните мрежи, за кои сакам да останат избледнети спомени, кои ќе бидат заборавени во минатото“, вели таа со доза на разочараност бидејќи за ваквите притисоци немало никаква реакција ниту заштита од партијата.
„Не сакам да помислам дека ваквите закани се оркестрирани од некаков центар на интерес, но останува фактот дека партијата не се огласи со осуда и реакција на ваквиот низок степен на примитивизам кој преовладува на социјалните мрежи“.
Рангелова потенцира дека би била среќна ако и нејзините колеги пратеници се охрабреле да гласаат против Договорот, но тврди и дека секој на крај сам одговара за својата одлука и постапки.
„Ги ценам нивните постапки и различни мислења и ја почитувам нивната одлука бидејќи оваа пратеничка група поминува низ многу премрежја, и тоа не по наша вина“.
Прашањето за името е натпартиско и за него треба да одлучуваат единствено граѓаните на Република Македонија, на референдум, затоа што само на тој начин ќе имавме јасна слика за волјата на граѓаните, дали сме „за“ или „против“
ВМРО-ДПМНЕ не ја одигра вистинската улога во процесот, вели таа, за што впрочем говорат и критиките од страна на шефот на Европската народна партија, Жозеф Дол, кој на Твитер напиша: „Се очекува важна одлука за иднината на поранешната Југословенска Република Македонија и целиот регион во рамките на ЕУ и НАТО. Останувам разочаран од улогата на опозицијата во овој процес досега, конструктивната соработка мора да преовлада над бојкотот. Дијалог меѓу власта и опозицијата е неопходен, бидејќи ова е важен дел од полноправна демократија“. Критиката на Дол, според Рангелова, мора сериозно да биде сфатена, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е дел од ова семејство на европски десничарски партии.
„Токму затоа, мојот глас ‘против’ на 30 септември е израз на конструктивност, демократски капацитет и опозициско дејствување, а не израз на предавство, како што многумина сакаа да го прикажат. Знаете, ако сите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ излегоа и гласаа на референдумот ‘против’, ќе бевме мнозинство и на легитимен начин ќе кажевме ‘НЕ’ за Договорот. Ќе си ги одмеревме силите со СДСМ и убедливо низ бројки власта ќе се увереше дека води погрешна политика што граѓаните не ја поддржуваат. ВМРО-ДПМНЕ е уставотворна и државотворна партија и не може да следи групи што заговараа бојкот од најразлични мотиви. Македонија мора да е дел од НАТО и јас сакам да ја видам како дел од Алијансата, и тоа е рационалното, поради што јас излегов да гласам. Јас ја спроведувам и се водам од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, во која децидно стои дека решението за името мора да помине на референдум“, вели Рангелова.
Товарот од бојкотот на референдумот сега паѓа врз пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, додава таа.
„Не би сакала последиците да бидат фатални, не само кон нас пратениците, туку и кон нашата партија и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, но едно знам, ништо не останува неказнето, секоја акција е во каузална врска со нашата иднина“.
Ќе гласам против уставните измени
Таа го даде својот глас на референдумот, но кратко објаснува дека дека нема да гласа за уставните измени, обврска што произлегува од Договорот во Преспа.
„Јас своето право како граѓанин го остварив на денот на референдумот, гласав и заокружив ‘против’, а како пратеник во Собранието на Република Македонија нема да гласам за уставни измени“, вели Рангелова.
Веднаш по референдумот, Мицкоски најави дека во периодот што следува во партијата ќе има „одредени кадровски поместувања и нови кадровски освежувања во партијата“, што го отвори прашањето дали тоа ќе значи и пресметка со неистомислениците во партијата.
„Јас верувам во партиски освежувања како што тој впрочем ги нарекува, но потенцирам дека притоа треба исклучиво да се води од принципот на добра проценка и избор на квалитетни и прогресивни кадри. Впрочем, во секое демократско општество и во секоја демократска политичка партија, во никој случај не е дозволиво санкционирање за искажан личен став и мислење по одредени политички состојби или потези, кои не би му се допаднале на раководството. Претседателот Мицкоски согласно Статутот има легитимно право да врши смени и освежувања во партиските органи. Со тимот што ќе го избере, тој треба да ги носи одлуките, но не само тоа, туку тој и одговара за донесените одлуки. Да, носете одлуки, но за нив имате одговорност пред членството на партијата и секако, пред државата“, смета Рангелова.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, во моментов, се соочува со судски процес за насилството во Општина Центар, кое се однесува на протестите пред објектот на Општина Центар во јуни 2013 година, откако на локалните избори победи тогашниот кандидат на опозицијата Андреј Жерновски и ВМРО-ДПМНЕ ја загуби власта во една од клучните општини.
Во овој случај, 14 лица се осомничени за насилство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски. Рангелова е осомничена и за случајот на Специјалното јавно обвинителство, „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата, но овој случај сè уште е во фаза на истрага. Таа вели дека не чувствува вина во ниту еден од двата случаи, но одбива да зборува повеќе на темата.
„Не чувствувам никаква вина, но не сакам да зборувам за ова за да не влијаам врз процесот. Верувам во судскиот систем и верувам дека мојата невиност ќе се докаже во постапките“.
Патот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се спојува со европскиот пат, а не да се разединува
По „падот“ на Никола Груевски, евидентно стана дека партијата која 11 години ја водеше државата се подели на повеќе табори и дека мислењата на партиските членови беа поделени во однос на тоа кој треба да биде наследникот на Груевски и во која насока треба да се движи партијата, овојпат како опозиција. Таа поделеност сè уште е застапена, голем број видни партиски членови во целост се повлекоа од јавноста, а кај многумина постои незадоволство од начинот на кој Мицкоски ја раководи партијата.
„Моменталната актуелна состојба во партијата зборува за одредени дисонантни тонови во контекст на идната поставеност на партијата, кои се движат од радикално десни позиции до централно десни позиции, но се надевам и верувам дека за кратко време состојбата ќе биде искристализирано чиста, особено ако се земе предвид дека нашата партија во фокус ја има евроантлантската интеграција и ова веќе одамна е апсолвирано прашање и не ни помислувам на друга опција“, вели Рангелова и додава дека во овој момент единствено ја загрижуваат пораките што секојдневно пристигаат на нивна адреса, а тоа се јасни и недвосмислени пораки од Европската народна партија, затоа што нашите патишта треба да се спојуваат на европскиот пат, а не да се разединуваат.
Моменталната актуелна состојба во партијата зборува за одредени дисонантни тонови во контекст на идната поставеност на партијата, кои се движат од радикално десни позиции до централно десни позиции
„Изолирана партија е партија без иднина“, вели таа.
ВМРО-ДПМНЕ изготви и нов предлог-статут на партијата, за кој Рангелова има низа забелешки, како од аспект на поставеноста на жените во партиските тела, така и за нивната процентуална застапеност.
„Јас не прифаќам декларативни заложби за присуство на жените во партиските тела, пред сè, кога се работи за една демократска партија со евроатлантски аспирации, каква што е нашата ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам дека и за „добрите“ и за „лошите“ страни на Статутот ќе се одлучува во рамки на партиските органи и тела и затоа во оваа фаза е навистина рано за каков било коментар или став. Да биде појасно, ако во семејството имате проблем или дилема, сите членови седнувате на маса, отворено ги аргументирате своите ставови и носите заедничко решение на проблемот. Вие го правите тоа, а не Вашите соседи, нели? Сосема е исто и на партиско ниво“.